Прејди на содржината

Ѓурѓовден

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ѓурѓовден
Ѓурѓовден
Прослава во Раичкиот Манастир
Го празнува(ат)Христијанските и нехристијански земји
Видхристијански
ЗначењеДен на Свети Ѓорѓи
Датум23 април/6 мај
Обичаиобредно пеење, ритуали
Икона на Св. геогиј со житие од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга
Знамето на Англија. (Георгиев крст).
Знамето на Грузија. (Георгиев крст).
Прослава на Ѓурѓовден во Кент, 2011
, Ѓурѓовден на плоштадот во Сарагоса, Шпанија
Прослава на Јуријден во Русија
Дете со Англиско знаме за Ѓурѓовден во Англија
Деца на прослава во 2010
Бугарски ромски ѓурѓовденски панаѓур во Кремиковскиот манастир

Ѓурѓовден — најголемиот христијански празник од пролетниот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 23 април по новиот календар, односно на 6 мај по стариот календар Овој празник го празнува не само христијанското, туку и целото население воопшто. Има голема традиција во словенските земји, меѓу кои и во Македонија, што значи дека неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на растителноста и на животот воопшто.

Според едни извори Георгиј Победоносец е роден во Кападокија, во Мала Азија[1], според други во градот Бејрут, а според трети во Лида Палестинска[2], околу 270 година. Неговите родители биле богати, но чесни и побожни. Рано останал без татко, по што мајка му заедно со него се преселила во Палестина од каде што потекнувала и каде што поседувала голем имот. Тамо го минал детството посетувајќи ги местата каде што Исус го проповедал своето учење. Тука се стекнал и со образование. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската. Уште на 20 годишна возраст добил висок чин – воен трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет што исто така значело големо признание. Но тогаш императорот не знаел каква религија исповедува младиот воен старешина. По смртта на мајка му тој станал наследник на големиот имот, но набргу ги ослободил робовите, а имотот го разделил на сиромасите. Со тоа како да се подготвувал за јавно проповедање на својата вера. Кога Диоклецијан започнал жесток прогон на христијаните, Георгиј му се спротивставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа многу го изнедило и го разочарало императорот кој бесен на својот војник наредил веднаш да биде затворен и подложен на најсурови мачења, со единствена цел да се откаже од својата вера и да му се врати на идолопоклонството. Легендата вели дека ноќта пред да оди кај царот му се јавил Исус, на главата му ставил победнички венец и го охрабрил да издржи во своето верување ветувајќи му дека наскоро ќе го земе кај себе. Кога Св. Георгиј на императорот му рекол дека не е само негов туку и Исусов војник бил подложен на најсурови мачења. Најпрвин бил положен на грб, нозете му биле ставени во клада, а врз него бил турнат голем камен. Кога тоа не го поколебало, го ставиле врз тркало под кое имало штици со шајки кои му го парале телото. Кога и тоа не повлијаело го тепале со воловски жили, го ставиле во дупка полна со негасена вар и турале вода, му облекле усвитена облека, три дена го држеле закопан во земјата само со главата над земја. Најпосле му дале да испие отров, а кога и тој не дејствувал му ја отсекле главата. Гледајќи ги овие страдања на св. Георгиј особено брзото исцелување на раните и отпорноста на отровот, жената на Диоклецијан, Александра јавно изјавила дека го прифаќа христијанството поради што била осудена на смрт. Одејќи кон губилиштето таа му се помолила на Господа и веднаш му ја предала својата душа..

Свети Георгиј е погубен на 23 април според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. Освен овој празник во Македонија се празнува и 16 ноември денот кога е обновен храмот на Св. Георгиј и овој празник е познат како Ѓурѓиц.

На иконата св. Георгиј е претставен како војвода како на коњ ја убива ламјата која што се наоѓа под копитата на коњот. И во легендите се раскажува, а и во песните се пее дека светецот навистина ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Преку убиството на ламјата симболично е прикажан придонесот на светецот во борбата и победата над негативните демони. На иконата во позадина се гледа женски лик што ја претставува царицата Александра која што исто така свесно се жртвувала, исповедувајќи ја истата вера како и светецот Георгиј Победоносец.

Празнување и обреди

[уреди | уреди извор]

Бидејќи Ѓурѓовден е голем празник, тој во некои се слави и како национален празнии и како празник патрон на некои држави и градови. Свети Георгиј е патрон на Грузија, чие име и го носи, на Москва, Англија, Каталонија и сл. На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето. Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Така на пр. има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овчарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок. Празници според обичаите слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век на 23 април му принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.

Во Македонија

[уреди | уреди извор]

Кај Македонците со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на растителноста воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поедуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Тамо во групи девојки, млади невести или постари жени ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни. Овој ритуал е најитакна во Западна Македонија, подеднакво исто и кај Македонците Христијани и кај Македонците Муслимани.[3]

Вечерта спроти Ѓурѓовден се запотнува со гранки од леска и со кукурек. Според верувањето потката треба да ги чува објектите и предметите од разни опасности, болести и други несреќи, а нивите заедно со бериќетот од секаква штета, од пороен дожд, од штетни животни, инсекти, болести и сл. Со леска се запотнуваат нивите леите, куќите плевните и други поголеми објекти. Леската според народното верување е сигурен заштитник особено од град и гром. Во леска гром не удира бидејќи Господ ја благословил, а удира само во дрво под кое седи ѓаволот.

И кукурекот во народното верување има значајно место. Со кукурек се запотнува по вратите од куќите и плевните, потоа се става на креветите, ковчезите, амбарите, стомните, на бутинот, на каците, на бочвите, на плугот, јаремот, на колата итн. Вечерта спроти празникот кога билјарките одат на билје, бараат еден машки кукурен – самак (на едно место да има само еден корен). Го врзуваат со црвен конец и го оставаат да стои преку ноќта. Утрото на Ѓурѓовден пак се оди на билје и тој кукурек со мотика се откопува од корен. Со тој корен преку годината се лекуваат разни болести кај стоката. И вечерта спроти празникот и утрото на самиот ден кога се берат билките се пеат песни познати како билјарски песни во кои се опева токму тој чин, берењето на билките, запотнувањето, крмењето на стоката и др.

Од разните билки утрото на Ѓурѓовден се крми стоката. Билките се дробат на ситни делови, им се додава еден полжав што утрото го донеле билјарките, и тој издробен на ситни делови, се додаваат трици и сол и со таа крма се крми стоката со верување дека ќе биде поотпорна на болести во текот на целата наредна година. И вапцувањето јајца со црвена боја или жолта има значајно место во ѓурѓовденските празнувања исто како и во велигденските. Од Велигден до Спасовден (а во тој период редовно се паѓа и Ѓурѓовден) луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе” и си отпоздравуваат со „Вистина воскресе”, и вапцуваат јајца со црвена боја. За Ѓурѓовден јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој, освен домаќинката што ги вапцува, не смее да ги види до утрото. Утрото пак, кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите „Црвено бело дебело” за да бидат дебели и црвени во образите како јајцето (црвенилото симболизира здравје). Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева огојка, лепаец и камен. Среброто симболизира трајност, (долговечност), огојката – гоење, каменот – цврстина, лепаецот се носи за да се лепат по девојките момчиња и по момчињата девојки, а и копривата во народните верувања поседува магиска моќ. При лулањето се пеат песни соодветни на возраста и положбата на оној што е на нишалката. Така друга песна се пее на мало дете, друга на девојка или на момче, поинаква на невеста итн. Со Ѓурѓовден се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр. на тој ден рано во зори се пука од пушка за да се избркаат болвите, луѓето се мерат на кантар поставен на некоја гранка од зелено дрво, девојките си ги намачкуваат косите со јајце за да им бидат полни и густи како јајцето и гатаат за да го дознаат идниот брачен другар. Се изведуваат и обичаи за заштита на стоката особено од преземање на млекото зашто се верува дека на овој ден со магии можело млекото од една млечна крава да се пренесе на помалку млечна или дури и на жена доилка. Во верувањата поврзани со Ѓурѓовден важно место има легендата според која свети Георгиј ја убил ламјата. Оваа легенда што нашла место на фреските и иконите во повеќе цркви во Македонија е раскажана е во преданија и е опеана во некои песни. Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде топло летото и да биде богат бериќетот. Но и обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне и сл. упатуваат на тоа дека Ѓурѓовден е сточарски празник.

Обредни песни

[уреди | уреди извор]

Ѓурѓе ле, Ѓурѓе млад Ѓурѓе,
да кој ти рече да дојдеш?
– Мене ми рече Велигден!
Ѓурѓе ле, Ѓурѓе млад Ѓурѓе,
брго по мене да дојдеш,
по тебе шума и трева,
по трева идат ќејаи,
по ќејаи идат овчари

Од гранка в гранка, ај Ѓурѓе ле,
јунаку в рака.
Викум вукаше фидан Јован, Ѓурѓе ле:
– Кротко фрлајте, ај Ѓурѓе ле,
моето моме!
Да не ми падни, ај Ѓурѓе ле,
да се отепа.
Јаже јажливо, ај Ѓурѓе ле,
дрво црвливо
дрво шупливо, ај Ѓурѓе ле,
место камливо.
Чекај ја чекај, фидан Јован,
у десна рака,
у десна рака фидан Јован
у лева пола.

Кинисал ми свети Ѓорѓија,

Кинисал ми на ден Ѓурѓовден,
кинисал ми на потка да одит,
да запотнит нивје и ливаѓе.
Кога беше сред поле широко,
Ги сусрете она суро ламја,
тој е извај него остра сабја,
Е пресеже она сура ламја.
Потекоа три силни порои,
Први порој се бела пченица,
Други порој она рујно вино,
Трети порој се руди јагниња.

Кинисале ми, кинисале ми, двесте девојки,
Двесте девојки, двесте девојки, триста невести,
Да ми одат да ми одат на билје брање.
Двесте девојки, двесте девојки, билје копаје,
Триста невести, триста невести, цвеќе береје,
Цвеќе береје, цвеќе береје, венци виеје,
Венци виеје, венци виеје, на мошки деца.

(билјарска песна од зборникот на Васил Икономов)

Ајде на билје бела Билјано,
Билје да бериш, стадо да крмиш,
Стадо да крмиш, стадо братово,
Стадо братово од брат Јанкула…

Во Србија

[уреди | уреди извор]

Ha Ѓурѓовден треба да се побрза и рано наутро да се излезе на поле каде се бере цвеќе. Гурѓовденското цвеќе е ѓурѓевак, глуварче, млечок и сл. и од нив треба да се исплете венец со кој треба да се кити влезната врата на дворот од куќата. Ова се прави за годината во домот да биде бериќетна, здрава и плодна. Во некои краеви на Србија во текот на берењето цвеќиња девојките и момчињата се гаѓаат со лепливи билки. Доколку некому му се допаѓа некое момче или девојка, треба да ја фрли билката на симпатијата, па доколку се залепи тоа значи дека и таа симпатија ќе се залепи за фрлачот. На Ѓурѓовден од лескови гранчиња се прави крст кој се става на куќите и на нивите. Се верува дека крстовите штитат од громови, злобни и опасни сили. Уште едно дрво кое има посебно значење е граб. Кога ќе се наидело на ова дрво во шумата требало да се залула на гранка за симпатијата да ја привлече кон наоѓачот на дрвото. Покрај лулањето, момците и девојките ги китат куќите и капиите на Ѓурѓовден за полесно да го најдат брачниот партнер. Интересен обичај за Гурѓовден кој и понатаму живее во некои рурални делови на Србија е кога момците на полноќ одат до куќите на девојките кои им се допаѓаат, и ги вадат капиите од куќите, кои ги носат некаде далеку и така им задаваат мака на родителите кои потоа мораат да ги бараат по селото. Со вадењето на капиите се верува дека девојката ќе се омажи таа година. Некаде на Гурѓовден треба да се подрани и не чини да се спие преку ден. Доколку се направило тоа, се ризикувало истите да ги боли глава преку целата година. Сепак народот и за тоа смислил противлек. Доколку се случило да се дремне, тогаш на Марковден требало да се спие на истото место. Голема важност во раните децении во Србија имало и капењето во реката, пред да излезе сонцето. 3а да бидат здрави и силни луѓето се кителе со цвеќе и билки. Исто така се смета дека на Гурѓовден делуваат вештерките и другите зли сили. Поради тоа во минатото селаните палеле голем оган за да се заштитат себеси и селото.

  1. Maloney, Allison. St George: Let's Hear it For England!. The Random House Group Limited.
  2. Guiley, Rosemary. The Encyclopedia of Saints. стр. 129.
  3. Горанците го прославија Ѓурѓовден. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-05-06.