Џозеф Листер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џозеф Листер
Џозеф Листер во 1902
37-ми претседател на Кралското друштво
На должноста
1895–1900
Лични податоци
Роден(а) 5 април 1827(1827-04-05)
Аптон Хаус, Вест Хем, Англија
Починал(а) 10 февруари 1912(1912-02-10) (возр. 84)
Валмер, Кент, Англија
Почивалиште Гробишта Хемпстед, Лондон
Сопружник Агнес Сајм (в. 1856; d 1893)
Родители
Потпис
Џозеф Листер
ПолињаМедицина
Установи
  • Универзитет во Единбург
  • Универзитетот во Глазгов
  • Кралскиот колеџ во Лондон
Познат поХируршки стерилни техники
Влијание од
Поважни награди
  • Кралски медал (1880)
  • Награда Камерон за терапевтика при Универзитетот во Единбург (1890)
  • Албертов медал (1894)
  • Коплиев медал (1902)
Апарат од Листер за прскање со карболна пареа во музејот Хантери, Глазгов

Џозеф Листер (5 април 1827 – 10 февруари 1912 [1]) бил британски хирург - основач на антисептичката хирургија [2] и пионер во превентивната медицина.[1]

Од техничка гледна точка, Листер не бил исклучителен хирург,[2] но неговото истражување во бактериологијата и инфицирањето на рани ја подигнало неговата оперативна техника на ново ниво при што неговите набљудувања, дедукции и пракса ја револуционизирале хирургијата низ цел свет.[3]

Листер дал свој придонес во медицината на два начина. Ја промовирал идејата за стерилна хирургија додека работел како хирург во Кралската амбуланта во Глазгов преку воведувањето на фенол (тогаш познат како карболна киселина) за стерилизирање на хируршките инструменти, кожата на пациентот, хируршките конци и рацете на хирургот. Но, најмногу придонел со тоа што го увидел клучниот принцип врз кој се заснова промената во практикувањето на хирургијата, односно случајното набљудување го заменил со примена на научните принципи предложени од Луј Пастер.[4]

Неговото дело придонело во намалувањето на постоперативните инфекции, а операцијата ја направил побезбедна за пациентите, со што се издвоил како „татко на модерната хирургија“.[5]

Ран живот[уреди | уреди извор]

Листер е роден во просперитетно, образовано и квекерско семејство во селото Аптон (денес дел од Лондон) [6] во Англија.

Неговиот татко бил пионер во дизајнирањето на ахроматски објективи кои се употребуваат во оптичкиот микроскоп.[6] Татко му поминал 30 години во усовршување на микроскопот и го открил Законот за апланатичен фокус,[7] што во тоа време се сметало за голем напредок и ја издигнал хистологијата во независна наука.[8] Поради ваквиот придонес бил многу ценет и во 1832 бил избран во Кралското друштво.[9][10] Уште од рана возраст, Листер бил заинтересиран за природните науки и често сецирал мали животни и риби кои потоа ги испитувал со помош на микроскопот од татко му,[11] а потоа го цртал,[12] или скицирал забележаното.[13] На 16-годишна возраст Листер бил решен да стане хирург.[11]

Во октомври 1848 година, Листер се запишал на медицински факултет,[13] а се стекнал со диплома по медицина есента 1852 година.[13] Истата година, го положил испитот за прием во Кралскиот колеџ на хирурзи.[13] Откако го завршил медицинското образование, Шарпи го советувал Листер да помине еден месец во медицинската ординација на неговиот пријател Џејмс Сајм во Единбург а потоа да ги посети медицинските училишта во Европа на подолг период за обука.[13]

Кариера[уреди | уреди извор]

Во септември 1853 година, Листер пристигнал во Единбург со писмо со препораки од Шарпи до Сајм (најпознатиот учител по хирургија во негово време).[14]

Во истиот месец, Листер започнал да работи како асистент на Сајм на Универзитетот во Единбург.[13] Сајм бил толку импресиониран од Листер, што по еден месец Листер му станал куќен хирург во Кралската амбуланта и негов асистент во неговата приватна болница во Минто Хаус.[15] Како куќен хирург, му помагал на Сајм при секоја операција, и пишувал белешки.[13]

Во септември 1854 година, му завршил ангажманот како хирург во куќата на Листер.[16] Бидејќи можел да остане без работа, Листер го замолил татко му да му побара место во Кралската слободна болница во Лондон.[16] На 21 април 1855 година, Листер бил избран за член на Кралскиот колеџ за хирурзи во Единбург.[13] Во јуни 1855 година, Листер накратко отпатувал за Париз за да посетува курс за оперативна хирургија на мртво тело.[13] Во октомври 1856 година бил назначен за хирург во Кралската амбуланта во Единбург.

Во април 1856, на четириесетгодишна возраст се оженил со најстарата ќерка на Сајм, Агнес. Поради бракот, Листер, иако бил многу религиозен човек, ги напуштил Квекерите и се приклучил на Шкотската конгрегациска црква. Бракот, иако без деца, бил среќен, а неговата сопруга постојано му помагала во професионалниот живот.

Во 1859, Листер станал професор по хирургија на Универзитетот во Глазгов, а во август 1861 година бил назначен за хирург во Кралската амбуланта во Глазгов, каде што бил задолжен за одделенијата во новиот хируршки блок. Менаџерите на болницата се надевале дека болничката болест (денес позната како оперативна сепса - инфекција на крвта предизвикана од микроорганизми) значително ќе се намали во нивната нова зграда. Сепак, Листер подоцна објавил дека во периодот од 1861 до 1865 година во неговиот Оддел за машки несреќи, помеѓу 45 и 50 проценти од случаите кои тој ги ампутирал умреле од сепса.

Дело[уреди | уреди извор]

Во ова одделение Листер ги започнал своите експерименти со антисепса. Голем дел од неговата порано објавена работа се занимавала со механизмот на коагулација на крвта и улогата на крвните садови во првите фази на воспалението. И двете истражувања зависеле од микроскоп и биле директно поврзани со зараснувањето на раните. Листер веќе ги пробал методите за поттикнување на чисто заздравување и поставил теории за да ја објасни распространетоста на сепсата. Тој го отфрлил тогаш популарниот концепт на мијазма - директна инфекција со лош воздух - и претпоставил дека сепсата би можела да биде предизвикана од прашина слична на полен. Нема докази дека тој верувал дека оваа прашина е жива материја, но се доближил до вистината. Затоа е уште поизненадувачки што се запознал со работата на бактериологот Луј Пастер дури во 1865 година.

Пастер преку експерименти на ферментација и гниење дошол до својата теорија дека микроорганизми ја предизвикуваат ферментацијата и болеста. Образованието на Листер и знаењето да ракува со микроскоп, и запознаетоста со процесот на ферментација и природните појави на воспаление и коагулација на крвта го поттикнале да ја прифати теоријата на Пастер како полусомнителна вистина. На почетокот верувал дека бактериите се пренесуваат исклучиво од воздухот. Ова неточно мислење се покажало корисно, бидејќи го прифатил методот на стерилен хируршки зафат. Во обид да постави антисептичка бариера меѓу раната и воздухот, тој се грижел раната да не биде инфицирана од рацете и инструментите на хирургот. Листер нашол ефикасен антисептик во карболна киселина, која веќе била користена како средство за чистење на канализации со непријатен мирис и била емпириски предлагана за преврска на рани во 1863 година. Листер првпат успешно го употребил својот нов метод на 12 август 1865 година; во март 1867 година објавил низа случаи. Резултатите биле извонредни. Од 1865 до 1869 година, смртноста по хируршките зафати паднала од 45 на 15 проценти во неговиот Оддел за несреќи.

Во 1869 година, Листер го наследи Сајм на чело на клиничката хирургија во Единбург. Следеле седумте најсреќни години од неговиот живот кога, како резултат на германските експерименти со антисепса за време на Француско-германската војна, неговите клиники биле преполни со посетители и студенти. Во 1875 година Листер направил турнеја низ главните хируршки центри во Германија. Следната година ја посетил Америка, но бил примен со сомнеж, освен во Бостон и Њујорк.

Работата на Листер била во голема мера погрешно разбрана во Англија и САД. Противставувањето било насочено против неговата теорија за микроби наместо против неговиот „карболичен третман“. Мнозинството хирурзи изразувале сомнеж; тие чекале јасен доказ дека антисепсата е голем напредок во хирургијата. Листер како оперативен хирург не бил сензационалист и одбил да објавува статистика. Единбург, и покрај надалеку прочуеното медицинско училиште, се сметал за провинциски центар. Листер сватил дека мора да ги убеди лондонските медицинари за корисноста на неговото дело да биде општоприфатена.

Шансата му се пружила во 1877 година, кога му било понудено да се кандидира за клиничка хирургија на Кралскиот колеџ. На 26 октомври 1877, Листер, во болницата на колеџот Кинг, за прв пат ја извел тогашната револуционерна операција на ожичување на скршена патела (капа на коленото). Тоа подразбирало намерно претворање на едноставна фрактура, која не носи ризик по животот на пациентот, во сложена фрактура, која често завршувала со општа инфекција и смрт. Предлогот на Листер бил широко публикуван и предизвикал многу противење. Така, целиот успех на неговата операција спроведена под антисептички услови ја натерала хируршката мисла ширум светот да прифати дека неговиот метод значително ја подобрил безбедноста на оперативната хирургија.

За разлика од многу други пионери, Листер доживеал да го види речиси универзалното прифаќање на неговиот принцип за време на неговиот работен век. Тој се повлекол од хируршката пракса во 1893 година, по смртта на неговата сопруга претходната година. Му биле дадени многу почести. Станал баронет во 1883 година, а во 1897 година бил прогласен за Барон Листер од Лајм Реџис и бил назначен за еден од 12-те први членови кои го добиле Орденот за заслуги во 1902 година.

Неколку години пред неговата смрт, бил речиси целосно слеп и глув. Листер не пишувал книги, но придонел со многу трудови во професионални списанија. Неговите трудови се содржани во The Collected Papers of Joseph, Baron Lister , 2 vol. (1909).

Листер починал на 10 февруари 1912 година во Кент, на 84-годишна возраст. По погребната служба во Вестминстерската опатија, бил погребан на гробиштата во Лондон (Гробишта Вест Хемпстед).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Празен навод (help)
  2. 2,0 2,1 Simmons, John Galbraith (2002). „Joseph Lister Antisepsis and Modern Surgery“. Doctors and discoveries: lives that created today's medicine. Boston: Houghton Mifflin. стр. 94–99. ISBN 978-0618152766. OL 7603987M.
  3. Ford 1928.
  4. Dronsfield & Ellis 2009.
  5. Pitt & Aubin 2012.
  6. 6,0 6,1 Cope 1967.
  7. Предлошка:DNB
  8. Davidson 2011.
  9. Clark, Paul F. (December 1920). „Joseph Lister, his Life and Work“. The Scientific Monthly. American Association for the Advancement of Science. 11 (6): 518–539. Bibcode:1920SciMo..11..518C.
  10. Chapman, Allan (2016). Physicians, Plagues and Progress: The History of Western Medicine from Antiquity to Antibiotics. Lion Books. стр. 376. ISBN 978-0745970400. Посетено на 5 June 2020.
  11. 11,0 11,1 Clark, Paul F. (December 1920). „Joseph Lister, his Life and Work“. The Scientific Monthly. 11 (6): 518–539. Bibcode:1920SciMo..11..518C. JSTOR 6707.
  12. „Lister, Joseph (1827–1912)“. Plarr's Lives of the Fellows. The Royal College of Surgeons of England. Посетено на 1 August 2020.
  13. 13,0 13,1 13,2 13,3 13,4 13,5 13,6 13,7 13,8 Godlee 2009.
  14. Cameron 1949.
  15. „Joseph Lister“. The Royal College of Surgeons of Edinburgh Library and Archive. The Royal College of Surgeons of Edinburgh. Посетено на 26 January 2021.
  16. 16,0 16,1 Fitzharris 2018.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]