Мал галеб

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мал галеб
Larus minutus juv.jpg
Едногодишно младенче
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Семејство: Галеби
Род: Hydrocoloeus
Kaup, 1829
Вид: Мал галеб
Биномен назив
Hydrocoloeus minutus
(Pallas, 1776, реки во Сибир)
Синоними

Larus minutus

Малиот галеб (Hydrocoloeus minutus или Larus minutus), е мал галеб кој живее во северна Европа и Азија. Го има и во Македонија.

Распространетост[уреди | уреди извор]

Малиот галеб гнезди најмногу на териториите на поранешниот Советски Сојуз, но нивната распространетост се шири и во други области на светот. Во северна и западна Европа; Шведска, Финска, Норвешка, Данска, Германија, Велика Британија; но има и мали колонии во јужна Канада. Но, основната и најголемата популација се наоѓа во степите на западен Сибир и северен Казахстан. Овие птици се преселници и зимуваат на бреговите од Атлантскиот Океан, и на Средоземното, Јадранското, Црното и Каспиското Море. Источната популација зимува на Жолтото Море.

Илустрација, возрасна единка со летно перје

Опис[уреди | уреди извор]

Малиот галеб е најмал од фамилијата галеби. Долг е 25-30 см, со распон на крилјата 61-78 см и тежина 68-162 грама.[1][2][3] Во сезоната на парење перјето му е светло сиво со црна качулка на главата, темно перје по крилата и розевикав отсјај на градите. Белите линии околу очите што ги имаат другите галеби со црни качулки, овој галеб ги нема. Зимно време главата е бела, со потемна капа и потемно околу очите. Клунот му е тенок, темно црвен, а и нозете, исто, темно црвени. Младенчињата имаат црни делчиња по главата и горните делови од телото, а на крилјата цик-цак сиво-црни линии. Им треба 3 години за да постигнат целосна зрелост. Малиот галеб плови над водата, но не нурка. Се огласува со мелодични ритмички звуци како „кеј-кеј-кеј“. Кога е вознемирен испушта понизок глас во побрз ритам „ке-ке-ке-ке“, а понекогаш и силно писнува „уиит“.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Главна храна на малите галеби се малите водни и копнени без'рбетници и инсекти кои најчесто ги собира од површината на водата. Понекогаш се храни со мали риби и ракчиња. Во потрага по храна летаат ниско над плитките води или крајбрежни треви, често во мали групи.

Размножување[уреди | уреди извор]

Малиот галеб се размножува во колонии од 5 до 50 пара, кои се нестабилни и во местото и во бројот. Моногамните парови се формираат уште за време на зимувањето или на почетокот од сезоната на парење. Единките созреваат на тригодишна возраст. Во сезоната на парење однесувањето им е провокативно, со летови и силно мавтање со крилјата и мирување, како и брзи повторувачки звуци „ке-кеј, ке-кеј, ке...океј“. Женките, пак, го креваат својот клун нагоре и ја спуштаат главата надолу. Гнездото го свиваат на влажни места, или со гранчиња и суви треви или како обични дупки во земјата малку обложени со тревки. Несат 2-3 јајца, ретко 4 маслинасто-зелени или екр-кафени, со црвено-кафени, сиви и потемни линии, со големина (37-45) x (28-32) mm. Инкубацијата обично трае 20-22 дена. Инкубираат и двата родитела, но поголемиот дел од времето во гнездото лежи женката. За хранењето на младенчињата се ангажираат и двата родитела. По три дена, пилињата може да го напуштаат гнездото, а се осамостојуваат по 21-24 дена.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
  2. [1] (2011).
  3. [2] (2011).
  • BirdLife International (2004). Larus minutus. „Црвен список на МСЗП - Загрозени видови“ од 2006 г. МСЗП 2006. консултирано на 11 May 2006 (англиски)
  • Malling Olsen, Klaus and Hans Larsson, Gulls of Europe, Asia and North America ISBN 0-7136-7087-8
  • BOU Records Committee, British Ornithologists' Union Records Committee: 36th Report (November 2007), Ibis (2008), 150, 218-220.
  • Pons J.M., Hassanin, A., and Crochet P.A.(2005). Phylogenetic relationships within the Laridae (Charadriiformes: Aves) inferred from mitochondrial markers. Molecular phylogenetics and evolution 37(3):686-699

Надворешни врски[уреди | уреди извор]