Прејди на содржината

Елена Петкова Иванова

Непроверена
Од Википедија — слободната енциклопедија
Елена Петкова Иванова
Родена 31 мај 1947(1947-05-31)(77 г.)
Скопје, Република Македонија
Националност Македонка
Позната стоматолог и професор
Занимање специјалист по стоматолошка протетика, редовен професор

Елена Петкова Иванова (р. 31 мај 1947, во Скопје) — специјалист по стоматолошка протетика, редовен професор на Стоматолошки факултет во Скопје. Докторирала во 1989 година. Публикувала 90 статии. Соавтор на учебникот „Инструменти и апарати за заботехничка лабораторија“.[1]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Проф. д-р Елена Петкова-Иванова е родена на 31 мај 1947 г. во Скопје, Р Македонија. Средно образование завршила во Училиштето за забари и забни техничари, Отсек забари, во Скопје, во 1966 г. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1971 г. Со звањето специјалист по стоматолошка протетика се здобила во 1976 г., а во 1985 и со звањето примариус.

Со одбраната на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во 1989 г., под наслов “Влијанието на местоположбата на гингивалниот раб на вештачката забна коронка врз здравјето на пародонциумот”, се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа стоматолошка протетика.

Веднаш по дипломирањето, како стипендист на Републичкиот секретаријат за координација на научните дејности, во траење од една година (1972), на Клиниката за фиксна стоматолошка протетика ја изработила темата под наслов “Хеилогнатопалатошиза”. Првото вработување на професор Петкова било во 1973 г. на Клиниката за фиксна стоматолошка протетика при ООЗТ Стоматолошки клиники во Скопје. Во 1978 г. била избрана за помлад асистент на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во 1980 г. била избрана за асистент, а во 1983, 1987 и 1991 г. била преизбирана во истото звање. Во звањето доцент, на истата Катедра, била избрана во 1991 г., во звањето вонреден професор во 1997 г. и во звањето редовен професор во 2002 година.

Проф. д-р Елена Петкова, во 1985 и 1987 г. била на стручни престои на Военомедицинската академија во Белград, СР Југославија, кај проф. Грковиќ. Во 2001 година, проф. Петкова престојувала во Минесота, Минеаполис, САД.

Публицистичкиот опус на проф. д-р Елена Петкова опфаќа повеќе од 1000 статии. Соавтор е на учебникот “Инструменти и апарати за заботехничка лабораторија (2005), во издание на Стоматолошкиот факултет.

Во 1993 г. професор Петкова била назначена за одговорен наставник на Одделот за претклиничка фиксна протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Од 1999 г. е раководител на Клиниката за фиксна стоматолошка протетика при ЈЗУ Стоматолошки клинички центар а била и шеф на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје.

Проф. д-р Елена Петкова била постојано вклучена во работата на управните органи на матичната институција и во телата на Стоматолошкиот факултет. Била член на Кадровскиот одбор во неколку мандати (1990-1999), на Извршниот одбор (1988) и на Библиотечниот одбор. Од 1991 до 1994 г. била член на Издавачкиот совет на Македонски стоматолошки преглед, а од 1995 наваму член е на неговиот Редакциски совет. Во три изборни мандати била член на Советот на Стоматолошкиот факултет (1993-1999). и на Комисијата за нострификација на дипломи при Министерството за образование.

За својата дејност проф. Петкова е добитник на повелба по повод одбележувањето на 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во знак на признание за успешна работа и придонес во основањето и извршувањето на задачите на факултетот (1989) и на диплома од Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија за придонес и ангажирање во работата на Сојузот (1991). Во 1993 г. е добитник на плакета за значаен придонес во остварувањето на задачите на Македонското лекарско друштво.[2]

  1. „ПЕТКОВА-ИВАНОВА, Елена Василева“. Македонска Енциклопедија. 2018-10-11. Посетено на 2020-10-05.
  2. „Проф. д-р Петкова Иванова Елена – Стоматолошки факултет – Скопје“. Архивирано од изворникот на 2019-09-15. Посетено на 2020-10-01.