Герман (митологија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Герман или Ѓерман е празник кој се празнувал во Србија, Бугарија и Македонија. Старите Словени кон своите возвишени божества во древните времиња принесувале и човечки жртви, со сопствениот развој и христијанските влијанија, човечката жртва ја смениле со фигури кои имале човечки лик (кукли). Божеството на плодноста било заменето со Св. Герман (Ш. Кулишиќ нагласува дека станува збор за цариградскиот патријарх кој живеел во 8-от век и кого го прогласиле за заштитник од грмотевиците и невремето и кон чиј лик Словените ги придодале и своите многубожечки верувања).

При силните грмотевици и невремето секогаш се повикувал Герман, него го повикувале старите и при вечерата на Бадник како заштитник. Долго време кај народот постоел обред да се жртвува кукла, а во некои краишта Св. Герман бил изработуван од глина или дрво. Во Тимочка Краина (Србија) кога владееле долги суши, обредно се вршело погребување на Св. Герман: две девојки прават кукла, ја погребуваат и плачат по неа, на прашањето зошто плачат тие одговараале бидејќи умрел Герман од суша, за да падне дожд. Во Лепеначкиот крај (Србија) обредот на погребувањето го прават жените со расплетени коси и тажаленки во кои се тажи за починатиот кој умрел од сушата.

Во Бугарија Герман се правел од глина или од стара метла и секогаш имал нагласен машки полни орган, куклата ја ставале во ковчег а над главата му палеле свеќа. Ковчегот го кителе со цвеќињата и со свештеникот кој го опејувал покојниот го погребувале до реката. По обредниот погреб сите останувале на ручекот “за Господ да го прости Герман”.

Користена литература[уреди]

  • Гордана Стојковска, „Речник на јужнословенска митологија“, 2004, Издавачки центар Три, Скопје ISBN 9989-918-97-X.