Низ стакло, потемно (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Низ стакло, потемно (шведски: Såsom i en spegel) е шведски игран филм од 1961 година, во режија на Ингмар Бергман (Ingmar Bergman), кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Гунар Бјернстранд, Хариет Андерсон, Макс фон Сидов и Ларс Пасгард. Филмот е добитник на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм, а бил номиниран и во категоријата за најдобро оригинално сценарио.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Филмот претставува психолошка драма, во која се прикажуваат проблемите на девојката Карин (ја игра Хариет Андерсон), која штотуку се вратила од болницата за душевни болести, каде престојувала подолго време. Таа престојува во старата семејна куќа на еден остров, заедно со сопругот, со татко ѝ и со братот. Сопругот Мартин (го игра фон Сидов) е лекар, но никако не може да ѝ помогне, па тоа го прави очаен, зашто многу ја сака. Братот Минус (го игра Пасгард) поминува низ адолесцентските проблеми, додека таткото Давид е познат писател, кој живее во својот свет, опседнат со своето творештво. Бркајќи ја книжевната слава, тој никогаш не бил близок со членовите на неговото семејство.
Состојбата на Карин се влошува и таа постојано оди во напуштената соба на горниот кат, каде слуша гласови кои, според неа, доаѓаат од некој друг свет. Во собата има една врата од која таа постојано очекува дека ќе се појави Бог. Еден ден, таа го открива дневникот на татко ѝ во кој пишува дека нејзината болест е неизлечлива и тоа силно ја погаѓа. Потоа, Карин доживува голема криза и се крие во напуштениот брод што лежи скршен на брегот. Мартин и Давид ја носат во куќата и повикуваат брза помош, но Карин повторно оди во собата, чекајќи да го види Бога. Тогаш, таа пак доживува криза и на своите блиски им вели дека навистина го видела Бога во облик на пајак.
Хеликоптерот пристигнува и ја носи Карин во болницата, а таткото и Минус започнуваат разговор. Минус му кажува на татко му дека додека бил во бродот со Карин, наеднаш се распаднала ставрноста и дека тој не може да живее во двата света. На тоа, татко му вели дека човек мора да живее, зашто во светот има многу љубов и дека љубовта е Бог. Тогаш, Минус радосно забележува дека тоа е првиот разговор меѓу него и татко му.[2] [3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Антена, бр. 821, 21 март 2014, стр. 18.
  2. Антена, бр. 821, 21 март 2014, стр. 18.
  3. IMDb, Through a Glass Darkly (1961) (пристапено на 11.3.2015)