Ласт експедишн

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ласт експедишн
ПотеклоСкопје, Република Македонија
Жанровирок
Период на активност1986 - 1998
2006 - 2017
Членови
Енис Хаџиќ

Сеад Хаџиќ Зоран Трпевски Дарко Мучев

Џабир Дерала
Поранешни членови
Идриз Амети

Крешник Ајдини Огнен Мангаровски Стефан Бајрактаровски Јовица Ѓозински Марко Петровски Кире Најдовски

Ади Имери

Ласт експедишн[1] (латиница: Last expedition) - македонска рок група, активни од крајот на 1980-тите до крајот на 1990-тите години. Познати по песните што сè уште живеат помеѓу народот: Далеку си, Песна за песот, Шефе, Ќелав дабар и други. Формирана во скопската населба „Ѓорче Петров“, на почетокот на 1986 година, најпрецизно кажано – на улицата „4 Јули“.

Историја[уреди | уреди извор]

1986-1989 година[уреди | уреди извор]

Почетната постава ја чинат другари од истата улица, сите вљубеници во рок-музиката, и во тие почетоци изразито панкерски настроени: браќата Сеад и Енис Хаџиќ на гитара и бас, Зоран Трпевски-Џук зад тапаните и Идриз Амети како вокал. Оваа постава своето прво појавување на сцена го имале на 22 април 1986 г., на традиционалниот групен концерт организиран на Градскиот плоштад по повод Денот на полнолетството. За релативно краток период следувале уште неколку појавувања на сцената: како предгрупа на Меморија на концертот во Сули ан, и не долго потоа во средното училиште во населбата Железара, заедно со неколку локални бендови, меѓу кои и Hram Hiberfrenia Kids On Acid. Кон крајот на 1986 година Ласт експедишн се појавиле и на еден Рок фест, на 9 декември, во иста квалификациска вечер со Мизар и Чоканче од Битола.

На 19 февруари 1987 година Ласт експедишн биле предгрупа на скопскиот концерт на белградската група „Ван Гог“. Некаде есента 1987 година, по концертот во средното училиште „Никола Карев“/„Зеф Љуш Марку“, Идриз го напуштил бендот.

Испразнетото фронтменско место во Ласт експедишн го зазел уште еден жител од населбата Ѓорче 2, Крешник Ајдини. Првиот заеднични настап бил на „Рок фест ‘87“, на 21 ноември 1987 година, во МКЦ. На 12 декември 1987 г., групата станала дел од екипата што патувала на полуфиналната вечер во Кичево, а по две недели го имале и своето прво финале, на 25 декември 1987 г. во МКЦ. Фронтменот на Мизар, Горан Таневски, му понудил на бендот настап како предгрупа на претстојниот самостоен концерт на Мизар во МКЦ, на 8 јануари 1988 година. На барање на членовите на бендот, што било прифатено, на плакатите од концертот стоело дека Ласт експеидшн се специјални гости на Мизар. Овој настап бил и крајот на една фаза, бидејќи по десетина дена, Енко, Сецко и Џук заминале на отслужување на воениот рок.

Дури кон средината на 1989 година браќата повторно ја собираат старата постава на бендот. Во тој период ги прават и првите посериозни демо снимки: Песна за песот, Кабала и Трчај. Овие демо снимки на Ласт експедишн ги отпеал Крешник, а еден дел од Кабала испеал и Енко. Кратко по снимањето, Крешник го напуштил бендот и никогаш повеќе не бил дел од некој музички состав.

1990 - 1999 година[уреди | уреди извор]

Посериозната работа започнала летото 1990 година, кога во бендот влегле Димитар Петров-Диме, како тапанар, и Огнен Мангаровски, како гитарист, а се вратил и Идриз Амети. Во септември 1990 г. била објавена компилациската касета Демоскоп 1, на која е поместена и Маршира пропаста. Тоа е првото официјално појавување на Ласт експедишн на еден носач на звук. Следните две години бендот ќе ги „потроши“ во барање соодветен фронтмен на бендот.

На 21 февруари 1992 година Ласт експедишн настапиле на финалето на „Поп-рок фест ’92“, реализирано во клубот „Хард Рок“. Ласт експедишн не освоиле ниту една награда, но една од наградите што ја добивале сите финалисти, било снимањето на песна во студиото на МРТ. Ласт експедишн во февруари ја снимиле Далеку си, на официјалната компилациска касета од фестивалот Поп-рок фест ‘92 запишана како Далеку.

На 21 јуни 1992 г., Ласт експедишн се појавиле на сцената во Дом на млади во Штип. Само по неколку дена, на 27 јуни 1992 г., бендот настапиил во Куршумли ан како учесник на фестивалот „Метал рок фестивал“.

Деби-албумот Intro бил снимен во студиото „Моцарт“ во Кавадарци, во период од само два дена, 10 и 11 декември 1992 година. Продуцент на 10-те песни бил Бојан Угриновски, а тон-снимател бил сопственикот на студиото и поранешен бас-гитарист во групата Токму така, Костадин Камчев. Автор на текстовите бил петтиот, неформален член на групата, Џабир Дерала. Само на две теми како текстописци се запишани други луѓе, Димитар Петров на Јас не сум тој и Боби Бадаревски на Кабала. Албумот официјално, во касетен формат, бил објавен кон крајот на јануари 1993 година, а промотивниот концерт бил одржан на 5 февруари 1993 г. во „Хард Рок“. Како гости на концертот се појавиле бендовите Санс и Океан Пацифик. По промотивниот концерт следувала и една турнеја низ Македонија, која завршила со самостоен концерт во Скопје, во Куршумли ан, на 11 јуни 1993 година.

Во јануари 1994 година членовите на Ласт експедишн решиле: Енко во иднина да ги преземе само вокалните должности, а во бендот да ангажираат нов бас-гитарист, Дарко Мучев-Мучо. Првиот концерт со оваа постава го имале на 8 јануари 1994 г. во Штип, во Домот на млади.

Вториот албум Изгубени ликови групата го работела во технички идеалното студио „М-2“ на МРТ, во постава: Енко, Сецко, Диме, Огнен и Мучо. Снимањето се одвивало во периодот од мај до јуни 1994 година, под продуцентска палка на Илија Пејовски. Снимени биле 9 теми, кои есента таа година како касетен албум ги објавила продукцијата на МРТ. Гости на снимањето била целата екипа на Чиста околина, која во соработка со Ласт експедишн ја изведувале Ќељав дабар, една од скопските урбани химни на деведесеттите години од 20 век. Гитарата во истата тема ја свирел Венко Серафимов, исто како и во песната За тебе (знај ме боли…). Дамир Имери отсвирел некои делници на клавијатури, Џабир Дерала бил главен вокал во Интро, а Александар Николовски гостувал со својата труба во Изгубени ликови. Придружните вокали биле на Дервиша Хаџиќ и Снежана Алексовска. За дизајнот на омотот бил употребен колаж создаден од уметникот Александар Станковски-Рембрант.

МТВ го издала албумот во септември 1994 година. На 27 септември 1994 г. се одржал акустичен концерт во студиото „М1“ на МТВ, на кој гости биле Чиста околина, Симон Киселички на клавир и Сашо Ѓеоргиевски-Конга на конги. Наредниот ден, на 28 септември 1994 г., се одржал и официјалниот промотивен концерт на групата, во МКЦ, кога поради сосема нејасна одлука на одговорните во Домот, концертот бил прекинат, без малку половина час пред планираниот крај. Изреволтирани од ситуацијата, на 22 февруари 1995 г. членовите на Ласт експедишн одржале уште една промоција на албумот Изгубени ликови, во клубот „Хард Рок“.

На почетокот на февруари 1995 година, во групата повторно има промена: на местото на басистот Дарко Мучев-Мучо дошол младиот Марко Петровски од Куманово. Оваа постава функционирала кратко, но успеале да снимат една песна, Јас сум шеф, кон крајот на пролетта 1995 година, во студиото на МТВ. Поради контроверзните стихови, песната завршила во некој вид бункер и не била емитувана на програмите на Македонското радио. Кон крајот на годината Марко си заминал од Ласт експедишн, а нов басист, за еден подолг период, бил Влатко Јаневски.

Членовите на Ласт експедишн учествувале на 1 и 2 мај 1996 година, на првото издание на отворениот летен фестивал во близината на Штип, „Open Air Rock – two days love & peace“, на месноста наречена „9-ти километар“, а потоа во периодот од декември 1996 до јануари 1997 година Ласт експедишн и по трет пат влегле во студио за да снимат албум. Во улога на продуцент на албумот се јавил самиот бенд, а идејното решение за еден од најоригиналните дизајни во македонската дискографија (кутија за цигари) било дело на Енко Хаџиќ. Во 10- те теми што се нашле на албумот како најангажиран текстописец (на 4 песни) се истакнал Влатко Јаневски, а петтиот член на бендот, Џабир Дерала, бил автор само на три песни. Музиката на овој материјал ја потпишале заеднички, а списокот на гости бил: Симон Киселички на оргули и пијано, Сашо Ѓоргиевски на перкусии и конги, Али Шибли на ут, Бобан Јаневски на тарабука, Златко Михајловски-Бумбар на тапани, Горан Бугариновски на флејта, Златко Антовски на хармоника, Бане Поповиќ на гитара, Џабир Дерала како вокал, Ана Јанкуловска како придружен вокал и браќата Јанковиќ (Бајо и Фриц) и Виктор како „урлачи“ на Шефе.

Официјалната промоција на албумот, со спот што предизвикал големо внимание, за песната Шефе, била на 16 мај 1997 г. Летото 1997 година групата ги имала и првите настапи надвор од Македонија, во Сараево, па на островот Крк, како дел од европскиот поетски фестивал „Pontes ’97“, и по два дена во Белград.

На 23 мај 1998 г., Ласт експедишн, како еден од најголемите македонски состави во тој момент, биле еден од промотерите на групниот концерт во МКЦ, по повод излегувањето на првиот број на новото музичко списание „Град“. Во овој период бендот правел обиди и преговори за објавување на материјалот во соседна Србија, кои никогаш не се реализирале.

2000-те години[уреди | уреди извор]

По 30-месечна пауза на 25 ноември 2000 г., Ласт експедишн биле дел од учесниците на „Таксират 2“. Новата постава го имала Дарко Мучев на бас, а зад тапаните Гоце Стевковски. Две недели по овој концерт, бил снимен последниот албум на бендот, Live-A1TV Exic 2001, односно нивниот концерт во МОБ, одржан на 6 декември 2000 г. Снимениот концерт подоцна бил доработен во студиото на Евгениј Каревски. Дизајнот на изданието бил дело на новинарот Миодраг Петровиќ, а промоцијата на албумот била во склоп на кампањата „Rock For Peace“ на Нансен дијалог центарот, која вклучувала и концертен настап на 24 март 2001 г., во МКЦ на неколку бендови, меѓу кои и Ласт експедишн. Една година по овој настап Ласт експедишн за прв и последен пат настапиле и во Бугарија, како предгрупа на „Him“, на 7 јули 2002 г., во софискиот Зимски дворец на спортот.

Со појавувањето на фестивалот „Peace Unlimited“, на 30 октомври 2004 г., официјално била ставена точка на постоењето на Ласт експедишн, сепак два настана што се случиле за краток период, го вратиле бендот повторно на сцена. На 9 октомври 2005 г. групата била дел од поголемата екипа македонски бендови што во Домот на млади во Штип му искажале последен музички поздрав на трагично починатиот пријател на сцената, новинарот Даниел Михајловски. По неколку месеци, бендот уште еднаш се искачил на сцена, на прошталниот концерт организиран од пријателите на Кире Најдовски, на 17 јануари 2006 година. Повод е неговото заминување од Македонија, во САД.

2010-тите години[уреди | уреди извор]

На 11 февруари 2012 г. се случил, по 6 години, големиот камбек на Ласт експедишн на сцената во „Метрополис арената“ на Скопскиот саем. Во тој момент гитарист во бендот е младиот Ади Имери. Намерата била да се соберат и да засвират заедно еднократно, сепак низ годините се појавиле на неколку настапи на фестивали, групни свирки, но ниту еднаш на самостоен концерт:

*6 септември 2013 г. - „Скопје Гори“, во ЕКСПО центарот во Скопје

*17 декември 2014 г. - гости на акустичниот концерт на Нокаут

*мај 2015 година - „Вино Фест“ пред „Веро“

*30 мај 2015 г. - Школка во Градскиот парк во рамките на доделувањето на наградите М.А.Н.

*септември 2015 г. - „Пиволенд“

*12 февруари 2016 г. - гости на концертот на Д.Н.О.

*25 мај 2016 г. - гости на концертот на Mooger Fooger

*29 јули 2017 г. - Демир Хисар, во рамките на тамошното Културно лето.

Дискографија[уреди | уреди извор]

Албуми[уреди | уреди извор]

Година Албум
1992 Intro
1994 Изгубени Ликови
1997 Box
2001 Live-A1TV Exic 2001

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска Рок Енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 175-179 стр. ISBN 978-608-66200-0-4.