Географија на Танзанија

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Карта на Танзанија

Географијата на Танзанија е една од најразновидните и најкарактеристичните во светот. Ја опфаќа највисоката точка во Африка, врвот на планината Килиманџаро (5.895 м)[1] , како и разни езера, планини и многубројни природни паркови.

Североисточниот дел на Танзанија е планински. Најпознати планини во овој предел се Меру и Килиманџаро, кои се активни вулкани. Природната убавина и височината на Килиманџаро привлекува голем број на туристи.

Западно од планините се наоѓа националниот парк Серенгети, познат по годишната преселба на милиони белобради гнуа, како и поради изобилството на лавови, леопарди, слонови, носорози и биволи. Недалеку од паркот се протега клисурата Олдувај, каде се пронајдени многу од најстарите човеколики фосили и наоди. Во оваа северна област има и неколку солени езера, вклучувајќи го езерото Натрон кое претставува значајно место за размножување на фламинга и екорегион самиот по себе.

Уште позападно се наоѓа езерото Викторија, на тромеѓето КенијаУганда–Танзанија. Ова е најголемото езеро во Африка и извор на реката Нил. На југозапад се ноаѓа езерото Тангањика, кое ги ја Танзанија од ДР Конго. Се смета дека ова е второ по старост (и длабочина) во светот, по Бајкалското Езеро во Сибир. Западниот дел од земјата, помеѓу езерата Викторија, Тангањика и Малави се одликува со рамни предели кои Светскиот фонд за дива природа (WWF) ги смета за дел од екорегионот Среднозамбески миомбовски кории. Во појужните делови, на границата со Замбија, се сместени Каламбовските водопади, каде се пронајдени најраните наоди на употреба на дрво кај праисторискиот човек.

Во средиштето на Танзанија се издига голема висорамнина. Јужната половина е покриена со тревнати предели, кои влегуваат во екорегионот Источни миомбовски кории. Најголем дел од овие предели се дел од огромниот ловен парк Селус. На север оттука се протега обработливо земјиште и новиот главен град Додома.

Источното крајбрежје на Танзанија е топло и влажно. Тука се наоѓа најголемиот град во земјата - Дар ес Салам. Веднаш на север од градот е сместен островот Занзибар, кој е полуавтономна територија на Танзанија позната по производството на зачини. На север е помалку познатиот остров Пемба. Крајбрежјето е обраснато со Источноафриканските мангрови, кои се мангровски мочуришта, кои претставуваат важно живеалиште за копнените и водните видови.

Климата на Танзанија се движи од топла и влажна на крајбрежјето, до поумерена во извишените средишни предели. Земјата има две дождовни сезони - долга и обилна од март до мај, и пократка и посува од ноември до јануари.

Земјата се дели на 25 региони од кои 20 се копнени, три на островот Занзибар и два на островот Пемба.

Клима[уреди]

Земјата се одликува со тропска клима. Во планинските предели температурата се движи од 10 до 20 °C (студена и топла сезона). Во остатокот од земјата температурата ретко паѓа под 20 °C. Најтоплиот период трае од ноември до февруари (25-31 °C) а најстудениот трае од мај до август (15-20 °C).

Танзанија има два крупни врнежни региони. Еден е еднорежимски (од декември до април), а другиот е дворежимски (од октомври до декември и од март до мај). Првиот регион ги опфаќа јужните, југозападните, централните и западните делови од земјата, а вториот го опфаќа северот и северното крајбрежје.

Во дворежимскиот регион дождовите од март до мај се нарекуваат долготрајни дождови или „масика“, а дождовите што паѓаат од октомври до декември се нарекуваат краткотрајни дождови или „вули“.

Податоци[уреди]

Карта на националните паркови и заштитените предели во Танзанија

Местоположба: источна Африка, се граничи со Индискиот Океан, помеѓу Кенија и Мозамбик.

Географски координати: 6°00′ ЈГШ 35°00′ ИГД / 

Картографски наводи: Африка

Површина:
напомена: тука се вбројуваат островите Мафија, Пемба и Занзибар

  • вкупна: 945.087 км²
  • копно: 886.037 км²
  • вода: 59.050 км²

Копнени граници:

Крајбрежје: 1.424 км

Морски поседи:

  • исклучителна стопанска зона: 200 нми (370,4 км)
  • територијални води: 12 нми (22,2 км)

Терен: рамници долж крајбрежјето; централна висорамнина; планински предели на северот и југот

Висински крајности:

  • најниска точка: Индиски Океан 0 м
  • највисока точка: Килиманџаро 5.892 м

Природни ресурси: хидроенергија, калај, фосфати, железна руда, јаглен, дијаманти, драги камења, злато, земен гас, никел

Искористеност на земјиштето:

  • обработливо земјиште: 3%
  • трајни посеви: 1%
  • трајни пасишта: 40%
  • шуми и кории: 38%
  • друго: 18% (1993)

Наводнувано земјиште: 1.550 км² (1998)

Природни опасности: мувата цеце; поплавување на централната висорамнина во дождовната сезона; суша

Животна средина - тековни проблеми: осиромашување на почвата; обесшумување; опустинување; загрозување на морските живеалишта со уништување на коралниот гребен; неодамнешните суши ги погодиле периферните земјоделски активности

Животна средина - меѓународни договори:

  • потписник на: Биоразновидност, Климатски промени, Опустинување, Загрозени видови, Опасен отпад, Морско право, Забрана за атомски проби, Заштита на озонската обвивка, Мочуришта
  • потпишани, но нератификувани: Забрана за атомски проби

Географија - напомена: Килиманџаро е највисоката точка во Африка.

Важни географски подрачја[уреди]

Патна и железничка мрежа на Танзанија

Крајни точки[уреди]

Ова е список на крајните точки на Танзанија - најоддалечените места во земјата:

  • најсеверна точка - безимено место на границата со Уганда во реката Кагера, веднаш источно од угандскиот град Кикагати (регион Кагера)
  • најисточна точка - Мнази, (регион Мтвара)
  • најисточна точка (копнена) - безимен р‘т веднаш источно од градот Мвамбо (регион Мтвара)
  • најјужна точка - безимено место на границата со Мозамбик, во реката Рувума (регион Рувума)
  • најзападна точка - безимен р‘т веднаш западно од Уџиџи (регион Кигома)

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Ескпедиција за прецизно мерење на висината на Килиманџаро 2008. „Прецизно утврдување на ортометриската височина на планината Килиманџаро“. http://www.fig.net/pub/fig2009/papers/ts08c/ts08c_fernandes_teamkili2008_3438.pdf. конс. 12 мај 2009.  (англиски)