Карадачки партизански одред

Од Википедија — слободната енциклопедија
Менковата колиба, местото каде е формиран одредот

Карадачкиот партизански одред е формиран на 12 октомври 1941 година. Заедно со Козјачкиот партизански одред тој е прв партизански одред од Куманово. Разбиен е доста брзо, на 14 октомври, два дена по неговото формирање.

По донесувањето на одлуката за отпочнување на вооружено востание од страна на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија, ноќта на 12 октомври 1941, борците на одредот се собрале на зборното место „Менкова колиба“, четири километри јужно од Куманово. Одредот бил составен од 15 борци, од кои 12 Македонци, двајца Албанци и еден Хрват.[1] Речиси сите биле членови на КПЈ и СКОЈ. За командант на одредот бил назначен Боро Менков, а за политички комесар Перо Георгиевски - Чичо.

Од зборното место одредот се упатува на Карадачкиот терен со задача да го разгори востанието во тој крај со претежно албанско население. Во утринските часови на 13 октомври Одредот пристигнува во реонот на село Белановце и се засолнува во една напуштена воденица. Таму борците го проучуваат пропагандниот материјал и одржуваат партиско советување на кој се анализира маршот на Одредот и неговите наредни задачи.

Откако дознал дека одредот се наоѓа во воденицата, селскиот кмет веднаш ја известува бугарската полиција во Куманово.[2] Веќе следниот ден, на 14 октомври, в зори, бугарската војска и полиција, под команда на поручникот Љубомир Цеков, го напаѓа одредот и по едночасовна борба го разбиваат. Во Битката загинуваат седуммина борци на Одредот, додека останатите осум се заробени.[3] Во борбата загинале Боро Менков, Перо Георгиевски - Чичо, Магдалена Антова (прва жена борец од Македонија која загина во НОВ), Киро Бурназовски, Аритон Димковски - Тонко и Бајрам Шабани, а Наце Ивановски - Буѓони е стрелан на лице место. Останатите биле затворени.

На 15 октомври 1941 година затворените борци на Карадачкиот одред се изведени пред бугарскиот Воен суд во Куманово, кој ги осуди на смрт со бесење, а со право на жалба, Евица Георгиевска - Кипра, Благој Думановски - Пецкалија, Бојан Милковски, Коста Јовчевски и Славко Георгиевски, додека Перо Менков и Алириза Јусуфи, како малолетни, ги осуди на 15 години строг затвор. На 30 јануари 1942 година, смртната казна на осудените на смрт им е заменета со доживотна робија.[4]

Борци во Карадачкиот одред[уреди | уреди извор]

Споменик кај Менкова колиба, Кумановско, на местото на формирање на Карадачкиот партизански одред

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 669 стр.
  2. Јован Павловски „Судењата како последен пораз“, „Полог“, Тетово, 1977, 115-116 стр.
  3. Миодраг Арсовски - Болто „Хронологија на позначајни настани од НОБ и Народната револуција во Куманово и Кумановско“, Куманово, 1974, 28-29 стр.
  4. Миодраг Арсовски — Болто, „Борбениот пат на Карадачкиот партизански одред“