Фајронт во Гргетег

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Фајронт во Гргетег (српски: Фајронт у Гргетегу) - роман на српскиот писател Данило Николиќ од 1998 година. За овој роман, Николиќ ја добил НИН-овата награда за најдобар српски роман во 1998 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Корицата на „Фајронт во Гргетег“, Нолит, Белград, 1998.

Романот се состои од повеќе ненасловени делови, исечоци и илустрации, како и пет глави со наслови, и тоа:[1]

  • Мрачниот човек и веселата жена
  • Планинско возење со чамец
  • Водвил со преслекување
  • Ноќите со Вишна во хотелите
  • Последната капка

Дејството на романот започнува во октомври 1990 година. Ненад Бановиќ, сликар и илустратор во списанието „Спектар“, добива писмо од својот стар другар Димитрие Ичевиќ - Диж, кој го поканува да дојде во туристичкиот комплекс „Гргетег“ во близината на Стара Варош. Таму, треба да се одржи прослава по повод одликувањето на функционерот Марко Прлиќ - Фиранга. Притоа, Ненад треба да го наслика портретот на Марко. Ненад ја прифаќа поканата и пристигнува во хотелот, каде го пречекуваат Диж и неговата сопруга Динка. Во меѓувреме, Диж добива писма во кои бројни луѓе ја прифаќаат поканата да дојдат на прославата или пак се извинуваат за своето отсуство. За време на престојот во хотелот, Ненад и Диж се потсетуваат на минатото и си раскажуваат за необичните љубовни случки. Така, еднаш, Диж случајно ја запознал Дубравка, која му станала љубовница, а дури подоцна дознал дека таа му била сопруга на Марко Прлиќ, кој ја открил нивната врска, со што најпосле успеал да добие развод од Дубравка, а во знак на благодарност, Диж го поставил за свој соработник. Од друга страна, сопругата на Диж, Динка во минатото му била девојка на Ненад, кој, пак, имал љубовна врска и со Соња, втората сопруга на Прлиќ. Диж му ја покажува на Ненад својата тетратка со интимните забелешки во кои се запишани песни и разни љубовни случки. Еден ден, Диж добива писмо од Ланка, во кое таа го најавува своето доаѓање во „Гргетег“. Во минатото, Ланка му била девојка на Ненад, но кога тој бил затворен поради една карикатура на Тито, таа се омажила. По враќањето од затворот, токму Марко Прлиќ го вработил Ненад во списанието „Спектар“, по препорака на Вера, поранешната љубовница на Ненад. Еден ден, Диж добива и писмо од Дубравка, во кое таа го потсетува на дамнешната љубовна врска, додека Вишна го известува дека ќе дојде во „Гргетег“. Во минатото, Диж и Вишна биле на заедничко службено патување при што спиеле во истата соба, но без никакви сексуални односи, но тој продолжил да мисли на неа. Додека течат подготовките за прославата, Динка неочкувано си заминува, а Диж и Ненад се нервозни поради скорешната средба со Вишна и со Ланка. Тогаш, Диж добива писмо од својата дамнешна љубовница Благица во кое ја дознава причината за ненадејното заминување на Динка: во „Гргетег“ пристигнал вонбрачниот син на Благица и Диж за кој тој воопшто не знаел. Потоа, работите се усложнуваат поради тоа што прославата е откажана, наводно поради болеста на Марко Прлиќ. Додека поканетите гости го откажуваат доаѓањето, пристигнува Вера со нејзиниот сопруг, а најпосле доаѓаат Вишна и Ланка. Во разговорот со Ланка, Ненад дознава дека таа имала сексуална врска со Прлиќ, со цел да го ослободи Ненад од затворот.[2]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Романот во голема мерка се разликува од другите дела на Николиќ, особено во поглед на просторот во кое се одвива дејството. Сепак, и во ова дело, авторот ја применува раскажувачката техника која на читателот му овозможува лесно да се движи низ приказната и незабележително да слегува во подлабоките нејзини слоеви. Раскажувајќи едноставна приказна за неколку луѓе од една генерација на која ѝ било судено да живее во драматично време, Николиќ останува верен на својот основен принцип - романот треба да биде низа од приказни кои ги поврзуваат ликовите и нивните судбини. Притоа, приказната во романот има два слоја: во првиот се прикажани младите луѓе во потрага по љубовта, а во вториот слој, истите ликови веќе се збогуваат со љубовта и со животот. Иако романот завршува со пораката дека „сè уште не е фајронт“, јунаците во романот се толку потонати, што оваа порака не ја примаат како утеха. Едноставно, романот е приказна за силата на љубовта, но и за пустошот што останува кога ќе помине љубовта.[3]

Изданија на книгата[уреди | уреди извор]

Првично, романот бил објавен во 1998 година од издавачката куќа „Нолит“ од Белград. Книгата била испечатена во тираж од 1.000 примероци, во печатницата „Просвета“ во Ниш. Таа е каталогизирана во Народната библиотека на Србија и ја носи меѓународната ознака ISBN 86-19-02181-8.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Данило Николић, Фајронт у Гргетегу. Београд: Нолит, 1998.
  2. Данило Николић, Фајронт у Гргетегу. Београд: Нолит, 1998.
  3. Данило Николић, Фајронт у Гргетегу. Београд: Нолит, 1998.
  4. Данило Николић, Фајронт у Гргетегу. Београд: Нолит, 1998.