Париз, Тексас (филм од 1984)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Париз, Тексас“ (англиски: Paris, Texas) - филм од 1984 година, во режија на Вим Вендерс, по сценариото на Сем Шепард, кој слична тематика обработил и во својата збирка „Мотелски хроники“ (Motel Chronicles).[1] Во главните улоги настапуваат: Хари Дин Стентон, Дин Стоквел, Орора Клемент, Настасја Кински и Хантер Карсон. Во 1984 година, филмот освоил три награди на Канскиот филмски фестивал, и тоа: „Златната палма“, наградата на Екуменското жири и наградата FIPRESCI. Во 1985 година, филмот бил номиниран за наградата „Златен глобус“, во категоријата за најдобар странски филм. Истата година, филмот имал четири номинации за наградите на БАФТА, а победил само во една (Вендерс во категоријата за најдобар режисер). Исто така во 1985 година, камерманот Роби Милер победил на Баварските филмски награди во категоријата за кинематографија. Вкупно, филмот освоил 16 награди, а имал десет номинации.[2]

Вим Вендерс на 2014 Филмски фестивал во Кан.

Синопсис[уреди | уреди извор]

По пауза од четири години, Тревис Хендерсон (го игра Стентон) ненадејно се појавува во мало место, некаде во пустината во Тексас. Неговиот брат, Волт (го игра Стоквел) сака да го однесе дома, но на почетокот Тревис не сака да соработува и не зборува ништо, се обидува да побегне, не сака да лета со авион, итн. По исчезнувањето на Тревис, неговата сопруга Џејн (ја игра Кински) го оставила својот мал син Хантер (го игра Карсон) кај Волт, кој заедно со сопругата Ен (ја игра Клемент) го одгледуваат како свое дете, така што Хантер не знае ништо за своите вистински родители. Оттука, кога ќе се соочи со својот вистински татко, Хантер е воздржан, но постепено тие стануваат поблиски. Еден ден, Тревис одлучува да ја побара Џејн, го зема Хантер со себе и двајцата заминуваат за Хјустон, Тексас. Таму успеваат да ја најдат Џејн, која работи во една „продавница“ за сексуални услуги. Тревис го остава Хантер во хотелската соба, ја посетува Џејн и почнува да ја раскажува својата приказна, објаснувајќи ја својата огромна љубов, големата љубомора, неснаоѓањето во бракот и проблемите по раѓањето на Хантер. Тогаш, Џејн дознава дека разговара со својот поранешен сопруг. На крајот од филмот, таа оди во хотелската соба и се среќава со Хантер, но Тревис повторно ги напушта своите најмили.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]