Лисест дрозд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Лисест дрозд
Возрасен T. i. iliacus
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Дроздови
Род: Turdus
Вид: Лисест дрозд
Биномен назив
Turdus iliacus
Linnaeus, 1766
Синоними

Turdus musicus L.

Лисестиот дрозд (науч. Turdus iliacus) е птица од фамилијата дроздови (Turdidae), распространета во Европа и Азија, и малку помала од сличниот дрозд пејач. Лисестиот дрозд презимува во Македонија.

Таксономија и систематизација[уреди | уреди извор]

Овој вид, како и многу други, за првпат е опишан од Карл Лине во неговата Systema naturae во 1758 под неговото сегашно научно име.[2]

Има два подвида:[3][4][5]

  • T. i. iliacus, номинираниот подвид, опишан од Лине, кој се размножува на копното од Евроазија;
  • T. i. coburni, опишан од Sharpe, 1901, кој се размножува во Исланд и Фарски Острови, а зимува од западна Шкотска и јужна Ирска до северна Шпанија. Овој подвид е целосно малку потемен и сосема малку поголем од номинираниот.

Опис[уреди | уреди извор]

Лисестиот дрозд е долг 20-24 см и има распон на крилјата од 33 до 34.5 см, а тежи 50-75 грама. Половите се слични, со бледо кафеав грб и со темно кафеави точки на белите долни делови. Највпечатлива идентификациона карактеристика се црвените слабини и црвеното под крилјата, и кремавобелата лента над окото.[3][4][5]

Мажјакот има различни кратки песни, и свирка во лет.

Распространетост и живеалиште[уреди | уреди извор]

Глава од T. i. coburni во Исланд

Се размножува во северните региони на Европа и Азија, од јужен Исланд до северна и речиси цела Шкотска, на исток преку Скандинавија, Балтичките држави, северна Полска и Белорусија, и преку цела Русија. Последните години, ја прошири својата распространетост, во источна Европа ја има во северна Украина, и на јужен Гренланд, каде во 1990-1991 ја колонизираше областа околу Какорток.[3][4][5]

Оваа птица често се меша со блискиот белограден кос во повисоките области.[6]

Таа е птица преселница, која зимува во западна, централна и јужна Европа, северозападна Африка и југозападна Азија, до северен Иран. Птиците од некои делови на западната распространетост (особено од југозападна Норвешка) може да се постојани жители, без никакви миграции, а оние од источниот дел се селат најмалку 6.500-7.000 км, за да дојдат до своите зимувалишта.[3][4][5]

Повеќепати се забележани скитници од овој вид на североситочниот брег на Северна Америка, како и двапати на северозападниот брег (еднаш во Вашингтон, 2005 и на Алјаска, во ноември 2011).[5]

Однесување[уреди | уреди извор]

Птиците што мигрираат често формираат преселнички јата од 10 до 200 или повеќе птици, често хранејќи се заедно со ливадски кос, обичен кос и сколовранци, а понекогаш заедно со имеличарот, дроздот пејач и белоградниот кос.[3][4][5] За разлика од дроздот пејач, пономадскиот лисест дрозд не се враќа секогаш на истите места за зимување.[7]

Размножување[уреди | уреди извор]

Гнездата често ги прават на земја.

Лисестиот дрозд се размножува во иглолисни и брезови шуми, како и во тундри. Гнездото е уредно и го сместува во грмушки или на земја, каде несе 4-6 јајца. Инкубацијата трае 12-13 дена. Пилињата се оперјуваат по 12-15 дена, а остануваат зависни од родителите уште 14 дена.[3][4][5]

Исхрана[уреди | уреди извор]

Овие птици се сештојади и се хранат со широк спектар инсекти и црви преку целата година, збогатувајќи ја исхраната со бобинки наесен и зиме.[3][4][5]

Статус[уреди | уреди извор]

Лисестиот дрозд има широка распространетост од околу 10 милиони км², и голема популација, со 31 до 42 милиони индивидуи само во Европа. Видон не се смета за загрозен, и е вклучен во категоријата на најмала загриженост.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Turdus iliacus. Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106006406. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. (латински) Linnaeus, C (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata.. Holmiae. (Laurentii Salvii).. стр. 168. „T. alis subtus flavescentibus, rectricibus tribus lateralibus apice utrinque albis.“ 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Snow, D. W. & Perrins, C. M. (1998). The Birds of the Western Palearctic Concise Edition. OUP ISBN 0-19-854099-X.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 del Hoyo, J., Elliott, A., & Christie, D., eds. (2005). Handbook of the Birds of the World Vol. 10. Lynx Edicions, Barcelona ISBN 84-87334-72-5.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 Clement, P., & Hathway, R. (2000). Thrushes Helm Identification Guides, London ISBN 0-7136-3940-7.
  6. Evans G (1972). The Observer's Book of Birds' Eggs. London: Warne. стр. 78. ISBN 0-7232-0060-2. 
  7. Snow, David; Perrins, Christopher M (editors) (1998). The Birds of the Western Palearctic concise edition (2 volumes). Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-854099-X.  p1215–1218

Надворешни врски[уреди | уреди извор]