Прејди на содржината

Чир на желудникот

Од Википедија — слободната енциклопедија
    Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување
во врска со темите од областа на медицината (здравјето).

Чир на желудникот или Улкус - претставува оштетување на гастроинтестиналната слузокожа како резултат на неможноста на епителните клетки да му се спротивстават на дејството на хлороводородната киселина и на пепсинот кои се присутни во органите за варење.

Етиологија

[уреди | уреди извор]

На појавата на улкусот влијаат повеќе фактори поврзани со генетското потекло и со животната средина. Стресот, алкохолните пијалаци, лековите против болка и инфекциите со бактеријата Helicobacter Pylori се најчестите фактори од околината кои влијаат на појавата на улкус. Желудочниот услкус почесто се јавува кај мажите и кај постарото население. Според истражувањата, емоционалниот стрес не е доволен за појава на улкус, туку само во комбинација со другите фактори на околината, со нестероидните инфламаторни лекови и со бактрериските инфекции. На пример, од надворешните фактори, познато е дека пивото и виното го поттикнуваат излачувањето на хлороводородната киселина; дека пушењето е фактор на ризикот од чир, зашто неповолно влијае врз зараснувањето на улцерациите; дека аналгетиците ја оштетуваат гастроинтестиналната мукоза; бројни други лекови (антидепресиви, бифосфонати, таблети со калиум хлорид, блокатори на калциумските канали, итн.) предизвикуваат пептично оштетување.[1]

Симптоми

[уреди | уреди извор]

Најчест симптом е болка во горниот дел на стомакот, која започнува при внесувањето храна со чувство на притисок и подуеност на стомакот по јадење. Болката се одликува со периодичност, ритмичност и често повторување, а се јавува во вид на жарење, горење, чувство на тежина, кубење, притисок или чувство на глад. Болката не поминува по земањето храна, туку се засилува. Често, поради болката, заболениот зема помалку храна, а тоа води кон намален апетит и губење на телесната тежина. Често се јавуваат жиговина и ретростернална болка, додека мачнина и повраќање се јавуваат кај дуоденалниот улкус. Сепак, чирот на желудникот може да биде асимптоматски или да бидат со нетипични симптоми, така што може да имитираат симптоми на иритабилен колон. Најчесто, улкусот се наоѓа на хоризонталниот дел од желудникот, и тоа, многу почесто на помалата отколку на поголемата кривина.[1]

Дијагноза

[уреди | уреди извор]

Чирот на желудникот се дијагностицира со радиографски (бариумско испитување) и со ендоскопски методи. Ендоскопијата е напрецизниот метод, зашто овозможува директна визуелизација и биопсија на слузокожата, така што укажува на тоа дали се работи за малигнитет или за инфекција со Helicobacter pylori. За докажување на бактериската инфекција се користат и неинвазивни тестови: уреаза - тест на дишење, тест за детекција на антигени во изметот и серолошки тест.[2]

Компликации

[уреди | уреди извор]

Најчести компликации предизвикани од чир на желудникот се крварње, перфорација, пенетрација и стеноза. Крварењето е најчестата компликација - таа се јавува кај 15% од пациентите постари од 60 години.[2]

Терапија

[уреди | уреди извор]

Лекувањето на чирот на желудникот зависи од причинителите, од тоа длаи се работи за почетен или рекурентен улкус, како и од тоа дали има дополнителни компликации. Целта на терапијата е да се отстрани болката, превенција на рекурентниот улкус и намалување на компликациите. Фармаколошката терапија вклучува примена на инхибитори на протонската пумпа - омепразол, пантопразол, есомепразол, а се применуваат и блокаторите на Н2 рецепторите. Улкусите кои се отпорни на терапија подолго до шест месеци се лекуваат хируршки.[2]

  1. 1,0 1,1 Немања Биџиќ, „Чир на желудникот - симптоми и лекување“, Betty магазин, година V, број 54, август 2018, стр. 14.
  2. 2,0 2,1 2,2 Немања Биџиќ, „Чир на желудникот - симптоми и лекување“, Betty магазин, година V, број 54, август 2018, стр. 15.