Прејди на содржината

Ристо Равановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ристо Равановски
Роден 1913 година
Галичник, Македонија
Починал 31 декември, 1943 година
Скопје, Македонија
По чести измачувања во бугарскиот затвор, се разболел и починал.

Ристо Равановски ( 1913 во Галичник31 декември 1943 во Скопје) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Произлегува од сиромашно семејство. Завршил основно училиште во родното меото. Уште како дете заминал од родното село да бара работа. Притоа се судрил со сите тешкотии. Тоа придонело уште во младите години да стане борец за правата на работничката класа. Најголем дел од својот живот го поминал во Скопје, каде бил поврзан со напредното работничко движење. Во последните години на бивша Југославија станал многу влијателен и познат меѓу скопските работници. Заедно со напредната интелигенција водел бескомромисна борба за правата на работниот народ. Учествувал во штрајковите како и во демонстрациите по повод окупацијата на Албанија. Особено се истакнал во демонстрациите од 27 март 1941 година. По природа бил многу жив, весел и правичен. Тоа придонело да биде бескомпромисен во секојдневната борба за подобра и посреќна иднина на македонскиот народ. Забележителна била неговата активност во немирните предвоени години, кога целата напредна работничка, студентска и средношколска младина се организирала за отпор. Со личен револуционерен пример влијаел на многу младински активисти. Борбата за националата самобитност на македонскиот народ ја сметал како света обврска и во секоја прилики го искажувал тоа. Активно пропагирал на младинските излети во соседните места на Скопје. Поради учество во еден излет посветен на Илинден, полиција го затворила. Тоа не го обесхрабрило туку напротив му влеало уверување дека треба уште поупорно да се бори. Така, неговиот стан станал собирно место на многумина борци. По еден илегален состанок кај еден соборец во 1939 година, бил затворен. Но, поради недостиг на достатни докази бил ослободен. Оттогаш неговата револуционерна работа станала побележлива не само во Скопје, туку и во неговото родно место Галичник. Оваа активност полицијата ја забележала, по изведбата на пиесата „Печалбари“ го затворила и го спровела во Скопје.[1]

Окупација на Македонија

[уреди | уреди извор]

Окупацијата ја дочекал како подготвен револуционер. Се грижел за засолнување на илегалците, организирал растурање на летоци, собирал оружје и друг материјал потребен за НОВ. Затоа уште во 1941 година бугарската полиција го затворила, но без да има конкретни докази. Во 1942 година се грижел за партиската техника, а во 1943 година од рудникот „Радуша“ преземал динамит и друг материјал, потребни за НОВ. Во рудникот спроведувал и успешни саботажи. Поради чести измачувања во бугарскиот затвор, паднал тешко болен. Вложените напори да му се спаси животот не вродиле со плод. На 31 декември 1943 година починал. Иако кратко траел неговиот живот тој бил целосно исполнет со бескомпромисна борба за слобода на народот и работничката класа, како и против фашистичките поробувачи.[1]

Една од улиците во Скопје го носи токму неговото име.[2]

  1. 1,0 1,1 1,2 Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 119. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. „Ристо Равановски - Скопје“. wikimapia.org.