Михаил Арнаудов

Од Википедија — слободната енциклопедија

Михаил Петров Арнаудов (Русе, 5 октомври 1878Софија, 18 февруари 1978) — бугарски филолог, книжевен историчар, академик, универзитетски професор.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е во 1878 година во Русе, Кнежевство Бугарија, во семејството на Петар Сибинов Арнаудов од Тетово и Друмка Михајлова Панова од Русе. Татко му потекнува од тетовското село Вратница и се занимава со трговија. Илија Арнаудов е помлад брат на Михаил. Мајка му Друмка умира кога тој е дете, па татко му подоцна се преженува.

Основното и средното образование го завршува во родниот град. Од 1895 до 1898 година студира словенска филологија во Високото училиште во Софија, денес Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“. Од 1898 до 1900 година специјализира на универзитетите во Лајпциг и Берлин. Помеѓу 1900 и 1903 година работи како учител во Видин и Софија. Во 1904 година докторира филозофија, словенска филологија и индологија во Прага.

Михаил е професор на Софискиот универзитет. Од 1908 година е редовен доцент по општа книжевна историја, од 1914 година вонреден професор, а од 1919 година редовен професор. Од 1921 до 1922 година е декан на Историско-филолошкиот факултет. Во 1926 година накратко е директор на Народниот театар во Софија. Во 1928 година е назначен за раководител на катедрата за споредбена книжевна историја на Софискиот универзитет.

Од 1918 година Михаил е дописен, а од 1929 година редовен член на Бугарската академија на науките. Тој е и меѓу основачите на Македонскиот научен институт во 1923 година.

Од 1 јуни до 2 септември 1944 година, за време на Втората светска војна, Арнаудов е министер за народна просвета во владата на Иван Багрјанов. По превратот од 9 септември 1944 година, новите власти го отстрануваат од академските функции што ги извршува и го апсат. Следната 1945 година, Народниот суд го осудува на доживотен затвор за неговото учество во владата на Багрјанов, но советскиот филолог и историчар Николај Державин застанува во одбрана на Арнаудов и тој е ослободен.

Арнаудов починува во 1978 година во Софија, на 99-годишна возраст.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]