Тивкиот Дон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Тивкиот Дон  
Roman-gazeta 1928 (7).jpg
Насловна страна на списанието „Роман-газета“, 1928 г., Михаил Шолохов, „Тивкиот Дон“
АвторМихаил Шолохов
Наслов на
оригиналот
Тихий Дон
ЗемјаРусија
Јазикруски
Предмет(и)Прва светска војна, Руска револуција
Издадена1928 - 1940

Тивкиот Дон (руски: Тихий Дон) – роман од Михаил Шолохов, во четири тома, кој прво е публикуван во весникот Октомври (Октябрь) во периодот меѓу 1928 и 1940 година.

За романот[уреди | уреди извор]

Тивкиот Дон е едно од најмонументалните дела на светската книжевност и не може да се смести во еден жанр. Пред сè тој е историски роман, кој го прикажува руското општество во еден од најважните мигови во историјата на Русија – во време на Руската револуција од 1917 година, но и политички бидејќи се занимава со политичките превирања и судири меѓу монархистите и комунистите. Најголем дел од книгата му е посветен на опишување на Источниот фронт на крајот на Првата светска војна и граѓанската војна во 1917 година, како и на макотрпниот живот на донските Козаци, па може да се смета и воен и социјален роман. Страстите и емоционалните преживувања на главните јунаци се опишани во поединости, па „Тивкиот Дон“ добил и психолошка нота. Како главен лајтмотив на романот се истакнуван неконвенционалната врска меѓу Григориј Мелехов и Аксиња, што на романот му дава љубовен карактер. На крајот, самото име на делото навестува дека писателот посебно внимание им посветува на описите на природата – тивкиот Дон и мирната степа, рамнодушни над тешката козачка судбина.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот почнува со раскажувањето за стариот Мелехов кој во степата на Дон донел Турчинка. Нејзината појава ги разбранувала и вознемирила зачмаените животи на донските селани. Суеверни и ограничени, жителите на Татарско наскоро ја обвинуваат за поморот на стоката кој настанал во селото и ја претепуваат до смрт. На смртната постела таа на сила раѓа дете, му го дава името Пантелеј и умира. Шолохов на таков начин го објаснува потеклото на ориентални црти на лицата, темниот тен и врелата крв на семејството Мелехов, на кое во романот му посветува најмногу внимание.

Пантелеј Прокофјевич живее со жената, синовите Петр и Григориј (Гришка), ќерката Дуњашка и снаата Дарја, жената на Петар. Нивниот мирен и скромен живот го нарушува врската на Григориј со сосетката Аксиња и тие решаваат да го оженат со Наталија Мироновна. Нејзините родители се меѓу најугледните во селото, нејзиниот брат Мишка Коршунов му е најдобар другар на Гришка. Меѓутоа ниту венчавката не ја запира страста која постои меѓу Григориј и Аксиња, и тој еден ден, после голема кавга со татко му, заминува од дома во служба на аристократскиот имот Јагодно, кој се наоѓа вон селото. Аксиња го напушта мажот Степан и бега со љубовникот. На имотот живеат среќно и во значителен луксуз во однос на жителите на Татарско. На стариот газда Листницки еден ден во посета му доаѓа синот, младиот Листницки, кој наоѓа дека новата слугинка е доста убава жена. Кога Григориј заминува во војна, а ќерка им умира, Листницки ја користи слабоста на Аксиња и спие со неа. По враќањето од војната и гледајќи дека љубовницата го изневерила, тој ѝ се враќа на својата законска сопруга...

Ликови[уреди | уреди извор]

  • Григориј Гришка Мелехов — помладиот син на Пантелеј Мелехов. Оженет со Наталија, но во врска со Аксиња. Еден од најпосакуваните момци во селото, како заради својот „турски“ изглед, така и заради својот слободен и весел карактер. Григориј заминува во војна каде добива неколку ордени свети Ѓорѓи. Сепак, неговите уверување се длабоко разнишани и почнува да се прашува за чии интереси Козаците и Русите се борат...
  • Аксиња — жена на Степан Астахов и љубовница на Григориј Мелехов. Таа и Гришка почнале да се гледаат кога тој бил во своите дваесетти, а таа веќе зрела жена. Сепак, „Ксјуша“ долго останала привлечна, а нејзината сензуалност ѝ донела многу несреќи во животот. Кога со Григориј бега во Јагодно, од лекоумна селанка станува самоуверена домаќинка на имотот и љубовница на синот на газдата.
  • Петар Мелехов — постариот брат на Григориј, рус Kозак на кого воопшто не се гледа неговото турско потекло. Особено се истакнува во војската каде добива неколку унапредувања. Петар е добродушен, мирен и оддаден на семејството, чест посредник во напнатите односи меѓу таткото и братот.
  • Наталија — жената на Григориј, ќерка на богатиот Мирон Григоријевич. Нивниот брак од почеток бил несреќен, а кога Гришка заминува кај Аксиња, Наталија станува толку очајна што се обидува да изврши самоубиство.
  • Дарја Александровна — жената на Петар, похотна и лукава „солдатуша“. Солдатуши биле жените кои не чекале да им се вратат мажите од војна за да имаат односи. Кога свекор ѝ ѝ се заканил и ја истепал заради нејзиното срамно однесување, она му одговара: „Ако веќе ти не можеш, има кој може“.
  • Евгениј Листницки — синот единец на генералот Листницки. Лојален на царот, тој тешко се бори со неизбежниот пад на монархијата и станува ладна и незадоволна личност.
  • Дуњашка — помалата сестра на браќата Мелехови, една од најголемите убавици во селото.
  • Степан Астахов — мажот на Аксиња.
  • Мишка Коршунов — братот на Наталија.
  • Мохов — селски трговец и лихвар.
  • Мишка Кошевој — млад комунисти момче кое го сакала Дуњашка.
  • Лукинична, Илинична, Мирон Григоријевич и Пантелеј Мелехов — глави на семејствата Мелехов и Григоријевич
  • Лукерја, Тихон, Сашка — слуги на стариот Листницки
  • Аникушка, Христоња, браќата Шамили, Иван Томилин, Иван Алексејевич, Федот Бодовсков — Kозаци
  • Бунчук — комунист кој бил задолжен да ги преобрати полковите
  • Лавр Корнилов — главниот командант
  • Каледин, Лукомски, Лагутин — генерали и офицери

Прием[уреди | уреди извор]

Тивкиот Дон е еден од најчитаните романи на руската и светската книжевност. Шолохов за него ја добил наградата „Сталин“ и Нобеловата награда за книжевност. Романот бил споредуван со „Војна и мир“ (1869) од Лав Толстој. Како и Толстоевиот роман, Тивкиот Дон е епска слика на рускиот живот во време на криза и го проучува од политички, воен, романтичен и социјален аспект. Шолохов бил обвинет од Солженицин и други, меѓу кои и Светлана Алилуева (ќерката на Сталин) дека делото е плагијат. Во доцните дваесетти години на XX век било спроведено истражување кое го потврдило авторството на Шолохов и обвинувањата биле отфрлени како злонамерни во „Правда“.

За време на Втората светска војна архивата на Шолохов била уништена во авионско бомбардирање и само четвртиот том преживеал. Ракописот бил пронајден од Институтот за светска книжевност на Руската академија на науките во 1999 година со помош на руската влада. Ракописите датираат од дваесеттите години на XX век, 605 страни се напишани лично од Шолохов, а 285 се транскрибирани од неговата жена Марија и сестрите. [1] Сепак, имало тврдења дека ракописот е само копија на ракописот на Фјодор Крјуков, вистинскиот автор.[2]

Статистичката анализа на должината на речениците во „Тивкиот Дон“ му дава поддршка на Шолохов.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]