Мумија

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Мумија
Мумија во музејот во Ватикан

Мумија е труп чија кожа и органи се сочувани намерно или со случајно изложување на хемикалии, на многу ниски температури или на недостиг на воздух (кога телото потонува во мочуриште). На обиди да се сочува телото се наидува во целиот свет. Се користат два термина: мумифицирање и балсамирање, кои упатуваат на смолите со кои се обложуваат телата.


Староегипeтски мумии[уреди]

Зборот мумија потекнува од латинскиот збор mumia, што е преземен од персиското -mūmiyyah-, односно арапското(-مومية-) што значи битумен, како што ја нарекувале поради црната кожа што ја имале мумиите.

Во текот на египетскиот династиски период се сметало дека мртвите живеат на небото, кај ѕвездата Северница, а откако подоцна се развил култот кон Сонцето, задгробниот живот се префрла во подземјето. Мртвите ги имале сите потреби како и живите, па на покојникот во гробот му се ставани предмети кои биле наменети за секојдневна употреба. Начинот на мумифицирање во Стариот Египет се менувал со текот на времето, но целта секогаш била задгробниот живот да добие материјална форма, па за продолжување на животот било неопходно да се сочува телото од пропаѓање.

Египетскиот назив за мумифицирање и местото каде се вршела мумификацијата е вабет (чисто место, место за прочистување). Процесот се сметал за опасен, нечист, и затоа вабетите биле поставувани во близина на гробниците, покрај некрополите или покрај комплексите на храмовите.

Во вабетот се одвивале низа ритуални активности, а најважен е обредот што се врши пред гробницата - обред за отворање на устата - што го претставува последниот чин пред погребот на мумијата во гробната одаја. Мумијата се исправува пред гробницата, а обредот се врши со посебен инструмент во вид на секира. Свештеникот ги допира устата, разцете и нозете на мумијата, со што таа станува способна да ги прима храната и култот. Обредот се врши и во гробницата каде свештеникот со инструментот ги допира сите прикази на покојникот, како и другите претстави во гробницата, како што се скулптурите и дводимензионалните претстави. Отворањето на устата претставува оживување на сетилата и обновување на животот.

Во процесот на мумификација се вклучени:

  • Сечачот кој ја отвора стомачната шуплина и ги вади органите. Бидејќи тие се нечисти, оваа работа ја извршувале припадниците на најнискиот општествен слој.
  • Писарот кој ја надгледувал работата
  • Балсамерот кој ги извршувал ритуалните активности, го замотувал телото во завои, ги надгледувал сите фази, а во текот на ритуалот ја носи маската на Анубис. Балсамерите биле свештеници, веројатно тесно поврзани со лекарите чија функција претежно била наследна, а тие ги ангажирале занаетчиите кои изработувале ковчези, дрвени фигурини и слично.
  • Помошни работници кои го миеле телото.

Староегипетски методи за мумифицирање[уреди]

Мумија која се наоѓа во Британскиот музеј
Мумифициран мајмун од Египетскиот музеј во Каиро

Наједноставниот метод за мумифицирање, што потекнува од периодот на првите три династии, се состоел во завиткување на телото со ленени завои, кои во подоцнежниот период биле натопувани во смола. Во текот на четвртата династија се практикува вадење на органите, што требало да го оневозможи распаѓањето на телото. Ковчезите се дрвени, покојните се ставаат во испружена положба. Ваквиот начин на погребување се применувал во текот на Старото царство.

Во текот на вториот милениум п.н.е. се отстрануваат сите органи, освен срцето и бубрезите, а мозокот се извлекува низ носот со специјален метален алат во вид на кука, по што органите се ставаат во посебни садови со раствор од натриум карбонат. Потоа телото се ставало во раствор на готварска сол, а потоа се полнело со миризливи смоли и зачини. На крајот се завиткувало во завои и се ставало во ковчегот. Овој процес траел 40 денови.

На истиот начин како и луѓето, во Стариот Египет се мумифицирале и животните. Најчесто тоа биле мачки, мајмуни, ибиси и крокодили, кои се сметале за свети животни.

Значајни податоци во истражувањето на мумифицираните луѓе и животни се добиваат со антропометриски испитувања, рентгенски снимки, сецирање и со хистолошки и палеопатолошки анализи.

Мумифицирање во останатите делови на светот[уреди]

Освен во Египет, мумифицирање се среќава и во северна и источна Австралија, Меланезија, Полинезија, Индонезија, Индија, западна Африка, на Канарските острови, во Коднијак и во Јужна Америка.

Постапката за мумифицирање во Океанија, каде на овој начин се чувале главите на непријателите, се одвивала така што главата се потопувала во раствор на сол, по што се сушела на чад и ветер. Со ваквата постапка коските омекнувале, а волуменот на черепот се смалувал за две третини. Сличен обичај се јавува и во прашумите на Јужна Америка.

Надворешни врски[уреди]