Фо
Фо (англиски: Foe) - краток роман на јужноафриканскиот писател Џон Куци, првобитно објавен во 1986 година.
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот се состои од четири дела:
- Сузан Бартон пристигнува на непознат остров, откако била избркана од бродот на кој екипажот кренал бунт убивајќи го капетанот. Таму, таа ги среќава Петко и остарениот Робинсон Крусо и останува да живее со нив на ненаселениот остров. Нивниот живот е монотон, без никакви случки, опасности или возбудувања. Таа копнее да го напушти островот, додека Крусо нема никаква желба да си замине. Откако дознава дека на Петко му го пресекле јазикот, Сузан чувствува одбивност кон него, како и страв, прашувајќи се дали е тој човекојадец. Една година подоцна, островот го посетува англиски брод. Сузан и болниот Крусо се качуваат на бродот, а преплашениот Петко бега, но морнарите го наоѓаат и него го носат на бродот. За време на патувањето, Крусо е тажен поради напуштањето на островот. Тој е тешко болен, а Сузан грижливо го негува, но три дена пред пристигнувањето во Англија тој умира, а неговото тело го фрлаат во морето.[1]
- Сузан и Петко пристигнуваат во Англија. Таа го запознава писателот Фо кому му раскажува за престојот на островот, барајќи од него да напише книга. Сузан работи како слугинка и се грижи за Петко, кој е мрзелив и нема никаква волја. Еден ден, Фо ја напушта неговата куќа и се крие некаде бегајќи од извршителите. По некое време, Сузан и Петко се вселуваат во неговиот дом при што таа му пишува писма на Фо, но никогаш не ги испраќа зашто не знае каде се наоѓа тој. Истовремено, таа размислува за својот живот на островот и ја преиспитува исправноста на својата одлука да се врати во Англија. Еден ден, во куќата доаѓа девојка која се претставува како Сузан Бартон, тврдејќи дека е нејзината ќерка. Сузан не верува во нејзината приказна и во една прилика ја остава девојката во шумата. Додека живеат тајно во домот на Фо, Сузан се обидува да изгради поблизок однос со Петко, но без никаков успех - тој не покажува никакви емоции ниту каков и да било интерес. Со намера да го ослободи Петко, Сузан и тој одат во Бристол. Еден капетан на брод се согласува да го остави Петко во Африка, но Сузан во последен миг сфаќа дека тој лаже и се откажува од намерата да го ослободи Петко.[2]
- Сузан дознава каде се крие Фо и го посетува, заедно со Петко. Фо бара од неа да му раскажува за животот во Баија, но Сузан инсистира дека нејзината суштинска приказна се однесува на престојот на островот. Еден ден, во домот на Фо доаѓа девојката која повторно тврди дека е ќерката на Сузан, но таа ја одбива таквата можност. Ноќта, Сузан и Петко остануваат да преспијат во домот на Фо при што Сузан има сексуален однос со него. На предлог на Фо, тој и Сузан почнуваат да го учат Петко да пишува.[3]
- Во последниот дел, кој претставува епилог на романот, една жена влегува во собата во која лежат маж и жена, а потоа легнува до Петко. Во втората сцена, некој влегува во домот на писателот Даниел Дефо: во собата лежат маж и жена, а во близината спие Петко. На масата стои ракописот од кој може да се прочита како некој нурка во морето, влегува во внатрешноста на потонат брод, а таму се наоѓаат мртвите тела на Сузан Бартон и капетанот, додека во близината се наоѓа Петко.[4]
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]„Фо“ е петтиот роман на Куци. Во него, тој го преиспитува митот за Робинсон Крусо. Прито, главниот збор го има една жена која не е дел од оригиналната приказна за Крусо, а нејзин соговорник и соперник е писателот Фо. Всушност, зад презимето Фо се крие Даниел Дефо чиј татко се потпишувал како Фо, а дури подоцна, Даниел го променил презимето во Дефо.[5]
Романот „Фо“ наишол на позитивни оцени од критиката. На пример, во списанието „La Jornada Semanal“, Карлос Фуентес напишал дека „Фо е ремек-дело без претходник и без пример“ велејќи дека „не можеме да го прераскажеме романот без притоа да не ја повредиме неговата мистерија“. Во изданието на „Фо“ објавено од „Penguin“, Мајкл Хејстингс го оценува романот како фасцинантен, опишувајќи го како „рафинирана приказна раскажана со ѓаволски хумор“. Во рецензијата објавена во „Њујорк Тајмс“, романот се оценува како „свидетелство за авторовата интелигенција, имагинација и вештина“ при што „раскажувањето е луцидно и прецизно, насликаниот пејзаж е митски, но сепак специфичен“. Во приказот објавен во списанието „New Statesman“ се вели дека „Фо“ е „интелектуално и имагинативно огромен роман“, а епилогот „како поезијата, може да се чита многупати со несмалено уживање“. Најпосле, според „Вашингтон Пост“, стануав збор за „мало чудо од книга... со заносна сложеност и со речиси неверојатна сила“.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Dž. M. Kuci, Fo (drugo izdanje). Beograd: Paidea, 2004, стр. 5-33.
- ↑ Dž. M. Kuci, Fo (drugo izdanje). Beograd: Paidea, 2004, стр. 34-79.
- ↑ Dž. M. Kuci, Fo (drugo izdanje). Beograd: Paidea, 2004, стр. 80-108.
- ↑ Dž. M. Kuci, Fo (drugo izdanje). Beograd: Paidea, 2004, стр. 109-112.
- ↑ Dž. M. Kuci, Fo (drugo izdanje). Beograd: Paidea, 2004.
- ↑ Dž. M. Kuci, Fo (drugo izdanje). Beograd: Paidea, 2004.