Касписка рибарка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Касписка рибарка
Возрасен во летно перје
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Фамилија: Рибарки
Род: Hydroprogne
Kaup, 1829
Вид: Касписка рибарка
Биномен назив
Hydroprogne caspia
(Pallas, 1770)

Касписката рибарка (науч. Hydroprogne caspia), (порано Sterna caspia;[1] син. Hydroprogne tschegrava, Helopus caspius) е вид рибарка која е космополитски распространета, но и покрај тоа е монотипична во својот род.[2] Оваа птица ја има и во Македонија.

Опис[уреди]

Касписката рибарка е најголема рибарка со должина 48-60 см, распон на крилјата 127-145 см и тежина 530-782 грама.[2][3] Возрасните птици имаат црни нозе и долг црвенопортокалов клун со мал црн врв. Тие имаат бела глава со црна капа, бел врат, стомак и опашка. Горниот дел од крилјата и грбот се светло сиви, а под крилјата е светла со темни примарни пердуви. Во лет, опашката е помалку чаталеста од другите рибарки, со црни краеви на крилјата. [2] Зиме, црната капа ја има, за разлика од другите рибарки, но со некои бели линии на челото. Повикот е гласно крескање, слично на чапјите.[4]

Распространетост и живеалиште[уреди]

За време на размножувањето, живеалиштето на оваа рибарка се крајбрежјата на големите езера и океаните во Северна Америка, Европа (претежно околу Балтичко Море и Црно Море), Азија, Африка, Австралија и Нов Зеланд. Северноамериканските птици за време на зимата мигрираат на јужните крајбрежја, европските и азиските, во тропските делови, а африканските и австралиските се постојани жители или се раселуваат на кратки растојанија.[2]

Глобалната популација е околу 50.000 пара; и бројот во повеќето региони е стабилен, но популацијата на Балтичкото Море опаѓа, и има статус на загрижувачки вид. [2][5]

Касписката рибарка е еден од видовите на кои се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни миграторни птици.

Однесување[уреди]

Исхрана[уреди]

Овие птици се хранат претежно со риби, по кои нуркаат, прво набљудувајќи високо над водата, а потоа се насочуваат директно кон нив. Повремено, исто така, се хранат со големи инсекти, со пилиња и јајца од други птици и глодари. Летаат и повеќе од 60 км оддалеченост од колонијата за размножување за да ловат риба. Ловат и во слтки и во солени води.[2][4]

Размножување[уреди]

Се размножуваат напролет и во лето, со 1 до 3 светло синозелени јајца, со темни кафеави точки. Гнездат во колонии, со својот вид, но и со други птици, особено со галебите. Гнездото го сместуваат на земја меѓу камчиња и песок, а понекогаш врз растенија. Инкубацијата трае 26-28 дена. Пилињата се различни во бојата и декорациите, од светло кремави до потемно сивокафеави, што им помага на родителите да ги препознаат кога се враќаат во колонијата по ловот. Малечките се здобиваат со перје по 35-45 дена.[2]

Наводи[уреди]

  1. Bridge, E. S., Jones, A. W., & Baker, A. J. (2005). A phylogenetic framework for the terns (Sternini) inferred from mtDNA sequences: implications for taxonomy and plumage evolution. Molecular Phylogenetics and Evolution 35: 459–469. PDF pdf file
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 del Hoyo J., Elliott, A., & Sargatal, J., eds. (1996). Handbook of the Birds of the World 3: 645. Lynx Edicions ISBN 84-87334-20-2.
  3. [1]
  4. 4,0 4,1 Mullarney, K., Svensson, L., Zetterström, D., & Grant, P. J. (1999). Collins Bird Guide. Collins ISBN 0-00-219728-6.
  5. Snow, D. W., & Perrins, C. M. (1998). The Birds of the Western Palearctic Concise Edition OUP ISBN 0-19-854099-X.

Надворешни врски[уреди]