Коњски од
Коњски од — начин на движење на коњот, било природно или како резултат на специјализирана обука од страна на луѓето.
Класификација
[уреди | уреди извор]Коњскиот од може да се подели во две групи: природно, што скоро секој коњ може да го користи без посебна обука, и издресиран, што претставува збир од неколку различни видови „меки“ одења кои се карактеристични само за одредени раси, а најчесто е потребна и посебна обука на коњот, пред воопшто јавачот да може таквите одења да ги искористи при јавањето.
Во природниот коњски од спаѓаат чекор, кас, кентер и галоп.[1] Некои луѓе сметаат дека во оваа група наместо четири, има три вида на од, затоа што кентерот претставува своевидна варијанта на галопот, иако кентерот има три удари со нозете, а галопот четири. Во дресиран од спаѓаат пејс, толт, и други.
Постои и друга класификација на коњскиот од, таканаречено четириножен од, кое вклучува: 1) нормален од (вклучително и чекорот), 2) трчање или кас, и 3) од со потскокнување.
Чекор или нормален од
[уреди | уреди извор]Чекорот или нормалниот од е таканаречен „четириударен од“, при што се постигнува просечна брзина од 6,4 км/ч[2]. При овој од нозете се менуваат дијагонално и јасно се слуша ударот на секоја нога - според редослед: лева предна, десна задна, десна предна, лева задна.
Според брзината се разликуваат: скратен, среден и брз чекор. Кај чекорот е пожелно задната нога да падне за околу две должини на копитото пред предната нога (тоа се забележува кај средниот и брзиот чекор).
Постои изрека дека коњот што добро чекори, добро и галопира. За почетниците-јавачи чекорот изгледа по малку досадно и монотоно, но овој вид на од многу открива за коњот, затоа што оној коњ што има добри движења при чекорот, што изгледа истрајно и упорно, тој со сигурност е добар и при брзите одења.
Чекорот треба да е правилен и ритмичен. Неправилниот чекор е голема мана и може да укаже на неправилност во околината каде коњот се движи, како и на слабо извршена обука кај дресираните коњи.
Кас
[уреди | уреди извор]Кас е побрз од, од со два удари, при што нозете се движат дијагонално во пар - левата предна со задната десна и десната предна со задната лева. Периодите додека нозете се на почвата се кратки, а меѓу нив има таканаречена „лебдечка фаза“, кога сите четири нозе се во воздухот.
Од гледна точка на стабилноста, може да се каже дека касот е многу стабилен од при што коњот не мора да прави големо балансирање со главата и вратот.
Во зависност од брзината, и кај касот разликуваме три вида: скратен, среден и брз. Што се однесува до коњите за трки, со најбрз кас се движат коњите од расата за кас.
Треба да се напомене дека иако касот е природен вид од, кај расата коњи за кас тој преминува во издресиран вид - бидејќи коњите во дивината никогаш не достигнуваат големи брзини во кас, туку трчаат со галоп (што е забрането во трките со кас и повлекува дисквалификација).
Брзината што се постигнува при кас се движи меѓу 8 и 12 км/ч, а понекогаш достигнува дури и 19 км/ч.
Кентер и галоп
[уреди | уреди извор]Како што беше споменато претходно, кај некои класификации кентерот и галопот се сместени во иста категорија, иако секој од нив има свои специфичности.
Кентер е таков од на коњот кај кое се слушаат три такта (од со три удари). Нозете се движат според следниот редослед: одот започнува со една од задните нозе, да речеме левата, а потоа следува другата задна нога (во овој случај десната) истовремено со предната десна, а на крајот следува левата предна.
Овој вид од се користи при дресура на грлата за галоп, па затоа понекогаш кентерот се нарекува работен галоп. Кентерот е омилен меѓу јавачите кои своето време им го посветуваат на коњите и јавањето, затоа што е удобен за јавање и лесно се совладува.
Галоп е најбрзото коњско движење и претставува од со четири такта (со четири удари). Редоследот на чекорите е ист како и кај кентерот со тоа што кај галопот, поради должината на исчекорот, средниот такт се раздвојува во два (прво земјата ја допира задната, а потоа предната нога - а не истовремено како ка кентерот). И во двата случаја (кентер и галоп) постои фаза на лебдење кога ниедна нога не ја допира земјата.
Кај галопот чекорот се издолжува и со тоа станува побрз, но секогаш го задржува соодветниот ритам. Бидејќи расчекорот се издолжува, висината на грбот се спушта и со тоа коњот изгледа многу помал, односно понизок. При полн галоп коњите достигнуваат големи брзини, дури до 70 км/ч. Во природни услови галопот им служи на коњите за бегање од нивните природни непријатели.
Пејс
[уреди | уреди извор]Пејс (анг. pace) е двотактен вид на од што на прв поглед потсетува на кас, меѓутоа постои голема разлика меѓу нив. Пејсот не е вроден вид од . Кога коњот трча, наизменично гази со паралелни нозе (лева предна со лева задна, па десна предна со десна задна), при што се добиваат два такта (удари). И кај овој вид на од има фаза на лебдење.
Во САД се многу распространети и популарни трките на коњи пејсери за кои се организираат посебни трки, а нивниот од се потпомага со специјална опрема. При пејс коњите развиваат брзина скоро како и при галоп. Бидејќи нозете ги разменуваат паралелно, нема опасност од престигнување, а со тоа е помала и опасноста од повреди.
Во Јужна Америка е распространета раса коњи (Paso Fino) што се движат со пејс и кои се многу удобни за јавање. Интересно е да се каже дека овој вид на од им е вроден на камилите и нивните сродни видови (пр. ламите).
Толт
[уреди | уреди извор]Толт (исланд. tölt) е еден вид брз од, при што се слушаат четири такта (удари). Нозете се движат според следниот редослед: лева задна, лева предна, десна задна, десна предна. Во текот на одот коњот ја држи главата многу високо.
Овој вид на од е најпознат кај расата Исландско пони - кај нив се јавува како вродена особина и се воочува уште на рана возраст, кај ждребињата. Исландските коњи се во состојба да постигнат многу голема брзина со ова од, дури и на нерамни терени. Толт е многу удобен за јавање.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Horse Gaits Архивирано на 9 март 2011 г. (анг.)
- ↑ Horse Speed in MPH - How fast is your horse going? Архивирано на 22 март 2011 г. The Ultimate Horse Site (анг.)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Со галоп до шест милиони долари во Дубаи[мртва врска] - Утрински весник (македонски)
- Коњ во галоп до смрт влечел девојче - Вест (македонски)