Прејди на содржината

Нако Ташков

Непроверена
Од Википедија — слободната енциклопедија

Нако Ташков e роден на 30 јануари 1952 година во с. Брусник, Неготинско. Средно угостителско училиште и виша угостителско-туристичка школа завршил во Охрид и се стекнал со звање - економист по угостителство. Дипломирал на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Битола и се стекнал со звање - дипломиран економист по туризам и угостителство. Ташков своето образование го продолжил на постдипломските студии на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, каде што во 2002 година успешно го брани својот магистерски труд „Туристички вредности на бањите во Република Македонија” и се стекнал со звање – магистер на науки од областа на туризмот и угостителството. Во 2008 година ја одбранил докторската дисертација под наслов „Економската евроинтеграција на земјите од Централна и Југоисточна Европа” на Меѓународната отворена академија во Киев, Република Украина.

Богато работно искуство, кое започнува во ЗИК „Црвена ѕвезда” и непрекинато од 1977 до 2002 година, во МК „Астибо” - ООЗТ „Стандард”. Во меѓувреме од 1979 година, па сѐ до 1994 година работи како хонорарен наставник во СОУ „М.М. Брицо” во Делчево со дисперзирани паралелки во Македонска Каменица. Во истиот временски период учествува на повеќе сојузни и републички натпревари во областа на гастрономијата и послужувањето каде има освоено повеќе од 30 медали. Како иницијатор за отворање на угостителски паралелки во СОУ „Коле Нехтенин” од 2002 до 2008 година работи во истото училиште каде што учествува на републички угостителски натпревари и има освоено пет медали. Во учебната 2007/2008 година хонорарно е ангажиран на Високата медицинска школа при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип[1].

Од 2008 година па сѐ до денес, д-р Нако Ташков работи како доцент на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, а истовремено ја извршува и функцијата декан[2] на Факултетот. Ташков зема активно учество во наставно-образовна дејност преку: подготвување на интерни и рецензирани скрипти за предавања; изработка на презентации за предавањата; подготвување на интерни и рецензирани практикуми за вежби; одржување на предавања на прв и втор циклус студии; организирање на теренска настава и посета на објекти кои се во интерес на студентите; организирање и следење на практичната настава на студентите во земјата и странство (Грција, Германија и Шпанија); ментор на дипломски трудови; ментор на магистерски трудови; рецензент на наставници и соработници и др. Во научноистражувачката дејност се афирмира преку учество и презентација на стручни трудови на конгреси, конференции, симпозиуми, семинари и отворени трибини во земјава и во странство.

  1. „Официјално мрежно место на Факултет за туризам и бизнис логистика - „Наставници". Архивирано од изворникот на 2013-12-13. Посетено на 2013-05-15.
  2. „Официјално мрежно место на Факултет за туризам и бизнис логистика - „За факултетот". Архивирано од изворникот на 2013-05-22. Посетено на 2013-05-15.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]