Грб на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Грб на Македонија
Подробно
Усвоен2009
Мотонема
Претходни варијанти

Грбот на Македонија (службено: Грб на Северна Македонија) — официјалниот грб на државата. Грбот кој е во употреба, со мали модификации, уште од 27 јули 1946 година кога е заменет грбот на Народна Република Македонија, a на 16 ноември 2009 е отстранета црвената петокрака од социјалистичкиот македонски грб. Македонскиот државен грб е еден од двата во Европа кои сè уште имаат социјалистички стил и се со пејзажен карактер, наместо историски. Другиот грб со пејзажен стил е грбот на Белорусија. Според сите меѓународни и домашни хералдички стандарди ова не е грб туку амблем, но и покрај тоа што е амблем, законот на Македонија го именува како грб.

Во декември 2014 година, Владата на Македонија усвоила нов предлог-закон за државен грб на Македонија. Новиот предлог, според замислата, треба да го замени актуелниот пејзажен грб со златен штит со приказ на разгневен црвен лав.

Народна Република Македонија[уреди | уреди извор]

Грбот на Народна Република Македонија, донесен од второто вонредно заседание на Народното собрание на НР Македонија на 27 јули 1946 година во Скопје и бил дизајниран по урнек на другите социјалистички држави. Дизајнот се засновал на амблемот на СССР и му се припишува на Василие Поповиќ – Цицо.

За разлика од другите социјалистички републики кои ги вклопиле историските грбови во новите амблеми, Македонија добила пејзажен дизајн, и со тоа потпаѓајќи во истата категорија со Народна Република Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија, како и Советска Ерменија.

Грбот на Народна Република Македонија означувал симбол на слободата и братството на македонскиот народ и богатството на македонската земја. Житното класје, плодовите на афионот и листовите тутун го претставуваат богатството на Македонија и разновидноста на нејзиното стопанство. Денес исфрлената петокрака ѕвезда ја симболизирала Народноослободителната војна со која македонскиот народ ја добил слободата. Народниот мотив на лентата го изразува богатството и убавината на народниот бит.

Во средината на полето се наоѓа планината Пирин, најголемата македонска планина које била центар на народноосободителните војни во минатото, а реката која тече е реката Вардар, најпознатата Македонска река во Републиката. Пирин и Вардар истовремено го претставуват единството на сите делови на Македонија и идеалот на македонскиот народ за национално обединување. Сонцето го претставува слободниот и творечки живот во Македонија и симболот на македонскиот народ. На везот на грбот на НР Македонија стои натписот „НР Македонија“ и формата на грбот е округлеста.

Социјалистичка Република Македонија[уреди | уреди извор]

Грбот на Социјалистичка Република Македонија го заменил грбот на Народна Република Македонија и воедно останал државен грб на Република Македонија по осамостијувањето во 1991 година. Овој грб видно се разликува од грбот на Народна Република Македонија по дизајнот, боите и мотивите. Имено, планината Пирин која е претставена во грбот на Народна Република Македонија била заменета со планината Кораб и дизајнот на двете планини е различен, едната е пониска другата повисока. Понатака, симболот на Македонците- сонцето, е изменето во дизајнот и така од првичните тенки 12 краци се создадени 8 подебели краци. Реката, везот, класјето, афионот и ѕвездата во двата грба остануваат исти со разлики во боите. За разлика од грбот на Народна Република Македонија каде во везот пишувало „НР Македонија“, во новиот грб на СР Македонија натписот го нема. Формата на грбот на СР Македонија е потесна одошто грбот на НР Македонија. Грбот на СР Македонија и Македонија имаат неколку верзии поврзани со боите и тоа е поради неофицијалната стандардизација на боите со законот за грб на Република Македонија и СР Македонија.

Република Македонија[уреди | уреди извор]

Предлог за хералдички грб од декември 2014 година.[1]

До 2009 година, Македонија го користела стариот социјалистички грб, додека пак на 16 ноември 2009 година е усвоен нов грб. Новиот грб е многу сличен со стариот социјалистички и разликата е во тоа што е тргната црвената петокрака од грбот.

На 5 декември 2014 година, Владата на Република Македонија усвоила нацрт-закон за промена на грбот на Македонија. Според нацртот, грбот е составен од златен штит со приказ на разгневен црвен лав. Над штитот има ѕидна круна.[2]

Предлогот за грб на Република Македонија е заснован на традицијата на грбови поврзани со Македонија, почнувајќи од илустрациите на Вилем Верланд (+1481) и грбовникот на Жером де Бара од 1581 г., кој преку Стематографиите на Витезовиќ (1694) и Жефарович (1741), ќе стане и земски грб на Македонија.[3]

Златно - жолтата круна која е украсена со бисери и рубини треба да го симболизира републиканското уредување на државата.

Историски македонски земски грб[уреди | уреди извор]

Грб на Македонија од 1620.

Грбот на Македонија првпат се појавува во Илирскиот Грбовник од крајот на 16 век. Ова збирка грбови го претставуваат основниот извор на балканската хералдика. Појавувањето на грбот на Македонија е поврзано со Петар Охмучевиќ од Дубровничката Република. Дон Педро бил богат морнар кој бил во служба на Шпанија. Во 1588 г. Тој станал заповедник на фрегата која ја сочинувале 12 големи бродови. Подоцна во својата морнаричка кариера стигнал до чинот адмирал. Иако адмирал, тој не можел да стане витез на редовите на Калатрава, Алкантаре и Св. Јаков од Компостеле, бидејќи не бил од признато благородничко семејство.

За да докаже дека потекнува од благородничко семејство, тој почнал да собира материјални докази, и од 1580 г. почнува да произведува фалсификувани документи и измислени грбовници, за да докаже дека е потомок на Хреља Охмучевиќ, кој во 1349 година добил титула Бан на Костур од Цар Душан.

Тој почнал да собира и да создава грбови за своите предци и роднини и со тоа, како што тогаш бил обичајот, да докаже дека е благородник. Со ова започнува илирската хералдика. Тој ги собира собраните и создадените грбови во грбовник за кој тврди дека е составен 1340 и е најден меѓу светите книги на островот Атос, Македонија.

Така првиот Илирски Грбовник е изработен меѓу 1584 и 1594 година за да ги задоволи потребите на адмирал Петар Охмучевиќ од Дубровничката Република. Грбовите се направени во согласност со веќе постојните европски грбовници.

Овој грбовник, кој претставува прототип за другите е изгубен, или пак останува неоткриен некаде во библиотеките на Италија или Шпанија. Најстариот сочуван грбовник е така нареќениот Коренич- Неорич од 1595 година кој се чува во загрепската библиотека.

Напочетокот на овој грбовник има 11 земски грба односно „Амблеми на земјите и светите племиња“. Потоа следат 140 семејни грбови на различни војводи, вождови, принцови, витези и други. Меѓу овие е и грбот на Македонија на страна 6. Под грбот пишува „Македонија“ а над него „Цимери македонске земље“. Грбот е Златен исправен крунисан лав на црвено поле. Над штитот има голема царска круна.

Во овој грбовник, грбот на Македонија се јавува двапати, еднаш сам и еднаш во општо словенскиот грб на Цар Душан, кој ја зел титулата Цар Илирски кој владеел со 9 територии, Македонија, Босна, Далмација, Хрватска, Приморје, Славонија, Бугарија, Србија и Рашка, заедно со 14о вазали чии грбови се вклучени во овој грбовник.

Општиот грб се состои од различни земски грбови ставени на заеднички штит, со македонскиот грб на првото хералдичко поле.

Грбот на Македонија може да се најде и во други извори кои се чуваат во библиотеки и архиви во странство. Ќе споменеме неколку од нив: Грбовникот на Палмич од крајот на 16 век, во Југословенската академија, Мавро Орбини, 1601, Алтанм 1614, универзитетската библиотека во Болоња, Грбовникот од 1620 во музејот на применете уметност во Белград, Марко Скороевич, 1636, Виена;Фојничкиот грбовник, 1675; Оловиот грбовник од 17 век; Патријархот од Карловац од 1741, итн.[4]

Во 1694 година Павле Витезовиќ го променил блазонот на македонскиот земски грб - лавот станал црвен, а штитот златен.[5] Истата промена била зачувана и во подоцните грбовници на Павле Витезовиќ. Христофор Жефарович во преводот на грбовникот на Витезовиќ, именуван како Стематографија и издаден во 1741 година, го дава македонскиот земски грб во верзијата на Витезовиќ со црвен лав и златен штит.[6]

Минати предлози за нов грб[уреди | уреди извор]

Најпопуларен и најприфатлив предлог грб на Македонија

Со независноста и новиот устав од 1991, се појави и прашањето на државните симболи. Државната химна остана истата. Се донесе ново знаме. Златно сонце на црвено поле, честопати именувано како ѕвездата од Кутлеш. Поради спорот со Република Грција, во 1995 година, тоа беше заменето со друго, исто така претставувајќи Златно сонце на црвена основа.

Прашањето за нов грб беше покомплицирано. Беше формирана комисија и беше прогласен јавен повик во обид да се најде нов дизајн. Најголемиот број на предлози добиени на тендерот се засноваа на историскиот грб, златен крунисан двоопашест исправен лав на црвено поле.

Ова во главно беше основано на истражувањето и на работата на академик Александар Матковски, објавени во книгата „Грбовите на Македонија“. Неговото истражување покажа дека историскиот грб на Македонија е Златен Лав кој води свои корени од грбовникот на Корениќ- Неориќ кој датира од 1595. Повеќе за овој грб во неговиот заклучок на страната Земскиот грб.

Најприфатлив дизајн беше оној на Мирослав Грчев, професор на архитектонскиот факултет, заснован на историскиот грб на Македонија. Но за овој предлог немаше политички концензус и затоа дури и не стигна на расправа во Собранието. Овој предлог повеќепати беше возобновен, но без успех. Првиот предлог дојде во 1992 кој претставуваше употреба на сонцето од знамето, со вметнување на буквата М, како инициал на името на државата.

Имаше повеќе обиди да се реши ова прашање. Во основа се работеше со три предлози. Едниот беше да се прифати дизајнот на лавот кој веќе го користеше ВМРО-ДПМНЕ и другите партии со претставка ВМРО, со измени само во текстот на лентите над и под штитот. Втор, беше само да се отстрани ѕвездата од сегашниот дизајн, предлог за кој главно се залагаше тогашниот претседател на Собранието, Никола Поповски.

Трет, е да се постави сегашниот пејсажен дизајн на штит. Ова е т.н. словенечко решение. Имено, Република Словенија го употреби овој модел, ставајки ја планината од стариот социјалистички пејсажен мотив на штит, но овојпат додаваќи и три ѕвезди преземени од историскиот грб. Република Словенија го напушта овој пристап, и е во процес на изнаоѓање на подобро решение.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Владата усвои нацрт-закон за нов државен грб
  2. Дневник - Ова е новиот грб на Република Македонија[мртва врска]
  3. Владата го усвои предлогот за нов грб на Република Македонија
  4. „Грбовите на Македонија“, Александар Матковски, Скопје.
  5. Страница на Македонското Хералдичко Здружение heraldika.org.mk Архивирано на 17 септември 2009 г., дел Земски грб.
  6. "Стематографија. Изображение оружиj илирических. Изрезали у бакру Христофор Жефарович и Тома Месмер, 1741", приредио д-р Динко Давидов, Нови Сад, 1972.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 „Македонски хералд, број 5“ (PDF). Посетено на 2011-08-13.
  8. Хералдика Србија
  9. „Fojnički gbovnik“. Архивирано од изворникот на 2011-08-23. Посетено на 2009-12-28.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]