Иван Наумов Аљабакот
Иван Наумов Аљабакот | ||
Роден | 1878 Ораовец | |
---|---|---|
Починал | 1907 Белица |
Иван Наумов Аљабакот (1878-1907) — македонски револуционер, одрински и крушевски војвода и член на Македонската револуционерна организација.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Иван Наумов Аљабакот е роден во селото Ораовец, Велешко, во 1878 година. По професија бил бакалин во градот Солун. Бил зачленет во ТМОРО од Михаил Апостолов Попето околу 1900 година. Се вклучил во четите на ТМОРО и бил назначен за војвода во Одринско до 1902 година. Во Илинденското востание учествувал како крушевски војвода во преземањето на крушевската касарна, поштата и уќуматот. Бил назначен за војвода на вториот крушевски востанички одред, во кој имало 60 востаници од крушевско-демирхисарските села: Пуста Река, Горно Дивјаци, Арилево и Света.
По востанието дејствувал како војвода на чета во Кичевско и во Велешко. Во Велешко влегол во конфликт со велешкиот војвода Стефан Димитров, и Организацијата го отстранила од овој дел на Македонија. Потоа дејствувал во Крушевско и Поречието. Учествувал во борби со четите на српската пропаганда.
На 26 мај 1904 година тргнал од Ќустендилскиот пункт на ТМОРО кон Македонија, како војвода на чета. Кон крајот на 1904 година, се вратил во Бугарија и предизвикал недоразбирања во раководството на Организацијата околу неговата намера повторно да влезе со чета во Македонија. Поради оваа ситуација било свикано посебно советување во Софија, кое завршило без постигнат компромис. Без дозвола од Организацијата, Аљабакот заминал за Македонија.
По поделбите во Организацијата, Иван Наумов станал близок соборец со Борис Сарафов. Учествувал во Битката на ножот во јули 1907 година. Во август 1907 година, од конгресот на Битолскиот револуционерен округ бил назначен за ревизор на четите на ВМОРО во округот.
Загинал во битка со турската војска на 24 август 1907 година. Бил погребан пред олтарот на црквата во село Белица.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Енциклопедија ВМРО, Скопје, 2015, стр. 198 и 199