Бухара

Од Википедија — слободната енциклопедија
Историски центар Бухара
светско наследство на УНЕСКО
По-и-Калан џамија
КритериумКултурен: (ii) (iv) (vi)
Навод602
Запис1993 (XVII заседание)

Бухара (на узбечки: Бухoрo, Buxoro ; на руски: Бухара ; на турски: 'Buhara' ; на персиски: بُخارا) од согдиското βuxārak ("среќно место"), е град во Узбекистан, кој се наоѓа во централниот југ на земјата и е главен град на покраината Бухара (Бухоро Вилојати). Градот е петти по големина во Узбекистан со население од 263,400 (според пописот во 2009). Регионот околу Бухара бил населен најмалку пет милениуми а градот постоел половина од тој период. Сместен на патот на свилата, градот долго време бил центар на трговијата, образовен, културен и верски центар. Историскиот центар на Бухара, кој има бројни џамии и медреси е дел од светското наследство на УНЕСКО. Во Букара живее узбекистанското население каде најбројни се Таџиците но во градот долго време се мешале народи и култури така што во него живеат и Евреи и други етнички малцинства.

Имињата на градот[уреди | уреди извор]

Градот бил познат како Бохара во 19 и раниот 20 век а воедно и како Бухе/Пухе (捕喝)на Танг кинески.[1]

Согдијанците се населиле во регионот а неколку века подоцна го прифатиле како доминантен Персискиот јазик. Енциклопедија „Ираника“ споменува дека името Бухара веројатно дошло од согдиското βuxārak (Место на богатството).[2]

Мухамед ибн Џафар Наршахи во неговата Историја на Бухара (напишана 943-44 CE) споменува:

Бухара има многу имиња. Едно од неговите имиња било Нумиџкат. Исто се нарекувала и "Бумискат". Таа има 2 арапски имиња. Едното е "Мадинат Ал Суфрија" што значи- "Бакарен град" а другото е "Мадинат Ал Туџар" што значи - "Град на трговците". Но од сите негови имиња, најпознато е името Бухара. Во Хорасан, не постои друг град со толку многу имиња [3]


Историја[уреди | уреди извор]

Комплексот Пои Калон (12-14 век)

Во срцето на Патот на свилата и на персиското кралство, Бухара и Самарканд биле приклучени на Советската Социјалистичка Република Узбекистан во времето на Сталин.

Оазата на Бухара, активна уште во антиката, уште многу одамна го привлекла вниманието на соседните држави: уште во 6 век п.н.е., ја освоиле кралевите на Персија меѓу кои подоцна и Дариј; потоа во 329 п.н.е. после инвазијата на Иран од страна на Александар Македонски, територијата на Согдијана, во чиј состав била Бухара, останала под македонска власт сè до 2 век п.н.е. Меѓу крајот на 1 век п.н.е. и средината на 4 век, Бухара била дел од кралството Кушан. На почетокот на тој период почнала да се воспоставува трговијата со народите од Запад и оние од Исток. Во 5 век, Бухара била дел од државата на Хефталитите (’’Белите Хуни’’)[4].

Бухара била заземена во 710 од арапско-исламските трупи за време на калифатот на Омејадите. Набрзо потоа, владетелот на престолот на Бухара, Тугчада (710-739), го прифатил исламот. Градот кој станал голем културен центар тогаш бил дел од покраината Хорасан, чиј главен град бил Мерв[4].

Во тоа време, градот заземал површина од околу 30 до 35 хектари.

Во 9 век градот станал престолнина на персиската династија Саманиди (875-999) во кое време се изменил, со 11 влезни порти а населението битно се зголемило. Биле подигнати многу мавзолеи и споменици меѓу кои и мавзолејот на Саманидите[4].

Научници, поети, писатели живееле во Бухара во 10 век: големиот лекар и филозоф Авицена (Абу Али Ибн Сина), е роден во близина (980-1037), поетот Рудаки[4] и научникот Ал-Бурини (математичар, физичар, астроном, историчар, etc.), роден близу до Хива (973-1048). Бухара била дом и на Ал Бухари (810-870), значаен собирач на хадити (зборови кои му се припишуваат на Мухамед).

Во 999, градот бил освоен од Караханидите. Во тој период биле изградени спомениците кои постојат и денес: минарето на Арслан-Хана (Калијанско минаре), Магоки-Атари џамијата, Намезгохската џамија, Чачма-Ајубскиот мавзолеј (изворот на Јов)[4].

Џингис Кан го зазел градот во 1220. Градот станал дел од династијата Тимуриди во 1370[5]. Градот изгубил политичко значење на сметка на Самарканд но во 1506, династијата Шајбаниди ја освоила Бухара и во втората половина на 16 век Абдула Кан го направил градот повторно центар на политичката моќ на Бухарското ханство[4].

Бухарското ханство (1599-1920), било едно од трите узбечки ханства заедно со она на Хива и на Коканд.

Од 1599 владеела династијата на Астраханидите која набрзо пропаднала поради внатрешни расколи а потоа, во 1740, персискиот крал Надир Шах го освоил Бухарското ханство и за гувернер го поставил Мухамед Рахим Хан кој себеси се прогласил за емир и основал нова династија – Мангитската династија (1753-1920)[4]. Бухара станала руски протекторат во 1868 пред целосно да ја изгуби својата независност откако градот бил заземен од страна на Црвената армија на 2 септември 1920.

Знаменитости[уреди | уреди извор]

Калијан (Големото минаре)
Феникс на порталот на Надир Диван-Беги медраса (дел од комплексот Лаб-и Хауз)

140 споменици ставени под заштита на УНЕСКО сведочат за културното значење на градот Бухара низ вековите кој бил еден од позначајните културни, политички и верски центри во Средна Азија. Некои од позначајните негови знаменитости се следниве:

Пои Калан[уреди | уреди извор]

Пои Калан (پای کلان значи "Голема градба"), е дел од архитектонскиот комплекс кој се наоѓа под големото минаре Калан.

  • Калијанско минаре поточно, Минара-и-Калан, (на персиски "Големо минаре") високо 45,6 метри и широко на подножјето 9 метри а погоре 6. Познато е и како Кула на смртта, бидејќи со векови криминалците биле погубувани со тоа што ги фрлале од неговиот врв.
  • Калан џамија (Масџид-и-Калан), завршена во 1514, по големина еднаква со Биби-Ханим џамијата во Самарканд. Иако се ист тип на градба, тие се разликуваат според уметноста на изградба.
  • Медресата Мир-и Араб. Малку се знае за оваа градба иако истата му се припишува на шеикот Абдула Јамани од Јемен, духовен ментор на првите Шејбаниди.

Мавзолејот Исмаил Самани[уреди | уреди извор]

Исмаил Самани мавзолејот (9-10 век), е едно од најценетите места во архитектурата на Средна Азија бил изграден во 9 век (892-943) како гробница на Исмаил Самани – основачот на Саманидската династија, последната Персија персиска династија која владеела во Средна Азија и под чија власт бил градот во 9-10 век.

Мавзолејот Чешма-Ајуб[уреди | уреди извор]

Чешма-Ајуб се наоѓа блиску до Саманидскиот мавзолеј. Неговото име на персиски значи Изворот на Јов поради легендата според која Јов (Ајуб) го посетил ова место и донел извор вода. Водата од овој бунар сè уште е чиста и се смета за лековита. Градбата со конусни куполи била изградена за време на власта на Тимур.

Лаб-и Хауз[уреди | уреди извор]

Лаб-и Хауз (Персиски: لب حوض, значи до вирот). До советскиот период имало многу такви вирови, кои биле главен извор на вода но биле познати по тоа дека шират болести и повеќето од нив биле исушени во тек на 1920 и 1930. Лаб-и Хауз преживеал бидејќи бил центар на величествен архитектонски комплекс создаден во тек на 16 и 17 век и од тогаш не бил значително изменет [6]

Арк, Бухарска тврдина[уреди | уреди извор]

Арк е голема тврдина во Бухара која првенствено била изградена околу 5 век која се користела како воена тврдина сè до советскиот период. Денес, остатоците на тврдината се туристичка атракција и во неа има музеи посветени на нејзината историја.

Арк во Бухара.

Бухара во литературата[уреди | уреди извор]

Градот бил опејан низ историјата од повеќе поети а за него Руми го напишал следново:

آن بخارا معدن دانش بود
"Бухара е рудник на знаењето,
پس بخاراییست هرک آنش بود
Од Бухара е оној кој поседува знаење."

Збратимени градови[уреди | уреди извор]

Дополнителна литература[уреди | уреди извор]

  • Вилјам Муркрофт и Џорџ Требек. 1841. Патувања во хималајските покраини на Хундистан и Пенџаб; во лаках и Кашмир, во пешавар, Кабул, Кундуз, и Бохара... од 1819 до 1825, Vol. II. Reprint: New Delhi, Sagar Publications, 1971.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "UMID" Foundation, Uzbekistan. „General Info“. Архивирано од изворникот на 2001-01-26. Посетено на 2007-10-04.
  2. Richard N Frye, 'Bukhara i. In pre-Islamic times' Архивирано на 2 јануари 2009 г., Енциклопедија „Ираника“, 512.
  3. Narshaki,Richard Nelson Fyre, The History of Bukhara, Pg 27
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Youri Goldenchtein, Sylvia Melkoyan, Samarcande, Boukhara, Chakhrisiabz, Khiva, éd. ACR éditions, 1995, ISBN 2-86770-074-4
  5. Улуг Бег зимата 1420-1421 во Бухара примил делегација од Тибет, но нема детални податоци кое било значењето на таквата средба
  6. Dmitriy Page, Pagetour.narod.ru. „Kukeldash Madrasah“. Посетено на 2007-10-04.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Предлошка:Градови во Узбекистан

Координати: 39°46′N 64°26′E / 39.767° СГШ; 64.433° ИГД / 39.767; 64.433