Велигден
Велигден или Воскресение Христово — најважниот верски празник во православниот календар. Христијанските верници со овој празник го прославуваат воскреснувањето на нивниот бог Исус Христос по неговата смрт со распнување околу 27-33 година од н.е. Тоа се случило на третиот ден по неговата смрт, сметајќи го и денот на смртта т.е. првиот ден, недела по Велики петок.
Сите христијани на тој ден се поздравуваат со поздравот: „Христос воскресна“ на што се одговара: „Навистина воскресна“.
Место во православниот календар
[уреди | уреди извор]Велигден и празниците што се поврзани со него се подвижни празници, тие не паѓаат на ист датум секоја година според грегоријанскиот (цивилниот календар) или јулијанскиот календар (кои го следат движењето на Земјата околу сонцето и годишните времиња). Тие се фиксни според месечевиот календар што е сличен, но не ист со еврејскиот календар.
Велигден се празнува по еврејскиот празник Пасха (хеб. песах), во првата недела по полна месечина, која што е на самиот ден на пролетната рамнодневница или непосредно по неа. Во периодот од 1900 до 2100 година Велигден може да се падне помеѓу 4 април и 8 мај.
Во православието, подготвувањата започнуваат со Великите пости. По петтата недела (ден) од великите пости доаѓа Цветната недела, која завршува со Лазарова сабота. Овој ден го означува завршетокот на Великите пости, иако празникот продолжува и следната недела.
Потоа доаѓа празникот Цветна недела (Цветници), Светла седмица, и најпосле самиот Велигден, и постот прекинува веднаш по Божествената литургија. По велигден следи Томината недела, за време на која нема постење дури ни во среда и петок.
Велигденската служба започнува на полноќ (почеток на Велигденското утро)[1]. Со тоа што оваа служба е на полноќ, на истата ѝ е загарантирано дека ниедна литургија нема да дојде пред неа изутрината. Ова се должи на фактот што Велигден се смета за „празник над празниците“.
Обичаи
[уреди | уреди извор]На Велики четврток се вапцуваат првите три јајца. Првото јајце е посветено на Бога, второто на домаќинот на куќата и третото за бериќет и среќа. Тогаш не смее да се вапсуваат други јајца. Порано се бојадисувале само црвени јајца, а се верува дека овој обичај потекнува од Марија Магдалена, која според Библијата, однела јајца обоени во црвена боја пред тогашниот римски цар Тибериј кога се дознало дека Христос Воскреснал. На Велики петок е строгиот пост. Правилниот пост е само да се пијат течности поточно вода, чај итн. На тој ден, Исус бил распнат. Христијаните во тоа време постеле од жалост. Бидејќи јадењето претставувало задоволство тие сметале дека не треба да јадат. Иако Велики петок е најтажниот ден за сите христијани во светот, Велигден веднаш по Божиќ се смета за најрадосен христијански празник. На велика сабота Исус веќе умрел. Тогаш, навечер се оди во црква и околу полноќ се кружи околу црквата, а потоа се кршат вапцаните јајца. Во неделата се мрси. На тој ден, Исус воскреснал. На ден Велигден, велигденскиот понеделник и вторник, кои се по него, православните христијани во светот се поздравуваат со Христос воскресна, и се одговара со Навистина воскресна.
Велигден како тема во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Големиот ден — Велигден“ — песна на македонската поетеса Христина Аслимоска од 2005 година.[2]
- „Велигден може да дојде“ — расказ за деца на македонскиот писател Киро Донев од 2013 година.[3]
- „Велигден, 1916“ (англиски: Easter, 1916) — песна на ирскиот поет Вилијам Батлер Јејтс.[4]
- „Спроти Велигден 1979“ — песна на македонскиот поет Анте Поповски.[5]
- „Истокот на Велигден“ (англиски: East At Easter) — песна на шкотската рок-група Симпл мајндс (Simple Minds) од 1984 година.[6]
- „Велигден“ (англиски: Easter) — песна од истоимениот музички албум на американската рок-музичарка Пати Смит од 1978 година.[7]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Велигденска зелена салата
-
Велигденска кошница
-
Велигденска трпеза
-
Велигденски јајца од Македонија
-
Велигденски јајца
-
Велигденски јајца со козињак
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Пресметување на датумот на Велигден
- Календар на Велигденски датуми
- Велигденски јајца
- Воскресение Христово
- Марија Магдалена
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Воскресение Христово (Велигден), preminportal.com.mk
- ↑ Христина Аслимоска, Разделба со детството. Скопје: Детска радост, 2005, стр. 18.
- ↑ Киро Донев, Приказни од куќичката на дрво. Скопје: Македоника литера, 2013, стр. 66-67.
- ↑ Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 99-103.
- ↑ Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 91.
- ↑ Simple Minds – Sparkle In The Rain (пристапено на 8.3.2024)
- ↑ Patti Smith Group – Easter (пристапено на 24.10.2023)
„Велигден“ на Ризницата ? |
|