Алое вера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Алое вера
Алое вера.
Научна класификација
Царство: Растенија
Ред: Шпаргловидни
Фамилија: Asphodelaceae
Род: Aloe
Вид: A. vera
Биномен назив
Aloe vera
(L.) Burm.f.

Алое вера е растение кое најверојатно потекнува од северна Африка, Мадагаскар и Арапскиот Полуостров[1]. Ова растение се споменува уште во Стариот Завет 6000 години пред Исус. Се смета за лековито.

Опис[уреди]

Алое вера е билка која содржи повеќе од 200 потврдени состојки, полезни за човековото здравје. Постојат повеќе од 250 видови на алое, но со најмногу лековити својства се само 3-4 вида. Најлековита е Aloe Barbadensis Miller, што ја открил ботаничарот Милер на островот Барбадос[2]. Алое успева во најтоплиот тропски појас. Целосно развиеното растение во просек е високо 75-120 сантиметри и има 12-15 листови, широки 10-13 сантиметри, дебелина 2-3 милиметри. Листовите се распоредени во форма на розета. Младите листови растат внатре високо, надворешните претставуваат стари листови. Еден лист тежи 1,5-2 килограми. Корењата на алое вера се релативно кратки и лежат само на земјата. Тоа е и причината што алое вера има потреба од многу вода. Но природата тука се обезбедила со многу големи резерви на вода и храна во форма на внатрешен безбоен гел[3].

Лековити својства[уреди]

Рецепти со алое вера се пронајдени и на месопотамските глинени плочки 2200 години пред наша ера, во градот Нипур. Напишан опис за лековитото дејство на алое вера е пронајден во стариот Египет меѓу колената на една мумија на папирус од 1550 година п.н.е. Ова растение е пренесено во Азија 400 години п.н.е. Грчкиот лекар Целзиус, алојата ја вовел во медицината 50 години п.н.е. Во записите од ова време ова растение се споменува како семоќно, чудесно растение. Како кралско и свето растение, Алојата ја почитувале и со успех ја употребувале фараони, Индијанци, Кинези, Јапонци, како и многу други народи и племиња, потоа Индира Ганди, Наполеон Бонапарт, Александар Велики, Колумбо, Хипократ и други.

Првиот подетален опис за лековитите својства на ова растение го дал Диоскорида (68-41 п.н.е). За растението пишувал дека носи мирен сон, го чисти стомакот, ги лечи изгорениците и многу други болести. Подоцна станува многу значајна во медицината на стариот Рим. Во Кина, алое вера почнува да се користи меѓу 800-700 година п.н.е, особено за лекување на болестите на кожа, синуси, грозници и грчеви кај децата. Се смета дека шпанските мисионери го донесле ова растение во новиот свет во 15 и 16 век. Ја саделе околу католичките мисии, а домородците ја користеле како универзално средство за лекување на Карипските Острови во Централна и Јужна Америка. До 19 век се објавени стотици трудови, каде доктори и лаици од цел свет го опишуваат лековитото дејство на алое вера. Во Америка во 1820 година, официјално е прифатено како средство за заштита на кожата. Заинтересираноста на имунолозите и онколозите во последно време е многу зголемена поради добрите резултати од истражувањето во доменот на имуномодуларното, антитуморското и антиалергиското делување на одделни компоненти кои ги содржи ова растение.

Плантажа со алое вера

Одгледување на алое вера[уреди]

На Флорида во 1912 година е основана прва комерцијална плантажа на алое вера. За човечки цели се берат само сосема зрелите листови откога ќе навршат 4,5 години старост. На ширината на листовите влијаат повеќе фактори, како ветер, временските прилики како и другите надворешни фактори. На плантажите на jужен Тексас, околу долината на реката Рио Гранде, садниците на алоја се садат во редови, на оддалеченост од 60-70 сантиметри, што овозможува модерна, моторизирана обработка, берба и навремено транспортирање.

Алојата денес расте во државите на речиси цела Африка, Индија, Северна Америка, Калифорнија, Кина, Тексас, Аризона и Мексико. Денес може да се најде и на Хаваите и во Јужна и Средна Америка. Расте и во најтоплиот тропски појас, но не во деловите кај што владеат ниски температури (под нула), во тек на подолг временски период. На шпански се нарекува и савила, во Индија е позната и како мусабар, на Јамајка сингл-бингл, а на грчки, италијански, германски, руски, француски и хавајски - алое.

Наводи[уреди]

  1. # ^ Feily A, Namazi MR. (2009). "Aloe vera in dermatology: a brief review." G Ital Dermatol Venereol.144:85-91.
  2. "Aloe vera, African flowering plants database"
  3. Yates A. (2002) Yates Garden Guide. Harper Collins Australia

Надворешни врски[уреди]