Ноќта на ловецот (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

„Ноќта на ловецот“ (англиски: The night of the hunter) — американски филм од 1955 година, режиран од Чарлс Лотон (Charles Laughton). Автор на сценариото е Џејмс Аги (James Agee), а тоа е засновано врз истоимениот роман на американскиот писател Дејвис Граб (Davis Grubb). Главните улоги ги играат: Роберт Мичам (Robert Mitchum), Лилијан Гиш (Lillian Gish), Шели Винтерс (Shelley Winters), Џејмс Глисон (James Gleason), Евелин Ворден (Evelyn Varden), Питер Грејвс (Peter Graves), Били Чепин (Billy Chapin), Сали Џејн Брус (Sally Jane Bruce), Глориа Кастиљо (Gloria Castillo), Дон Бедоу (Don Beddoe) и Емет Лин (Emmett Lynn). Ова е единствениот режисерски потфат на познатиот глумец Чарлс Лотон и се смета за еден од најнеобичните и најдобрите американски филмови од 1950-тите. Тој претставува приказ на американскиот југ чија привидна идила ја разурнува злото кое ги уништува луѓето и насекаде сее смрт. Акцентот во филмот е ставен на библиските мотиви за лажните пророци и за волците во јагнешка кожа, а покрај извонредната режија, филмот се одликува и со впечатливата и естетизирана фотографија, дело на Стнели Кортез (Stanley Cortez), и со ефектната музика на Волтер Шуман (Walter Schumann).[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејствието на филмот се одвива во Западна Вирџинија, во 1930-тите, за време на Големата депресија. За да го прехрани своето сиромашно семејство, Бен Харпер (го игра Грејвс) ограбува банка и краде 10 000 долари, а при бегството убива двајца луѓе. Набргу, тој е уапсен, но претходно ги крие парите при што на своите деца, деветгодишниот Џон (го игра Чепин) и четиригодишната Перл (ја игра Брус) им го кажува местото, но под услов да не ја кажуваат тајната. Во затворот, Бен се среќава со проповедникот Хари Пауел (го игра Мичам) и еднаш, за време на сонот, му ги кажува детаљите за грабежот. Набргу, Бен е обесен, а Хари излегува од затворот со намера да ја посети сопругата на Бен, Вили (ја игра Винтерс), верувајќи дека таа знае за парите. Со своите слатки проповеди, Хари успева да ги заведе не само Вили, туку и другите жители во местото. Така, по некое време, тој се жени со Вили и тогаш сфаќа дека децата знаат каде се парите. Потоа, тој ја убива Вили и нејзиното тело го фрла во реката, а потоа се обидува да ги принуди децата да му ги дадат парите. Сепак, тие успеваат да избегаат од дома и се засолнуваат кај старицата Рејчел Купер (ја игра Гиш), која се грижи за деца без родители. Хари ги следи децата и открива каде се кријат, но Рејчел успева да го избрка, а потоа полицијата го апси Хари. Така, децата остануваат да живеат со старицата.

Наводи[уреди | уреди извор]