Прејди на содржината

Шарка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Шарка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Потколено: ’Рбетници
Класа: Влекачи
Ред: Лушпари
Подред: Змии
Семејство: Отровници
Потсемејство: Отровници
Род: Шарка
Вид: Шарка
Научен назив
Vipera berus
Linnaeus, 1758

Шарка, лутица или осојница (науч. Vipera berus) — змија отровница од родот шарки (Vipera) и е многу распространета во светот, вклучувајќи ја Македонија[2]. Отровот го вбризгува со каснување, преку жлебот на отровниот заб. Делува бавно и не е многу силен, но сепак може да усмрти и човек.

Физички одлики

[уреди | уреди извор]

Шарката е бавна, со многу кратка опашка, со елипсовидна и сплосната глава, која што јасно се одделува од трупот. Мажјаците се помали од женките и имаат сива боја, додека женките се црвенкасто-смеѓи. И двата пола по должината на грбот имаат темна пруга со темни дамки по страните. Стомакот им е со сива до црна боја послан со бели точки, а долната страна на опашката им е со жолта до црвена боја. Обично пораснуваат околу 70 сантиметри во должина.

Имаат голема глава, тенок врат, долг јазик и дебело тело кое е помалку елегантно од телото на поскокот, со коса испрекината пруга која служи за прикривање.

Отров и исхрана

[уреди | уреди извор]

Како и останатите врсти од истиот род, шарките не го прогонуваат својот плен туку чекаат да дојде во близина и тогаш го напаѓаат со смртоносна ефикасност. Во споредба со своите поголеми сродници, шарката е ретка опасност за човекот, но за малите животни е моментално смртоносна. Нејзините отровни заби лежат преклопени во вилицата и се исфрлаат напред кога напаѓа. После нападот, шарката чека отровот да почне да делува, бидејќи пленот го јаде дури кога ќе биде мртов. Нејзиниот отров е хемотоксичен, што значи дека се распаѓа ткивото и делува на крвотокот. Некои научници шаркиниот отров го сметаат поотровен и од поскоковиот, сврстувајќи го дури и меѓу најотровните во змискиот свет, но веруваат дека поради малата количина на отров кој може да го вбризгува во раната не претставува ниту приближна опасност како поскокот. Бројните статистики укажуваат дека во поголемиот дел на Европа луѓето почесто умираат од убодот на пчела отколку од убодот на шарката.

Шарката се храни со гуштери, жаби, мали цицачи, понекогаш со слепец и млади птици како и со птичји јајца. Понекогаш, иако многу ретко, се храни дури и со мали куни.

Распространетост

[уреди | уреди извор]

Шарката спаѓа меѓу најраспространетите влекачи во светот. Живее од Пиринеите на западот преку цела Европа и Азија до Тихи Океан на истокот.

Живее на различни места — на влажни низински ливади, во шумите и планинските карстни предели. Во планините се наоѓа и до 3000 м надморска височина. Дење често се сонча, добро плива и е почеста од останатите европски змии. Живее во дупки каде што ја поминува зимата во спиење и тоа честопати повеќето од нив стуткани како големо клопче.

Размножување

[уреди | уреди извор]

Шарките се парат кон крајот на пролетта, а женката кон крајот на летото раѓа од 5 до 15 живи млади.

  1. Isailovic, Jelka Crnobrnja, et al. (2009). Vipera berus. In: IUCN 2012. IUCN Red List of Threatened Species. Version 2012 февруари
  2. Петковски, С; В. Сидоровска и Г. Џукиќ (2000/1). „Биодиверзитетот на фауната на змиите (Reptilia: Serpentes) во Македонија“ (PDF). Екол. Зашт. Живот. Сред. Скопје. 7 (1–2): 41–54. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)[мртва врска]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]