Прејди на содржината

Македонска пошта

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Македонски пошти)
Македонска пошта
Видјавна
Дејностпоштенски услуги, платен промет
Основано1 јуни 1992
СедиштеОрце Николов ББ, 1000 Скопје,Македонија Македонија
Клучни личности
Фадис Реџепи (Генерален директор и Прет. на УО)
Производиуслужни дејности
Доход1,358,846,390 ден. (2016)
Вработени
2,345[1] (2016)
Мреж. местоwww.posta.com.mk
Дирекцијата на Македонска пошта

Македонска пошта е јавно претпријатие кое врши дејност на јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај на Република Македонија, согласно Законот за поштенски услуги. Формирано е со поделба на поранешното претпријатие ПТТ (Пошта-телефон-телеграф) на Македонска пошта и Македонски телекомуникации на 1 јануари 1997.[2] Македонска пошта има повеќе од 2000 вработени и над 300 единици на поштенска мрежа на целата територија на Република Македонија.

Историја на поштата во Македонија

[уреди | уреди извор]

Поштата на Древна Македонија

[уреди | уреди извор]

Поштата во древна Македонија ја воспоставил Филип II (382-336 п.н.е.). Со негова повелба биле одредени пошторазнесувачите кои ја пренесувале поштата од царскиот двор кон покраините и обратно. Александар Македонски (356-323 п.н.е.) со победата над Персија формирал огромно царство. Посебно внимание и посветил на поштата. Редовно добивал информации од сите делови на неговото царство и ги поврзал Египет и Индија со поштенски врски по воден пат, а Мала Азија со Индија со сувоземни поштенски врски. Најголемо внимание посветувал на одржување добри поштенски врски со Македонија. Редовно и праќал писма на својата мајка Олимпија во Македонија и на генијалниот филозоф Аристотел. Древната македонска пошта дејствувала на територијата на Македонија сè до крајот на нејзината државна самостојност. Во 168 г.п.н.е. римските легии кај местото Пинда го победиле последниот древномакедонски владетел Персеј (178-168 п.н.е.) и ја поробиле Македонија.

Поштата во Македонија за време на Римското Царство

[уреди | уреди извор]

Римското Царство за своите потреби организирало друмски и поштенски сообраќај (cursus publicus). Неговата внатрешна организација била регулирана со посебни прописи со кои се уредувал начинот на вршење на службата, распоредот на возење, времетраењето на патувањето, заштита на тајноста на пишаните соопштенија, казни за прекршување на службата и др. Територијата на Македонија била во составот на една добро организирана сообраќајна мрежа. Институцијата cursus publicus имала уредни конаци, релејни станици, удобни средства за превоз како и луѓе што се грижеле за функционирање на сообраќајот - magister officiorum. Патот Вија Егнација одиграл важна улога за усовршубање на римската пошта на територијата на Македонија. Бил широк од 4-7м, а долг 247 римски милји. Поради својата одлична географска местоположба сообраќаен и поштенски центар во тоа време бил градот Стоби (Градско) и од него тргнувале пет важни сообраќајници низ Македонија. Сите римски пошти во Македонија биле под централна поштенска управа.

Поштата во Македонија за време на Византија

[уреди | уреди извор]

Со пропаѓањето на Римското Царство во 476 г, Македонија потпаднала под Византија со Цариград како претстолнина. Византија ги задржала сите римски поштенски установи, а не се променил ниту начинот на нивното работење. Во 518 г., во Македонија се случил силен земјотрес, при што биле уништени поштите во сите поголеми и позначајни градови како: Скупи, Лихнид, Стоби и др. Климент Охридски организирал поштенско - манастирски врски меѓу сите области каде ја ширел глаголската писменост. Првата државна пошта започнала да функционира во време на царевите Самоил (969-1014), Гаврил Радомир (1014-1015) и Јован Владислав (1015-1018).

Поштата во Македонија во средниот век

[уреди | уреди извор]

Во средниот век, малите феудални држави немале ниту интерес, ниту средства да организираат државна пошта. Организирањето на преносот на пораките и соопштенијата не се сметало за обврска на државата и секој бил препуштен сам на себе. На територијата на Македонија, за време на владеењето на Стефан Урош III Дечански, поданиците требало редовно да ја исполнуваат гласничката служба, а царот Стефан Душан (1331-1355) истата ја зајакнал и подобро ја организирал.

Поштите во Македонија за време на Отоманското Царство

[уреди | уреди извор]

По освојувањето на Македонија, турските власти пристапиле кон организирање на поштенскиот сообраќај. Тие ги формирале татарските и суруџиските поштенски врски. Во почетокот на XV век овие примитивни поштенски врски биле усовршени. Во XVI век турските власти изградиле карвансараи - големи прифаќалишта покрај патот, а власта плаќала и арматалоси - вооружени чувари на поважните патишта, планински премини и опасни клисури. Во XVII век, султанот Мурат IV организирал посебен тип на анови покрај патиштата кои се викале мензулани.

Вакви мензулани биле основани во Битола, Велес, Скопје, Солун и во други поголеми градови во Македонија. Во XVIII век пак трговците основале т.н. комисионерски пошти во Битола, Дебар, Прилеп, Скопје и во други македонски градови. Македонскиот народ ги користел саиџиите за одржување врски со своите печалбари. Во текот на XIX век добро организираните трговци ги истиснале саиџиите и ја презеле нивната работа. Одлуката за нова организација на поштите турските власти ја донеле во 1840 г., кога започнал вториот период во развојот на поштата во Македонија и Турција. Во 1843 г., турските власти ја отвориле првата државна пошта во Македонија, во Битола. Поштата во Скопје била отворена во 1849 г., а во Штип во 1864 година. Во 1892 г., во Османлиското Царство имало 19 главни пошти. Под надлежност на Главната пошта во Солун биле и поштите во Македонија, а поштата во Солун била раководена од Цариградската управа на поштите, на чело со Мустафа паша. Во 1903 г., турските власти презеле мерки за понепосредно управување со поштите во Македонија. Имено, Главната дирекција на поштите и телеграфите од Приштина била пренесена во Скопје каде и останува до крајот на турското владеење.

Поштата во Македонија за време на СХС

[уреди | уреди извор]

По завршувањето на Првата светска војна и формирањето на Версајска Југославија, со кралски указ од 7 декември 1918 г. било основано Министерството на поштите и телеграфите. Меѓутоа, вистинската организација на поштите и телеграфите била воспоставена со специјална одредба од 27 јули 1921 г. Скопската обласна дирекција имала обласен директор во својство на началник и пет отсеци: општ, поштенски, телеграфско-телефонски-технички, економски и контролен отсек.

За одбележување е податокот дека на 14 април 1921 г. во Скопје било основано поштенското училиште. Наставата требало да трае 10 месеци, за 150 ученици со завршени шест класа гиманазија. Лицата кои го завршиле ова училиште биле назначени за службеници во поштите во Македонија. Во почетокот на 1925 г. во Скопје започнал да работи царинскиот отсек, формиран како пошта за царинење на пошта, адресирани за други земји.

Во октомври 1925 г. била основана Поштенска штедилница, прва таква поштенска установа во Македонија.

Со проширување на сообраќајната мрежа Скопје станува значаен поштенски центар со што се јавува и потребата од изградба на нова поштенска зграда. На 12 јули 1936 г. бил ставен камен темелник на новата зграда, која била завршена во 1939 г. и во неа била сместена Дирекцијата на поштите, Пошта Скопје 1 и телеграф- телефон. Зградата се наоѓала во близина на Офицерскиот дом. Модернизацијата на другите пошти одела доста бавно.

Организацијата на поштите во овој период може да се подели на четири периоди и тоа: - од 7 декември 1918 г. до 3 април 1929 г. ПТТ работела во рамките на Министерството за пошти и телеграфи; - од 3 април 1929 до 12 декември 1930 г. ПТТ била во надлежност на Министерството за градежништво; - од 12 декември 1930 до 1 септември 1939 г. Поштата била во надлежност на Министерството за сообраќај - ПТТ одделение; - од 1 септември 1939 до 6 април 1941 Поштата работела во рамките на Министерството за пошти, телеграфи и телефони, кое престанало да работи во април 1941 г.

Поштата во Македонија за време на СФРЈ

[уреди | уреди извор]
Првата импровизирана пошта, телеграф и телефон, почна да работи веќе на 27 јули 1963 година

Голем дел на ПТТ врските по ослободувањето практично не функционирале. Бројот на поштите во 1944 г. бил 45. Обновувањето траело од 1945 до крајот на 1947 г. За прв директор на ПТТ службата на Македонија, од страна на АСНОМ бил наименуван Благоја Тошев (1915-1950), поранешен поштенски работник, а за помошник директор Димитар Георгиев. Тошев успешно ја поставил првата организација на Поштата во Република Македонија.

Натамошното проширување на поштенската мрежа се одвивало мошне брзо, особено во периодот од 1951 до 1955 г. Во овој период работеле 152 пошти, вклучувајќи ги 3-те сезонски и 3-те помошни пошти. Во 1951 г. од вкупно 151 пошта, 24 биле сместени во згради кои биле во соспственост на ПТТ, 54 во општествени и 58 во приватни згради. Во 1960 г. за пренос на поштенски пратки се користеле три сопствени автобуси, пет железнички линии, 38 автобуски јавни линии, а приватни запрежни коли се движеле на 8 релации.

За време на катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 г. целосно биле урнати зградите на Пошта Скопје 2, Управата на Претпријатието и др. и истите биле заменети со времени објекти - бараки. Доставата на поштенските пратки, особено во оддалечените подрачја се вршела со бројни тешкотии. Пошторазнесувачите секојдневно поминувале десетици километри. Според евиденцијата од овој период, секојдневно пешачеле по 18 км, а вкупната должина на патот изминат во текот на годината изнесувал 532.000 км.

Со формирањето на трите поштенски центри - Битола, Штип и Скопје во 1965 г., се укинуваат 22-те писмоносни експедиции формирани во 1948 г.

Во периодот од 1976 до 1985 г. изградени се капиталните градежни објекти и тоа: Пошта Скопје 2 - 1981, шалтерската зграда Скопје 1, Пошта Прилеп - 1979, Тетово, Куманово - 1981, Гостивар, Гевгелија, Струмица - 1982, Штип - 1985/86, Кочани - 1982 г. На 22 ноември 1989 г. Собранието на СР Македонија носи одлука за организирање на Работна организација за ПТТ сообраќај „Македонија” како јавно претпријатие. Со донесување пак на Статутот на Претпријатието на 29 март 1990 г. предвидени се 16 основни организации (Битола, Гевгелија, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Тетово, Велес, Струмица, Штип, Скопје 1, Скопје 2, Градски телефон Скопје, Телеком Скопје и Изградба и транспорт), а во текот на јуни 1994 г. со организационите измени предвидени се нови основни организации за вршење на поштенска дејност (Кичево, Гостивар и Кавадарци).

Поштата во самостојна Република Македонија

[уреди | уреди извор]

По осамостојувањето на Македонската држава, ПТТ системот ја изврши својата трансформација во национален ПТТ систем и се приклучи на светската поштенска структура како независна национална организација за вршење на поштенска дејност. На 12 јули 1993 г. Македонија станала членка на Светскиот поштенски сојуз[2].

Во периодот од 1991 до 1995 г. биле реализирани следните активности: отворање на нови меѓународни поштенски линии со соседните земји; организирање и опремување на главниот поштенски центар во Скопје за вршење на меѓународен сообраќај; интензивирање на процесот на автоматизација на шалтерското работење во единиците на поштенската мрежа; воведување на современа опрема за автоматизација на технолошките процеси во поштенските центри; опремување на возниот парк со современи транспортни средства за превоз на поштенски пратки и подобрување на квалитетот на постојните и воведување нови услуги.

Меѓународниот поштенски сообраќај во Република Македонија започна со работа на 1 јуни 1992 г., кога во ГЦП Скопје 2 се формира изменичната пошта 91003 Скопје во која се вршеше целокупната концентрација на пратки од и за странство преку две одделенија. Процесот на поделба на поранешната ПТТ „Македонија” започна согласно Договорот со ЕБРД кој особено беше интензивен кон крајот на 1996/97 г. Од 1 јануари 1997 г. Јавното претпријатие за поштенски сообраќај Македонска Пошта работи како независен правен субјект.

  1. „Извештај за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност за 2016 година“ (PDF). Народен правобранител на Република Македонија. јуни 2017. Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-04-18. Посетено на 2018-04-16.
  2. 2,0 2,1 „Македонска Пошта - Историјат“. posta.com.mk. Посетено на 26 јануари 2021.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]