Метју Флиндерс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Метју Флиндерс
Портрет на Метју Флиндерс, од Антоан Тусен де Шазал во Маврициус во 1806–07 година
Роден(а)16 март 1774(1774-03-16)
Донингтон Англија
Починал(а)19 јули 1814(1814-07-19) (возр. 40)
Лондон, Англија
ПочивалиштеГробницата на Свети Џејмс, Камден (до 2019 година)
Занимањекапетан во Кралската морнарица
Активен период1791 — 1814
СопружникЕн Шапел (в. 1801)
Деца1

Капетан Метју Флиндерс (16 март 177419 јули 1814) — англиски морепловец и картограф. Под негова команда се направило првото обиколување на крајбрежјето на Австралија. Тој, исто така, е првиот човек што го употребил името Австралија за да ја опише целината на тој континент, заедно со Ван Дименовата Земја (денешна Тасманија), име што го сметал „попријатно за уво“ од претходните имиња како Тера Австралис.[1]

Флиндерс во периодот од 1791 до 1803 година учествувал во многу експедиции за откривање и истражување на дотогаш непознати земји, а меѓу најпознатите се обиколувањето на Австралија и претходната експедиција каде тој и Џорџ Бас потврдиле дека Ван Дименовата Земја е остров. Метју Флиндерс исто така го открил Езерото Хилиер додека поминувал покрај него при своето патување кон Сиднеј во 1802 година. Се претпоставува дека Флиндерс го именувал езерото по Вилијам Хилиер — член на екипажот.[2]

Додека се враќал во Англија во 1803 година, Флиндерс бил уапсен од францускиот гувернер на Островот де Франс (Маурициус). Иако Британија и Франција биле во војна, Флиндерс себе си се сметал за научен работник и затоа мислел дека безбедно ќе премине низ таа територија, но сепак останал затворен повеќе од шест години. Во заробеништво, ги запишувал деталите од своите патувања кои требало да се објават во иднина и го изнел своето образложение за именувањето на новиот континент „Австралија“, како заеднички термин за Нова Холандија и Нов Јужен Велс — предлог што подоцна го прифатил гувернерот Мекквари.

Меѓутоа, здравјето на Флиндерс попуштило, и иако се вратил во Англија во 1810 година, тој не доживеал да го види успехот на неговата ширум фалена книга и атлас, Патешествие во Тера Австралис. Во средината на XIX век било загубено местото на неговиот гроб, но во јануари 2019 година археолози, при ископувања на поранешна гробница во близина на лондонската Железничка станица Еустон, објавиле дека ги идентификувале неговите останки.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Flinders, Matthew (1814). Voyage to Terra Australis Vol.1. Pall Mall: G & W Nicol.
  2. „Хилиер – розевото езеро во Австралија“. ИГЕО-ПОРТАЛ. Посетено на 2021-12-20.