Средновековна книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Фрагмент од Лесновскиот паренезис

Средновековната книжевност е создадена во духот на актуелните општествени сознанија со доминантен акцент на црковната христијанска идеологија. Средновековните романи и раскази биле омилен жанр, покрај христијанските и библиските содржини.

Развој на средновековната книжевност[уреди | уреди извор]

Средновековната литература е составена од богат систем на жанрови и родови. Речиси сите жанрови биле преземени од византиската литература.[1] Основната структура се градела врз библиските текстови. Расказите и романите биле преводи или преработки на тогаш најпознатите светски дела, со белези на рицарски морал. Првите оригинални раскази настанале во периодот од 9 век до 12 век. Меѓу романите, најстар и најпознат е „Романот за Александар Македонски“, кој потекнува од 2 век или 3 век, напишан од Псевдо-Калистен од Александрија. Овој роман е поставен на фантастична основа, со интересно испреплетени легендарни приказни за Александар Македонски, како и историски податоци за него.

Средновековна црковна книжевност во Западна Европа[уреди | уреди извор]

Средновековната книжевност, особено црковната, се одликувала со статичност, бидејќи се придржувала кон строго одредени теми и клишеа, кои долго време биле пренесувани од едно на друго дело. Средновековниот автор, исто како и неговите читатели, наоѓал задоволство во бескрајните варијации на една иста тема, како и во повторувањето на познатите вистини и на многубројните цитати. Притоа, задржувањето на овие „заеднички места“ и на вообичаените познати топоси, средновековните автори го сметале за квалитет. Меѓутоа, наспроти придржувањето до авторитетите и традицијата, средновековните дела не се неинформативни, зашто книжевното творештво не се сведувало само на повторување. Напротив, секој автор внесувал по нешто свое, и тоа без да ја отфрли претходната традиција, туку вклучувајќи се во неа.[2] Една од основните одлики на црковната книжевност во средниот век е поместувањето на фокусот од убавината на книжевната форма врз прецизното толкување на теолошките текстови, при што варваризмот во изразот и јазичните грешки стануваат споредни. Латинските автори од 6 век, а и подоцна, во предговорите на своите дела зборуваат за својата неспособност да се изразат со висок стил. Така, Цезариј од Арлес им се извинува на своите читатели за својата едноставна и приземна проповед која „се влечи пеш“, а Грегориј од Тур признава дека е „простак, неписмен и незнајко“ (inops litteris, stultus et idiota). Меѓутоа, овие автори, всушност, го истакнуваат основниот постула на новиот стил во кој повеќе не се бара реторичка вештина. Денес, во таквите изјави, некои гледаат симптом на опаѓањето на ученоста во средниот век, но други истражувачи сметаат дека тие се израз на скромноста на авторите - традиција која потекнува од ранохристијанските автори.[3]

Некои автори, како Е. Р. Курциус, како посебна одлика на средновековната црковна книжевност ја истакнуваат приврзеноста кон традиционалните книжевни топоси, т.н. „општи места“ (loci communes), кои се сметаат за одраз на несамостојноста на нивните автори и на баналноста на таквите книжевни дела. Меѓутоа, поновите истражувања покажуваат дека овие „општи места“ биле оправдано разновидно и функционално користени во делата од овој период. Всушност, како што забележува Е. Ауербах, Цезариј од Арлес, Григориј од Тур и другите автори од овој период свесно го користеле простиот стил, зашто повеќе ги немало учените читатели кои можеле да ја оценат граматичката и стилската префинетост на античката книжевност. Делата на црковните автори биле насочени кон поинаква публика - неписмениот или полуписмениот народ и затоа се воделе според реторичкото прашање на Августин: „Кому му е потребен совршениот јазик ако слушателите не се способни да ја сфатат суштината?“[4] На тој начин, во средниот век се развила нова книжевност, со посебни задачи и механизми, изразувајќи ги потребите на општеството во која се појавила, а секојдневниот јазик во делата на црковните автори од 6. век е симптом на фундаменталниот пресврт не само во книжевниот стил, туку и во односот меѓу писателот и публиката, чиј состав радикално се променил.[5]

Средновековна словенска писменост[уреди | уреди извор]

Главна статија: Средновековна македонска книжевност и Средновековни книжевни школи

Средновековниот период во Македонија се карактеризира со дејноста на две книжевни школи: Охридската и Кратовската. Ракописите од Охридската и од Кратовската школа се совпаѓаат едни со други според повеќе правописни и јазични особености, и ја претставуваат македонската варијанта на црковнословенскиот јазик.

Средновековна англиска книжевност[уреди | уреди извор]

Главна статија: Англиска книжевност

Оваа книжевност се дели во три категории: религиозна, љубовна и артуровска. Меѓу најдобрите дела од овој период се сметаат „Орачот Пирс“ од Вилијам Ленгленд, „Кантербериски приказни“ од Џефри Чосер и „Сер Гавејн и зелениот витез“.

Најзначајниот автор од ова време е Џефри Чосер, кој пишувал кон крајот на 14 век. Чосер често се смета за таткото на англиската книжевност и за прв автор кој ја покажал уметничката сила на народниот англиски јазик, наспроти францускиот или латинскиот. „Кантербериски приказни“ му се најважното дело.

Средновековна женска книжевност[уреди | уреди извор]

Иако жените во средновековниот период не биле рамноправни со мажите, некои жени биле во можност да ги користат своите вештини да се здобијат со слава. Најмногу ги имало во верската книжевност - жени кои подоцна станале канонизирани како светци често ги објавувале своите размислувања, откровенија, и молитви. Голем дел од она што е познато за жените во средниот век е од делата на монахињите, како Клара Асишка, Бригита од Шведска, и Катерина Сиенска.

Често, сепак, верските перспективи на жените биле сметани за неортодоксни од оние на власт, односно мажите, и мистичните визии на авторки како Јулијана Норвичска, Мехтилда Магдебургска и Хилдегарда Бингенска обезбедуваат увид на дел од средновековното искуство помалку удобно за институциите кои владееле со Европа во тоа време. Жените пишувале и влијателни секуларни текстови, рефлексии на љубовта и општеството, дела од Марија Француска и Кристина Пизанска продолжуваат да се изучуваат поради нивниот приказ на средновековното општество.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Група автори, Македонски јазик и литература. Скопје: Просветно дело, 2006, стр. 266.
  2. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 29.
  3. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 33-35.
  4. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 34-35.
  5. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 37.
  6. Green, D.H. "Women Readers of the Middle Ages". Cambridge University Press, England. ISBN 978-0-52187-9422