Кносос
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Кносос (грчки: Κνωσός) бил древен град на островот Крит, престолнина на легедарниот крал Минос и најголем културен центар за време на периодот на раните егејски цивилизации. Градот во континуитет бил населен 7000 години, започнувајќи со неолитски населби околу 7-от милениум п.н.е., сè додека не бил напуштен поради некоја голема катастрофа cca 1375 п.н.е. со што е означен падот на миноската цивилизација. На Крит исто така се родило и најстарото писмо на европска почва, што го покажува културниот и цивилизацискиот дострел на луѓето што живееле на островот. Кносос се наоѓа на 6 километри од Ираклион, денешниот главен град на Крит. Археолошкото наоѓалиште бил откриен во 1878 година од страна на грчкиот археолог Минос Калокеринос. Најважните археолошки откритија ги направил Артур Еванс во 1900 година.
Кносос во митологијата
[уреди | уреди извор]Во старогрчката митологија Кносос и Крит биле овековечени во многу легенди. Според подоцнежните Грци планината Ида, која се наоѓа на Крит, било местото каде што Реја, божицата-земја, го родила Зевс. Таму тој бил хранет од природата само со мед и козјо млеко, одгледуван од нимфите и заштитуван од група на младинци од неговиот татко Кронос кој сакал да го убие. Во друг мит пак се споменува како Зевс заедно со Европа имал син, Минос, кој подоцна станал крал на Кносос, Крит како и целиот егејски басен. Минос живеел за време на херојскиот период, а владеел три генерации пред почетокот на Тројанската војна. Секоја деветта година одел во пештерата Иду каде што Зевс го советувал како да владее. Тој изградил голема флота и ја воспоставил критската талесократија. За Атињаните тој бил бездушен тиранин кој ги жртвувал нивните деца на Минотаурот, кои Атина требала да ги испраќа секоја година како данок. Минос во својот двор го држел познатиот митски градител Дедал кој за него ја изградил грандиозната палата и познатиот лавиринт во кој бил сместен Минотаурот, синот на Миносовата жена Песифаја заедно со еден бик. Откако Дедал побегнал на Сицилија, Минос решил да го бара од тамошниот крал Кокал. Во кралскиот дворец на Кокал, од страна на неговата ќерка бил убиен кралот Минос со топла вода. По смртта тој се спуштил во подземјето каде што станал судија кој им го определувал патот на душите на починатите. Овие легенди биле единственото нешто што се знаело за историјата на Крит сè до XIX век.
Географска положба на Крит и Кносос
[уреди | уреди извор]Крит е голем остров, од исток кон запад се простира во должина околу 260 километри, додека неговата најширока точка изнесува само 55 километри. Поголемиот дел од земјиштето е над 300 метри надморска височина, и има три планински венци со врвови над 2000 и 2500 метри височина. На тој начин комуникациите помеќу различните позиции никогаш не биле лесни и за време на бронзеното доба никогаш немало изграден систем на патишта. Кносос бил сместен на средина во близината на северниот брег, во пространа, плодна област отсечена умерено со високите, но проодни ридови на југ и планинските венци Дикте и Ида на југоисток и југозапад.
Откривањето на Критската (Миноска) цивилизација
[уреди | уреди извор]Рушевините во Кносос биле откриени во 1878 година од страна на Минос Калокеринос - грчки ловец на антиквитети. По Калокеринос неколку луѓе се обиделе да вршат ископувања на наоѓалиштето, но прв кој започнал систематски ископувања бил Артур Еванс на 16 март 1900 година. Еванс целосно си го посветил животот на истражувањата на ново пронајдената цивилизација која тој ја именувал како Миноска. Со голема помош на д-р Данкан Мекензи и м-р Фуфе кој бил архитект и работел во Британското школо во Атина, Еванс ангажирал голем број на физички работници кои ги вршеле ископувањата и за многу краток период откриле еден значаен дел од некоја градба која била наречена “Палатата на Минос“. По извршените ископувања била извршена периодизација на миноската култура која била поделена на : - Раноминојски период (2600 — 2200 п.н.е.) - Средноминојски период (2200 — 1600 п.н.е.) - Доцноминојски период (1600 — 1200 п.н.е.) Хронолошките граници на секој период биле одредени според предметите од Египет и Месопотамија кои биле пронајдени во наоѓалиштето за време на ископувањата.
Палатата на Минос
[уреди | уреди извор]Големата палата била постепено градена помеѓу 1700 и 1400 п.н.е. со постепени обновувања по уништувањата. Палатата има интересен изглед, оригиналниот план не може да се препознае поради подоцнежните модификации. Околу 1300 соби биле поврзани со ходници со варирачки димензии и правци, што претставува доста различен стил од другите палати градени во исто време, во кои собите биле поврзувани преку неколку главни ходници. Палатата зафаќала површина од 24000 квадратни метри што вклучувале и театар, четири главни влеза на сите страни на светот и големи складишта. Во складиштата се наоѓале големи вази наречени питоси во кои биле чувани масло, жито, исушена риба, маслинки и разни семиња. Многу од залихите биле правени во палатата која имала мелници за жито, преси за масло и вино. Под питосите имало камени дупки користени за чување на вредни предмети, како злато и сребро. Во градбата на палатата биле искористени сложени архитектонски техники како на пример: дел од ѕидовите биле високи и по пет метри.
Палатата имала барем три одвоени системи за спроведување на водата. Еден за довод на вода, еден за исфрлање на непотребната вода од дождовите и еден за канализацијата. Преку аквадукти водата била пренесувана од околните извори до палатата и центарот на градот. Градот немал скриени извори на вода како во Микена и бил релативно ранлив на напади. Санитарниот одвод водел преку затворен систем во палатата до канализацијата надвор од градот. Поради честите поројни дождови палатата морала да има и одвод за спроведување на непотребната вода. Бидејќи палатата се наоѓала на рид и била често изложена на морски ветришта, палатата имала добар систем на воздушна вентилација. Ѕидовите на палатата биле украсени со фрески на кои се претставени игри со бикови и митолошки сцени. Овие фрески биле изработени на многу софистициран начин со многу бои, и за разлика од уметноста во Средното и Новото Египетско царство, на овие фрески немало претстави со воени мотиви. Одлика на критската уметност е тоа што мажите биле претставени со руса кожа, а жените со млечно бела боја на кожата. Речиси сите претстави се на млади и возрасни луѓе со неколу досега пронајдени слики со деца и стари. На сцените се прикажани голем број на активности како: риболов, собирање на цвеќиња и спортски подвизи. Во централниот дел на палатата се наоѓала собата во која се наоѓал претстолот или церемонијалниот комплекс во кој живееле или кралот или врховниот свештеник.
Крајот на Кносос и критската култура
[уреди | уреди извор]Уништувањето на Кносос во почетокот на XIV п.н.е. претставува најстар познат случај на минојска палата која била уништена во пожар и која никогаш на била обновена во истиот сразмер, без оглед на тоа што тоа место подоцна било користено од многу освојувачи. Останатите палати биле уништени на крајот на XIII век п.н.е., но не е возможно конкретно да се одредат ниту датумот ниту околностите под кои се случило уништувањето. Според мислењето на археолозите и трагите на ѕидовите, пожарот на палатата во Кносос се случил некаде помеѓу декември и април бидејќи во тој дел од годината дуваат најсилно јужните ветрови. Исто така стадата овци биле истиржени, волната разделена помеѓу жените, за ткаење и жетвата на житариците во некои делови била готова што исто така укажува дека пожарот се случил во пролет. Според Еванс постои можност градот да бил уништен и во земјотрес, ако се знае дека Крит лежи на подрачје со зголемена сеизмолошка активност. Денешната наука не е во можност да одреди дали имало земјотрес во минатото, па затоа оваа можност се остава како отворена. Против-тезите за оваа теорија се дека доколку некоја напредна цивилизација каква што била Минојската, доживее земјотрес првата непосредна реакција би била обнова. Но на Кносос нема докази дека после рушењата дошло до обнова. Сигурно некои од луѓето останале да живеат во некои делови на градот, но од пронајдените плочки нема знаци дека по катастрофата пак била обновена кралската палата или административниот центар.
Кносос како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]Кносос се јавува како тема во бројни дела од уметноста и популарната култура, како:
- „Собир на кучињата во Кносос“ (Zbor pasa u Knososu)- песна на српскиот поет Миодраг Павловиќ.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Miodrag Pavlović, Izabrane pesme. Beograd: Rad, 1979, стр. 50.
Литература
[уреди | уреди извор]- Џон Чедвик, Микенски свет, Београд, 1980 г.
- Петар Илиевски, Животот на Микенците, Скопје, 2000 г.
|