Андре Шение

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Андре Шение, според портретот на Сиве во затворот Сен Лазар

Андре Мари Шение (француски: André Marie Chénier) (30 октомври 1762 - 25 јули 1794), еден од најголемите француски поети на сите времиња, жртва на Француската револуција, гилотиниран само неколку дена пред крајот на власта на Теророт. Поет со исклучителна сензибилност, оживувач на античките естетски вредности, предвесник на Романтизмот; во неговиот бурен живот и трагичен крај, романтичарите го гледаат својот идол и идеал.


Биографија[уреди]

Роден е во населбата Галата, денешен Каракој во Истанбул на 30 октомври 1762, како трет син на Луј де Шение, офицер во Француската амбасада во Истанбул. Неговата мајка е гркинка, Елизабета Санти л’Омака (чија сестра била баба на Адолф Тјер), позната по својата убавина и духовитост. Проведувајќи го своето детство на југот на Франција со тетка си, Андре се придружува на мајка си во Париз, каде таа се преселува во 1773. Сеуште во своето момчештво, тој станува огнен почитувач на сè што е поврзано со јазикот и цивилизацијата на Стара Грција. Неговата вродена треска кон знаењето е стимулирана уште повеќе на средбите со големите уметници и интелектуалци кои тој ги запознава на приемите во нивниот салон организирани од неговата мајка.

Сосема предвидливо, Шение го мрази гарнизонскиот живот во Стразбур, каде е стациониран полкот кон кој му се приклучува во 1782 како благородник-кадет. Војнички живот издржува само шест месеци, враќајќи се во Париз. Наредните три години ги поминува во налудничаво и огнено пишување, комплетно подржан од неговото семејство; тогаш настануваат познатите идили и пасторали, вдахновени од античките вредности, под влијанието на Теокрит, Бион, и патувањата во Неапол и Помпеја. Во овој период се напишани, или во најмала рака скицирани Слепецот, Болната Млада, Бахус, Ефрозина и Младата Тарантинка. И покрај тоа што многу твори, сепак, ништо не објавува. Во ноември 1787 година му се укажува прилика да замине како конзул во Лондон, која тој ја прифаќа, но воопшто не е среќен во главниот град на Англија. Можеби многу повеќе е заинтересиран за творештвото на Џон Милтон или Џемс Томсон, а најповеќе од она на Шекспир, кое остава печат и врз неговиот израз. Привлечен од револуционерните настани кои веќе се одвивале во Франција, тој повеќе не може да издржи во Лондон и се враќа во Париз, во 1790, затекувајќи ја својата земја на работ на анархија. Станува член на „Општеството ’89“, умереното крило на револуционерната партија, држи говори во клубот Фејани, објавува статии во Журнал де Пари, почнувајќи ја својата кратка кариера како политички новинар; се бори со елоквенција против анархијата, неправдата и тиранијата. По затворањето на Луј XVI, тој чувствува дека одбраната на принципите на Револуцијата во рамките на умереноста, законот и редот се утописка драма и, со горчливо разочарување, решава да се повлече од јавниот живот. Го напушта Париз извесно време, но, премногу фасциниран од политичките случувања, не може да се воздржи, а да не се врати повторно назад – што било фатална одлука.

Крајот[уреди]

На 4 март 1794, Шение е уапсен по грешка додека ги посетувал пријателите во Паси и е одведен во полицискиот штаб во Консиержеријата; одговорните не сакаат да го задржат, нема полициски налог за тоа, нема ни реална причина, но сепак го праќаат во затворот Сен Лазар, каде ги поминува последните четири и половина месеци од својот живот.

Консиержеријата во Париз, затворот од каде се праќани на губилиште осудениците во времето на Теророт

Првобитно болница за лепрозни, Сен Лазар станува престижна поправна установа за „благородничките синови“ уште од 1632. За време на Револуцијата, тоа е политички затвор и е наречен „шпајз на гиљотината“. Таму, меѓу другите, ги запознава поетот Жан-Антоан Руше, кој станува негов доверлив пријател; Луј де Лавал-Монморанси, опат на Монмартр; Вержен; Ж. Б. Сиве, кој го насликува неговиот најпопуларен портрет и Еме де Коањи, Војвотка од Флери.

На 24 јули 1794, Шение е изведен пред Револуционерниот Суд, со обвинение дека пишувал против слободата, со наклонетост кон тиранијата, потоа дека учествувал на скандалозната завера во затворот (измислица на обвинителот Фукие-Тенвиј) и за помагање на озлогласениот ројалистички генерал Димурие (овдека е помешан со неговиот брат Совер Шение, кој впрочем и навистина се борел под заповед на Димурие). Поротата обратила многу мало внимание кон обвиненијата и била брза во донесувањето на одлуката: смрт. Шение и 37 други затвореници се однесени во Консиержијата, каде, вечерта пред егзекуцијата, тој ги пишува своите последни стихови.

Гробот на Андре Шение во париските гробишта Пер Лашез

Поет до последната минута од својот живот, чекори по dernière charrette, или последниот пат заедно со Руше, својот пријател од затворот. Двајцата рецитирајќи стихови од Расиновата Андромаха, се движат кон гиљотината. Шение, политичкиот маченик, е обезглавен на 25 јули на плоштадот Бариер Ранверсе (сега Плоштад Венсен). Во миговите пред да биде ставен на страшната направа, го допира своето чело и извикува: „Сепак, тука имаше нешто!“ Запаметен е како една од последните еминентни жртви во времето на власта на Теророт, која завршува само три дена подоцна – со смртта на Робеспјер за кого се верува дека не ги заборавил памфлетите на Шение и лично се ангажирал околу обвинението (најчесто егзекуциите се извршувале на Плоштадот на Револуцијата, претходно Плоштад Луј XV, а денеска Плоштад Конкорд – но за време на последните денови на Теророт, имало толку многу смртни казни, што морало да се постават уште неколку губилишта на повеќе места). Шение, поетот-маченик бил откриен дури во 1819 година, кога Анри де Латуш ги објавува неговите комплетни поетски дела, дотогаш чувани од неговото семејство како бесценета реликвија; тоа е период кога монархијата повторно е воспоставена, а револуционерните турбуленции се одамна минато.

Тој веднаш станува идол на младите Романтичари, кои во него гледаат претходник на нивното движење. Неговиот живот, особено неговите последни творби, испирирале бројни дела, меѓу кои се издвојуваат операта на Умберто Џордано, и Дикенсоновата Приказна за Двата Града.

Неговата поезија[уреди]

Левантската позадина (татко му пред службата во амбасадата во Истанбул бил трговски претставник во Венеција) и луксузот и совршенството во кое тој е воспитан, Шение го прават привлечен бонвиван кој потполно ужива во лесната ноншалантност од Париските салони, но и будоари. Во исто време во него постои и чувствителен уметник, надарен со богат внатрешен живот, она што му овозможува да се изолира од напорниот свет наколу и да се вивне во сферите на медитацијата и поетската инспирација. Единствен вистински поет на своето време, ја возобновува и реоткрива Грчката класична литература и и ја дава возобновената убавина во своите моќни стихови, помирувајќи ја антиката со модерната мисла и ревитализирајќи ја одамна загубената лирика во Француската поезија.

Бесмртни се стиховите напишани во затворот ноќта пред смртта; треперат со воздишката на загубениот рај, но и со надежта дека неговиот живот е жртва кон подоброто утре за што тој постојано копнеел. Исклучително импозантно дело се неговите Јамби (стихови во најизменично повторување на 12 и 8 слогови), исто така напишани во затворот. Позната е приказната за затвореничката Еме де Коањи, за која луѓето веќе измислиле легенда. Многу нормално, Шение веднаш бил пленет од убавината на 23 годишната девојка. По веќе овековечените Ликори и Фани, станува неговата последна муза, онаа која му ги инспирира неговите последни, најубави стихови, оние на Младата заточеничка. Оваа поема – заедно со сите други негови песни напишани во Сен Лазар, била кришум изнесувана надвор од ѕидините на затворот во корпа со облека за перење – огромно придонела за легендата за несреќната љубов помеѓу поетот и Еме де Коањи, која, секако, никојпат не се ни случила во вистинскиот живот. Всушност, оваа муза е малку веројатно дека би можела да биде „ангелското суштество“ што се појавува во поемата; повеќе би било за верување дека тоа било само естетско сонување на големиот поет. Омажена на 16 години, Еме имала многу познати љубовници, како што бил неодоливиот Лозен, потоа лордот Малмесбери и де Монтрон. Де Монтрон бил затворен во Сен Лазар заедно со неа; тие и стапиле набргу во брак (сопругот на де Коањи бил во егзил поради револуцијата и набргу починал) откако успеале да избегаат, подмитувајќи ги стражарите со 100 златника. Во нејзините мемоари таа ниту еднаш не го споменува Шение, и многу веројатно е оти не била свесна дека станала бесмртна поради песната на големиот поет.

Надворешни Врски[уреди]