Таупо (езеро)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Таупо
Таупо - Поглед на езерото Таупо
Поглед на езерото Таупо
Место округ Таупо, регион Ваикато, Северен Остров
Координати 38°49′ ЈГШ 175°55′ ИГД / 
Тип кратерско езеро, олиготрофно
Главен прилив Ваитахануи, Тонгариро, Тауранга Таупо
Главен истек Ваикато
Површина на сливот 3487 км³
Земји во сливот Нов Зеланд
Макс. должина 46 км
Макс. ширина 33 км
Површина 616 км²
Прос. длабочина 110 м
Макс. длабочина 186 м
Водна зафатнина 59 км³
Проточност (на езерската вода) 10,5 год.
Брежна должина1 193 км
Надм. височина на површината 356 м
Острови Мотутаико (11 ха)[1][2]
1 Брежната должина не е добро утврдена мерка.

Таупо (англ. Lake Taupo) е езеро на Северниот Остров на Нов Зеланд. Со површина од 616 км², ова е најголемото езеро во Нов Зеланд и воопшто во Океанија.

Таупо има обиколка од околу 193 километри, а најголемата длабочина изнесува 186 метри. Езерото се празни во реката Ваикато (најдолгата во земјата), а поважни притоки се Ваитахануи, Тонгариро и Тауранга Таупо. Познато е по богатиот рибен фонд од речна и калифорниска пастрмка (донесени во XIX век).

Образување на езерото и вулканизам[уреди]

Местоположба на езерото

Езерото Таупо е сместено во калдера (вдлабнатина) создадена со супервулканска ерупција која се случила пред околу 26.500 години. Според геолошките наоди, вулканот избувнал 28 пати во последниве 27.000 години. Исфрлениот материјал главно се состоел од риолитна лава, со исклучок на извесно количесто на дацитна лава која ја создала блиската планина Таухара.

Тука се случила најголемата вуланска ерупција во историјата на светот. Ерупцијата исфрлила 1.170 кубни километри материјал и со тоа околното подрачје од неколку стотини квадратни километри пропаднало и создало калдера. Подоцна калдерата се наполнила со вода, која потоа се преплавила и создала огромна одливна поплава.[3]

Во меѓувреме се случиле неколку покрупни ерупции, пред последната ерупција во 180 г н.е. Се смета дека со оваа ерупција се исфрлени 100 кубни километри материјал, од кои 30 кубни километри биле исфрлени за само неколку минути. Ова е една од најбурните ерупции во последните 5.000 години, со индекс на вулканска експлозивност 7. Столбот на ерупцијата бил двојно повисок од оној на Сент Хеленс во 1980, а пепелта го заруменила небото над Рим и Кина. Најголемиот дел од Северниот Остров бил разорен. Последната ерупција на Таупо се случила во 210 г. н.е. Оваа ерупција ги создала гребените Хороматанги, но и покрај тоа, таа била многу послаба од онаа во 180 г. н.е..

Ерупцијата од 180 г. н.е. е една од најголемите во пишаната историја. Ефектите на оваа појава врз небото и залезот се запишани во книгите на римските и кинеските набљудувачи од тоа време. Можно е да имало и климатски последници врз Јужната Полутопка.[4]

Подводната хидротермална активност продолжува и понатаму, близу отворот Хороматанги,[5], но во моментов вулканот се смета дека мирува (но не и дека е изгаснат).

Жив свет[уреди]

Голем дел од подрачјето на езерото Таупо е шумовито, каде е најзастапена буката и ножноплодните дрва, со придружни папратници сочинети од видовите Blechnum filiforme, Asplenium flaccidum, Doodia media, Hymenophyllum demissum, Microsorum pustulatum и Microsorum scandens, како и честак од видовите Olearia ranii и Alseuosmia quercifolia.[6]

Автохтони животниски видови во езерото се ендемските ракови коура (Paranephrops planifrons) и ситните риби кокопу (Galaxias). Езерото е има богат рибен фонд од речна пастрмка (Salmo trutta) и калифорниска пастрмка (Oncorhynchus mykiss) донесени од Европа и Калифорнија кон крајот на XIX век. Донесени се и кркушки како храна за пастрмките.

Околу геотермалните отвори живеат сунѓери и придружни без’рбетници.[5]

Туризам[уреди]

Сателитска снимка на езерото Таупо (НАСА)

Туризмот е главна стопанска гранка во регионот, со над 1,2 милиони посетители годишно. Најпрометно време за угостителските објекти е летниот период, околу Божиќ и Нова Година.

Езерското подрачје се одликува со блага клима. Максималната дневна температура се движи од 24 °C (јануари) до 15 °C (јули), а ноќната од 16 °C (лето) 5 °C (зима). Највеќе врнежи има во текот на летото.[7]

Таупо е домаќин на велосипедски маратон околу езерото кој трае од четири до десет часа. Највеќето учесници се жители на гратчето Таупо. Популарна туристичка активност е и падобранството.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Motutaiko Island, Department of Conservation.
  2. Laurence Cussen (1887). Lake Taupo, стр. 328–331 во Notes on the Physiography and Geology of the King Country, Transactions of the Royal Society of New Zealand, 20, 317–332.
  3. Manville, Vern & Wilson, Colin J. N. (2004). „The 26.5 ka Oruanui eruption, New Zealand: a review of the roles of volcanism and climate in the post-eruptive sedimentary response“. „New Zealand Journal of Geology & Geophysics“ 47: 525–547. doi:10.1080/00288306.2004.9515074. http://www.rsnz.org/publish/nzjgg/2004/042.php. 
  4. Climate, History and the Modern World, Lamb,H. (1995), Routledge
  5. 5,0 5,1 C. E. J. de Ronde, P. Stoffers, D. Garbe-Schönberg, B. W. Christenson, B. Jones, R. Manconi, P. R. L. Browne, K. Hissmann, R. Botz, B. W. Davy, M. Schmitt and C. N. Battershill (2002). „Discovery of active hydrothermal venting in Lake Taupo, New Zealand“. „Journal of Volcanology and Geothermal Research“ 115: 257–275. doi:10.1016/S0377-0273(01)00332-8. 
  6. C. Michael Hogan. 2009. Crown Fern: Blechnum discolor, Globaltwitcher.com, уред. N. Stromberg
  7. База на GHCN - Годардов институт за вселенски изучувања (англиски)

Надворешни врски[уреди]