Евла

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Евла
Црна евла (Alnus glutinosa)
Научна класификација
Царство: Растенија
Нерангирано: Скриеносеменици
Нерангирано: Евдикоти
Нерангирано: Розиди
Ред: Буковидни
Фамилија: Брези
Род: Евла
Mill.
Видови

~ 20–30 вида, во текстот.

Израсток на корењата на евлата

Евлата (науч. Alnus) е род на цветни растенија од фамилијата Брези (Betulaceae). Родот опфаќа 30 вида дрва и грмушки распространети ширум северниот умерен појас.

Опис[уреди]

Со неколку исклучоци, евлите се листопадни растенија со наизменични прости и назабени листови. Цветовите се во облик на реси од два пола на секое дрво. Машките реси се издолжени, а женските се пократки и често излегуваат пред да се појави зеленилото. Се опрашуваат претежно со ветерот, но и од пчели, во помала мера. Евлата се разликува од брезата (Betula, другиот род од фамилијата) по тоа што женските реси се дрвенести и не се распаѓаат кога ќе узреат, туку се отвораат и го ослободуваат семето слично како шишарките кај четинарите.

Најголеми видови на евла се црвената евла (A. rubra) што расте на западното крајбрежје на Северна Америка и црната евла (A. glutinosa), која е автохтона во речиси цела Европа и денес распространета низ светот. Обете надминуваат 30 м во височина. За разлика од нив, мошне застапената зелена евла (Alnus viridis) е грмушка која ретко надминува 5 м.

Во Република Македонија се среќаваат црната и зелената евла. Црната вирее во крајречните предели, додека пак зелената се среќава само на едно високо место на планината Беласица.[1]

Екологија[уреди]

Листовите (и напати ресите) на евлата се храна за разни пеперутки и молци.

Црната и зелената евла важат за штетни растенија во Нов Зеланд.[2]

Врзување на азот[уреди]

Евлата е значајна по симбиотичниот однос со актиномицетната бактерија Frankia alni што го врзува азотот. Бактеријата живее во јазлените израстоци на корењата што достигнуваат големина на тупаница, имаат мали вдлабнатини и по поја се светлокафеави. Бактеријата го впива азотот од воздухот и му го предава на дрвото. Евлата пак, на бактеријата ѝ дава шеќери, добиени со фотосинтеза. Поради овој заемно корисен однос, евлата ја подобрува плодноста на почвите кајшто расте, и како пионерски вид, придонесува со дополнителен азот за сукцесивните видови што ѝ следат.

Употреба кај луѓето[уреди]

Евла на грбот на Гросарл, Австрија

Деланките од извесни видови на евла се користат за чадење на разни прехранбени артикли, особено лосос и други видови морска храна.

Најголемиот дел од колците врз кои е изграден градот Венеција се добиени од евли.[3]

Кората на евлата ја содржи противвоспалителната супстанција салицин, која во телото се метаболизира како салицилна киселина.[4] Кората на црвената евла им служела на индијанците како лек против извесно труење, каснување од инсекти и надразнувања на кожата, лимфни заболувања и туберкулоза. Неодамнешните клинички испитувања укажуваат на присуството на бетулин и лупеол во црвената евла, кои се соединенија делотворни против разни тумори.[5]

Некои електрични гитари се прават од евлино дрво. Најпознати примери се „Фендер стратокастер“ и „Фендер телекастер“. Дрвото се кристи и во столаријата за изработка на креденци, регали и сл.

Класификација[уреди]

Родот е поделен на три подрода:

подрод Alnus: Дрва со изданоци со дршки; машките и женските реси излегуваат на есен, но презимуваат затворени, опрашувајќи се доцна во зимата или рано на пролет; околу 15–25 вида:

Листови на дамчестата евла (Alnus incana subsp. rugosa)
  • Alnus incana—бела евла[6] или сива евла
    • Alnus hirsuta (A. incana subsp. hirsuta)—влакнеста евла
    • Alnus oblongifolia (A. incana subsp. oblongifolia)—аризонска евла
    • Alnus rugosa (A. incana subsp. rugosa)—дамчеста евла
    • Alnus tenuifolia (A. incana subsp. tenuifolia)—тенколисна евла, планинска евла
  • Alnus japonica—јапонска евла
  • Alnus jorullensis—мексиканска евла (еден од неколкуте зимзелени видови)
  • Alnus mandshurica-манџурска евла
  • Alnus matsumurae
  • Alnus nepalensis—непалска евла
  • Alnus orientalis—источна евла
  • Alnus pendula
  • Alnus rhombifolia—бела евла, ромболисна евла
  • Alnus rubra—црвена евла
Листови на мазната евла (Alnus serrulata)

подрод Clethropsis. Дрва и грмушки со изданоци со дршки; машките и женските реси излегуваат на есен и тогаш се шират и опрашуваат; три вида:

подрод Alnobetula. Грмушки со изданоци без дршки; машките и женските реси излегуваат доцна на пролет (по раззеленувањето на лисјата) и тогаш се шират и опрашуваат; еден до четири вида:

Зелена евла (Alnus viridis)
  • Alnus viridis—зелена евла:
    • Alnus viridis subsp. viridis
    • Alnus viridis subsp. maximowiczii (A. maximowiczii)
    • Alnus viridis subsp. crispa (A. crispa)
    • Alnus viridis subsp. sinuata (A. sinuata) - „ситка“

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. „Евла“, „Македонска енциклопедија“. Скопје: МАНУ. 2009. стр. 510. 
  2. Clayson, Howell (мај 2008). „Consolidated list of environmental weeds in New Zealand“. Wellington: Department of Conservation. ISBN 978-0-478-14412-3. 
  3. Kendall, Paul (25 август 2010). „Mythology and Folklore of the Alder“. Trees for life. http://www.treesforlife.org.uk/forest/mythfolk/alder.html. конс. 6 август 2011. 
  4. Ewing, Susan. The Great Alaska Nature Factbook. Portland: Alaska Northwest Books, 1996.
  5. Edible and Medicinal Plants of the West, Gregory L. Tilford, ISBN 0-87842-359-1
  6. Листа на стопански важни шумски видови дрвја“. „Службен весник на РМ“ (Скопје) LXIV (131). 17 октомври 2008. ISSN 03541622. http://www.slvesnik.com.mk/Issues/E8CDF268E584E246933A925E00CC2C30.pdf. 

Надворешни врски[уреди]