Студентот од Прага (филм од 1926)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Студентот од Прага (германски: Der Student von Prag) - германски филм од 1926 година, во режија на Хенрик Гален, кој е автор и на сценариото, заедно со Ханс Хајнц Еверс. Главните улоги ги толкуваат: Конрад Вајт, Вернер Краус, Елиза Ла Порта, Агнес Естерхази, Фриц Алберти и Фердинанд фон Алтен.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејствието на филмот се случува во 1820 година. Балдуин (го игра Вајд), студент на универзитетот во Прага, присуствува на една студентска забава каде го среќава таинствениот човек Скапинели (го игра Краус) кој му нуди голем износ пари по „многу ниска камата“, но Балдуин го одбива. Но, подоцна, крај морето, Балдуин пак го среќава Скапинели кој набљудува група луѓе кои се подготвуваат за лов. Меѓу нив е и девојката Маргит (ја игра Естерхази), а со примена на натприродни способности, Скапинели предизвикува таа да се упати кон меаната во која се наоѓа Балдуин. Притоа, Маргит паѓа од коњот, но Балдуин ја спасува и таа му подарува крст. По некое време, Балдуин ја посетува Маргит и таму се засрамува поради тоа што е многу сиромашен, особено во споредба со нејзиниот свршеник, баронот од Валдис (го игра фон Алтен). Истата вечер, Скапинели го посетува Балдуин и пак му нуди многу пари, а откако Балдуин го потпишува договорот, Скапинели му го зема одразот во огледалото. Оттогаш, Балдуин живее раскошен живот и станува близок со Маргит. Со посредство на Скапинели, сиромашната девојка Лидушка (ја игра Ла Порта), која е вљубена во Балдуин, наоѓа писмо од Маргит до Балдуин и му го дава на нејзиниот свршеник. Тој го предизвикува Балдуин на двобој, но таткото на Маргит (го игра Алберти) дознава дека Балдуин е најдобриот мечувалец во Прага и го моли да не го повредi баронот. Балдуин му дава збор, но на двобојот се појавува неговиот одраз во огледалото, кој го убива баронот. Тогаш, студентите дознаваат дека Балдуин го прекршил дадениот збор и одбиваат да се дружат со него. Потоа, Балдуин повеќепати се соочува со својот одраз кој му предизвикува ужас. Затоа, тој решава да го убие својот одраз и пука во огледалото, но тогаш сфаќа дека се погодил себеси. Филмот завршува со приказ на гробот на Балдуин на кој пишува: „Овде лежи Балдуин. Тој се бореше со ѓаволот и изгуби.“

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

YouTube, El Estudiante de Praga (1926) Der student von Prag

Наводи[уреди | уреди извор]