Прејди на содржината

Григориј Турски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Григориј Турски (латински: Gregorius Turonensis, 30 ноември 538 - 17 ноември 593/594) бил гало-римски историчар и епископ на Тур (Turs).

Животопис

[уреди | уреди извор]
Статуа на Григориј Турски од XIX век. Дело на Жан Марселан, Лувр.

Григориј e роден на 30 ноември, околу 538 година, во Клермон, во централната галска провинција Оверњ.[1][2] Тој се родил како Georgius Florentius, но подоцна го додал името Gregorius во чест на својот предедо по мајчина страна.[3]

Починал на 17 ноември во 593 или во 594 година.[3]

Творештво

[уреди | уреди извор]
„Историја на Франките“ од Григориј Турски.

Најзначајното дело на Григориј Турски е „Десет историски книги“ (Decem Libri Historiarum), попознато како „Историја на Франките“ (Historia Francorum). Во него, тој ги прикажал историјата на владетелите на Франките и христијанизацијата на Галија, но на повеќе места детаљно зборува за теолошките расправи кои се воделе меѓу католиците и кривоверците-аријани во кои учествувал и тој самиот.[4]

Григориј пишувал на латински јазик, но со често отстапување од класичните граматички правила,[5] мешајќи ги средниот и женскиот род и заменувајќи го женскиот со машкиот род[6] при што користел многу прост стил. На пример, во предговорот на житието на св. Мартин, Григориј признава дека почнал да пишува со страв и по долго колебање, зашто се чувствувал „неписмен, простак и незнајко“ (inops litteris, stultus et idiota). Меѓутоа, нему му се прикажала мајка му, убедувајќи го дека токму тој едноставен начин на пишување е исправен, зашто му е пристапен на народот и дека би било за осуда ако не го направи тоа благородно дело. Тагувајќи поради својата неукост, најпосле Григориј бил охрабрен од помислата дека Господ, „за да ја уништи суетата на светската премудрост, не ги избрал ораторите, туку рибарите, не ги одбрал филозофите, туку селаните“. Поради тоа, тој ги отфрлил „басните“ за римските богови и ги опишува чудата на божјите избраници за што не е потребно да се знаат граматичките родови и падежи. Исто така, во завршната глава на својата „Историја на Франките“, откако ги набројува своите дела, тој повторно ја нагласува недоделканоста на својот стил, но ги заколнува сите свештеници кои ќе управуваат со епархијата да не менуваат ништо од она што го напишал, туку да ги сочуваат неговите дела недопрени.[7]

Важен дел од творештвото на Григориј заземаат хагиографиите, кои претставуваат т.н. мали книжевни форми, се одликуваат со концизно излагање, а нивната централна тема се чудата кои ги правеле светците. Од нив, најпознате се неговите „Книга за чудата“ (Libri miracolorum), „Книга за славата на праведните исповедници“ (Liber de gloria beatorum confessorum) и „Житијата на отците“ (Vitae patrum) во кои ги опишува чудата на светците, како и „Четири книги за чудата на светиот епископ Мартин“ (De miraculis s. Martini). Тие се напишани на прост јазик и имале дидактичка улога, т.е. биле наменети за читање или прераскажување за време на црковните проповеди, вообичаено на празникот на конретниот светец. На пример, во „Книгата за чудата“, тој не наведува никакви теолошки аргументи во одбрана на верата, туку го опишува двобојот во кој аријанскиот еретик го предизвикува католикот да докаже дека е во право со помош на „божјиот суд“. За таа цел, двајцата наизменично да го извадат прстенот од казанот со врела вода; најпосле, откако долго време ја држел во водата, раката на правоверниот останала неповредена, додека еретикот ја изгорел раката до коската.[8]

  1. Butler, Alban. The Lives of the Saints, Vol. XI, 1866
  2. Jones, Terry. „Gregory of Tours“. Patron Saints Index. Архивирано од изворникот на 2007-01-10. Посетено на 2007-01-16.
  3. 3,0 3,1 Leclercq, Henri. „St. Gregory of Tours“, во: The Catholic Encyclopedia. Vol. 7. New York: Robert Appleton Company, 1910. (пристапено на 26 October 2014)
  4. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 41.
  5. Sandys, John Edwin. History of Classical Scholarship, Vol I. 434-435. Cambridge: CUP, 1903.
  6. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 36.
  7. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 35-36.
  8. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 41-42.