Том Ѓелај

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Том Ник Ѓелај - Шумски (с. Рајол, Скадарско, Албанија, 1914[1] - кај с. Зајас, Кичевско, 6 ноември 1943) бил албански комунист, учесник во НОВ на Македонија.

Животопис[уреди | уреди извор]

Непосредно по фашистичката окупација на Македонија, во 1941 година пристигнал во Гостивар. Работел како шумар, по што го добил и илегалното име Шумски. Тука се вклучил во НОВ на Македонија. Особено бил активен во организирањето на албанското население во НОВ. При формирањето на Мавровско-гостиварскиот партизански одред „Кораб“, на 14 март 1943 година, бил назначен за заменик командир.[2] При тоа, дал особен придонес во обуката на борците во ракувањето со оружјето. Учествувал во првата борба на одредот во Ново Село на 27 април 1943 година, кога одредот претрпел големи загуби. Учествувал и во успешната акција во селото Вруток, како и во разоружувањето на две финансиски станици во Гостиварско. Притоа на Одредот му се приклучиле осуммина Италијанци и четворица Албанци, а неговиот броен состав од 30 нараснал на 70-80 борци (август 1943).

При формирањето на Првата оперативна зона на НОВ и ПОМ, Главниот штаб на НОВ и ПОМ го назначил за заменик командант на зоната, а потоа и за командант на Кичевскиот баталјон (Прв баталјон на Првата оперативна зона на НОВ и ПОМ), кој бил познат и како Томин баталјон, а бил формиран во слободното Кичево на 23 септември 1943 година. Во кој влегол и Мавровско-гостиварскиот одред „Кораб“. Во борбата со балистичките сили, предводени од германски офицери, кај селото Зајас, Кичевско бил тешко ранет и по два дена починал.[3] Погребан е во близината на Зајас.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Михаило Апостолски и др. (ур.) „Слободните територии во Македонија 1943“, Скопје, 1975, 152 стр.
  2. Гале Фиданоски „Априлскиот злостор во Ново село“, Гостивар, 1976, 6 стр.
  3. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 501 стр.