Портал:Боливија/Вовед

Од Википедија — слободната енциклопедија
Грб на Боливија.
Грб на Боливија.

Боливија (шпански: Bolivia, кечуански: Bulivya , ајмарски: Wuliwya, гварански: Volívia), или официјално Повеќенационална Држава Боливија (Estado Plurinacional de Bolivia, Bulivya Mamallaqta, Wuliwya Suyu, Tetã Volívia), е независна држава во Јужна Америка. Боливија се граничи со Бразил на север и исток, со Парагвај и Аргентина на југ, со Чиле на југозапад и со Перу на запад. Главен град на држава според уставот е Сукре, а седиште на владата е Ла Пас. Државата има 37 официјални јазици, а најзборувани се шпанскиот, кечуанскиот, ајмарскиот и гваранскиот јазик. Боливија има население од околу 10 милиони жители. Над 50% од населението се јужноамерикански староседелци, меѓу кои најголеми се Кечуаните, Ајмарите и Гвараните.

Пред европската колонизација на Америка, андскиот регион на Боливија бил дел од познатата Империја на Инките — најголема држава во претколумбовскиот период. Шпанската империја го освоила регионот во 16 век. За време на шпанскиот колонијален период, територијата на Боливија се нарекувала Горно Перу и била дел од Вицекралството Перу. По објавувањето на независноста во 1809 година, следувала војна која траела 16 години. По крајот на војната била основана новата република на 6 август 1825, а името го добила во чест на јужноамериканскиот револуционер Симон Боливар. Во својата историја како независна држава, Боливија се соочила со голем број политички немири, диктаторски општествени уредувања и економски проблеми.