Црква „Св. Јован Богослов“ - Сер
Свети Јован Богослов | |
---|---|
Αγίου Ιωάννου Θεολόγου | |
41°5′18.57″N 23°32′4.95″E / 41.0884917° СГШ; 23.5347083° ИГД | |
Место | Сер |
Земја | Егејска Македонија, Грција |
Вероисповед | Цариградска патријаршија |
Архитектура | |
Културнонаследна категорија | споменик на културата |
Архит. тип | трикорабна базилика |
Изградба | 1836 |
Управа | |
Архијерејско намесништво | Серско |
Епархија | Серско-нигритска |
Свети Јован Богослов (грчки: Αγίου Ιωάννου Θεολόγου) — црква во градот Сер, Егејска Македонија. Влегува во состав на Серско-нигритската епархија на Цариградската патријаршија.[1]
Храмот се наоѓа на рид во маалото Горна Каменица, на улица „Агиос Јоанис Теологос“ бр. 1. Изграден е во 1836 г. како благодарност за спасот на жителите на Сер од колеж на 8 мај 1821 г. — денот на светецот. Тогаш Мехмед-бег, за да го спаси пријателот Папајоанис Сакелариос му ги издал спремните планови за погром, и митрополитот Хрисант Серски издејствувал кај кајмакамот да го спречи колежот врз христијаните. Во градот се убиени само четворица и Јован Богослов е прогласен за заштитник на Сер. Во 1855 г. манастирот „Св. Јован Претеча“ ги исплатил долговите на храмот во износ од 50.000 грошови и црквата станала потчинета на него. Подоцна жителите на Каменица си ја откупиле црквата.[1]
Градбата претставува трикорабна базилика со дрвен четириводен покрив.[1][2] Во 1919 г. градбата е продолжена за 5 метри, додавајќи женска црква во облик на буквата П и камбанарија. Во 1957 г. на јужната страна е доградена собичка, а во 1966 г. и кујна, а нартексот и канцеларијата се затворени со стаклени прозорци. Обновени се покривот и подот. Дрвениот под на женската црква во 1980 г. е заменет со цементен. Кон осумте дрвени столбови се додадени уште четири бетонски. Црквата има два влеза — од запад и југ, а осветлена е од осумнаесет прозорци. Во олтарот освен апсидната конха има уште пет помали. Олтарот е мермерен. Иконостасот е резбран и има три реда икони — 12 царски и 44 помали над нив. Некои од иконите се од 1836 г. Стари фрески има во проскомидията и над столбовите на средниот кораб, каде се претставени евангелистите и пророците Мојсеј, Давид, Соломон и Илија. Богородица Поширока од небесата во олтарот е насликана во 1971 г. од зографот Константинос Котикостас. Останатиот живопис е дела на Николаос Голас од 1992 г. Амвонот, владичкиот престол, проскинитарите, аналоите и дограмата се резбани, дело на серски работилници од 1988 – 1991 г. За вредни предмети од XIX век се сметаат преносливите икони, садовите и брокатниот епитаф.[1]
Во 1990 г. храмот е прогласен за заштитен споменик на културата како поклоничко место поради оригиналниот архитектонски стил, убавите фрески и украси и икони.[2][2]
Во парохијата влегува и црквата „Св. Варвара“ сместена преку реката, западно од стадионот.[1]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „Ιερός Ναός Αγίου Ιωάννου Θεολόγου Σέρρες“. Ιερά Μητρόπολη Σερρών και Νιγρίτης. Посетено на 31 октомври 2014.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „ΥΑ ΥΠΠΟ/ΑΡΧ/Β1/Φ37/28566/661/16-8-1990 - ΦΕΚ 616/Β/27-9-1990“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2022-06-19. Посетено на 30 октомври 2014.