Солвентност 2

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Солвентност 2 – (англиски: Solvency II) – регулаторна рамка за адекватноста на капиталот и за управување со ризиците на друштвата за осигурување во Европската Унија.

Историјат – Солвентност 1[уреди | уреди извор]

Режимот на регулација на друштвата за осигурување во Европската Унија започнал да функционира во 1973 година. Овој систем, познат под името „Солвентност 1“ бил заснован врз едноставен модел на регулација кој го зема предвид единствено осигурителниот ризик пресметан врз основа на индекс на премијата и на штетите. Овој систем не водел сметка за голем број ризици со кои се соочуваат осигуритлените друштва, ниту пак биле вреднувани инструментите за заштита од ризиците.[1]

Солвентност 2[уреди | уреди извор]

Основните цели на „Солвентност 2“ се: поголема заштита на интересите на осигурениците, поголема транспарентност, поголема споредливост и конкурентност на пазарите на осигурителни услуги во ЕУ. Оваа регулаторна рамка ги зема предвид новитетите во областа на управувањето со ризиците, корпоративното управување и финансиското известување во осигурителните друштва. Процесот на примена на „Солвентност 2“ се спроведува низ четири нивоа:[2] Првото ниво се однесува на Директивата „Солвентност 2“ (Директива 2009/138/ЕЗ) која на предлог на Европската комисија, а по советување на ЕИОПА (European Insurance and Occupational Pensions Authority, EIOPA) ја усвоиле Европскиот парламент и Советот на министрите на 5 мај 2009 година. Потоа, примената на оваа директива одела преку изработка на посебни мерки кои ги усвоила Европската комисија во октомври 2014 година. Овие мерки го претставуваат второто ниво на примена на „Солвентност 2“. Третото ниво ги вклучува препораките и начелата за спроведување на супервизијата кои до декември 2015 година ги донесла ЕИОПА во различна правна форма. Во текот на 2015 година, земјите-членки на ЕУ вршеле приспособување на нивните национални законодавства со цел да ги хармонизираат со Директивата и со препораките на ЕИОПА, а Европската комисија вршела надзор на тој процес. На тој начин била заокружена четвртата етапа во примената на „Солвентност 2“. Притоа, регулаторниот режим „Солвентност 2“ започнал да се применува во членките на ЕУ од 1 јануари 2016 година.

Темели на „Солвентност 2“[уреди | уреди извор]

Регулаторната рамка „Солвентност 2“ се темели врз три столба:[3]

  • 1 столб – квантитативни барања. Овој столб опфаќа одредени квантитативни барања за осигурителните друштва во однос на основата за одредување и пресметка на техничките резерви, одредување и проценка на сопствените средства на друштвата, вреднување на ставките од билансот на состојбата, пресметка на минималнито потребен капитал, пресметка на минималниот солвентен капитал, определување правила за инвестирање на средствата итн.
  • 2 столб – Квалитативни барања за корпоративното управување на осигурителните друштва, определување на принципите на внатрешната контрола и системот за управување со ризиците, спроведување сопствена проценка на ризиците и солвентноста, како и воспоставување нови принципи на супервизорската оцена.
  • 3 столб – Пазарна дисциплина и известување. Третиот столб поставува стандарди за поголема транспарентност во работата на осигурителните друштва, стандарди за финансиското известување и за обелоденувањето податоци, нови правила за известување до надлежниот супервизорски орган итн.

Примената на „Солвентност“ во Македонија[уреди | уреди извор]

Со донесувањето на Законот за супервизија на осигурувањето во април 2002 година формално започнал процесот на усогласување на македонското законодавство со „Солвентност 1“. Во рамките на преземените обврски за хармонизација на домашната регулатива кон онаа на ЕУ, Македонија има обврска да се усогласи и кон „Солвентност 2“.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Билјана Јаневска Неделковска, „Солвентност II - Нова ера во надзорот на осигурувањето“, Економија и бизнис, година 18, број 216, јуни 2016, стр. 52.
  2. Билјана Јаневска Неделковска, „Солвентност II - Нова ера во надзорот на осигурувањето“, Економија и бизнис, година 18, број 216, јуни 2016, стр. 53.
  3. Билјана Јаневска Неделковска, „Солвентност II - Нова ера во надзорот на осигурувањето“, Економија и бизнис, година 18, број 216, јуни 2016, стр. 54.
  4. Билјана Јаневска Неделковска, „Солвентност II - Нова ера во надзорот на осигурувањето“, Економија и бизнис, година 18, број 216, јуни 2016, стр. 52-55.