Пантелис Пулјопулос

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Пантелис Пулјопулос (10 март 19006 јуни 1943) е грчки троцкист, некогашен генерален секретар на Комунистичката партија на Грција и основач на троцкистичкото движење во Грција. Ги бранеше правата на етничките малцинства, вклучително и на македонското, во Грција и тоа беше една од причините за судирот со КПГ.

Во 1919 година Пулјопулос се запишува на Универзитетот во Атина, каде студира право. Истата година се приклучува кон Социјалистичката работничка партија на Грција (претходник на Комунистичката партија на Грција). Во 1920 година, за време на Грчко-турската војна 1919-1922, е регрутиран во грчката војска. Во 1922 година е уапсен за антивоено делување, но со крајот на војната е ослободен. Во периодот 1923-1925 година е активен во движењето на воените ветерани, а во 1924 година е избран и за претседател на Панхеленската федерација на ветераните.

Во летото 1924 година Пулјопулос е дел од партиската делегација што учествува на Петтиот конгрес на Коминтерната. На Третиот вонреден конгрес на партијата во ноември истата година Пулјопулос станува генерален секретар на КПГ и застанува на чело на мнозинството кое ја прифаќа ориентацијата на Коминтерната кон создавање обединета и независна Македонија.

За својата поддршка за автономијата на Македонија и Тракија Пулјопулос, заедно со 23 други, на 24 август 1925 година е изведен пред суд од страна на диктаторската власт на Теодорос Пангалос. За да се избегне изрекувањето на смртни пресуди, Коминтерната преку својот претставник, Романецот Елек Коблош (Бадулеску), ги советува обвинетите комунисти да ја повлечат пред судот паролата за независна и обединета Македонија, но Пулјопулос ги отфрла советите и во својата одбрана од повеќе од 4 часа го брани правото на националните малцинства самите да одлучуваат за својата судбина. Судењето е обновено на 22 февруари 1926 година и иако обвинувањата се отфрлени, обвинетите се протерани на островите Анафис, Аморгос и Фолегандрос. Пулјопулос е протеран на Фолегандрос, но набрзо, по падот на диктатурата на Пангалос во август 1926 година, е ослободен.

Во септември 1926 година поднесува оставка на функцијата генерален секретар на КПГ, но делегацијата на Коминтерната не се согласува со таквиот потег и го враќа на раководната позиција. Сепак на Третиот редовен конгрес на КПГ во март 1927 година Пулјопулос и неговата група е отстранета од Централниот комитет поради троцкизам. На 15 јули Пулјопулос (заедно со Ѓацопулос) го објавува своето „Отворено писмо до КПГ“, поради што по три месеци тој и неговите приврзаници е исклучен од партијата.

Исклучени од сталинизираната КПГ, Пулјопулос и неговите приврзаници се приклонуваат кон Левата опозиција. Сепак, во тоа време тие не наоѓаат заеднички јазик со една друга троцкистичка група, т.н. археомарксисти, кои и официјално се признати како грчка троцкистичка групација од страна на Лав Троцки. Всушност, Троцки ги осудува како фракционери и групата на Пулјопулос и групата што се отцепува од археомарксистите на чело со Мишел Пабло. Подоцна, во 1934 година, доаѓа до обединување на овие две групи. Во февруари 1937 година доаѓа до ново обединување со друга троцкистичка група, за чиј лидер е избран Пулјопулос. Оваа група е една од двете троцкистички групи што ќе испратат свои делегации на Основачкиот конгрес на Четвртата интернационала во септември 1938 година.

За време на диктатурата на Метаксас, во јуни 1937 година Пулјопулос преминува во илегала, но на почетокот на 1938 година, силите на диктаторот го пронаоѓаат и го апсат. Во 1943 година, италијанските окупациски сили го стрелаат, заедно со преку 100 други затвореници, во знак на одмазда на активностите на грчките партизани. При стрелањето, Пулјопулос им се обраќа на војниците да не прават злодело против антифашистичките борци. Тие одбиваат да стрелаат, по што карабинерите го извршуваат стрелањето.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]