Живо месо

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Живо месо“
Оригинален постер
РежисерПедро Алмодовар
ПродуцентАгустин Алмодовар
СценаристРут рендел (роман)
Хорхе Герикаечеварија
Педро Алмодовар
Реј Лорига
Главни улогиХавиер Бардем
Франческа Нери
Либерто Рабал
Премиера12 октомври 1997
Времетраење103 мин
Јазикшпански

„Живо месо“ (шпански: Carne trémula е филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар снимен во 1997 година. Филмот е заснован врз истоимениот роман на Рут Рендел.

Дејство[уреди | уреди извор]

Мадрид, јануари 1970 - Шпанија под режимот на Франко. Младата проститутка Исабел (Пенелопе Круз) се пораѓа во градски автобус и синот го крстува Виктор.

По дваесет години, Виктор (Либерто Рабал) доаѓа на состанок со Елена, наркоманка, ќерка на дипломат со која тој имал секс една недела претходно. Таа го чека дилерот да дојде кај неа, па е незаинтересирана за Виктор и му вели да си оди. Евентуално, вади пиштол и му наредува да замине. Налутен, Виктор се бори со неа за пиштолот и притоа тој пука.

Сосед го слуша пукотот и вика полиција; веднаш потоа, двајца полицајци пристигнуваат. Постариот полицаец, Санчо (Хосе Санчо) е нестабилен алкохоличар кој се сомнева дека жена му го изневерува. Младиот полицаец Давид (Хавиер Бардем) е трезен и сака чисто да ги завршува работите. Преку прозорецот забележуваат како Виктор се бори со девојката. Кога влегуваат во станот, Виктор ја држи Елена како заложник. Давид се обидува да го смири и успева да го натера да го остави пиштолот наземи, а на Елена ѝ вели да избега. Но Санчо продолжува да му се заканува на Виктор, со кого почнуваат борба за пиштолот, по што се слуша уште еден истрел кој го погодува Давид.

По шест години, Виктор е во затвор и гледа кошаркарски натпревар на хендикепирани лица. Парализираниот Давид е главниот играч, а неговата сопруга Елена навива за него од публиката. Виктор незалудно го минал времето в затвор – учел, вежбал и се образовал на разни теми. Пред да го ослободат од затвор, мајка му починува и му остава малку пари и куќа во сиромашен кварт. Откако излегува од затвор, прво оди на гробот на мајка си, а таму ја здогледува Елена која е на погребот на татко ѝ.

Напуштајќи ги гробиштата, ја здогледува и сопругата на Санчо, Клара (Анхела Молина). Неа ја привлекува ентузијазмот и доброто тело на Виктор, па се нафаќа да го научи како да води љубов. Евентуално, таа се вљубува во него.

Елена веќе не користи дрога и води сиропиталиште. Таа му кажува на Давид дека се сретнала со Виктор. Давид оди кај Виктор и му се заканува да не се доближува до жена му. Виктор започнува волонтерска работа во сиропиталиштето, кои го примаат бидејќи е образован и знае да работи со деца. Елена не се согласува со оваа одлука, но нема доволно аргументи зошто да го отпушти. Елена сака да го напушти сиропиталиштето за да избега од него.

Давид не може да стави крај на својата параноја, па го следи Виктор и дознава дека има тајна врска со Клара. Исто така, дознава дека Виктор работи во сиропиталиштето на Елена и повторно се соочува со него, но тогаш Виктор му кажува дека раката на Санчо го повлекла чкрапалото. Потоа, Давид ѝ кажува на Елена за разговорот со Виктор и ѝ открива дека Санчо пукал во него бидејќи имал афера со жена му. Елена е вознемирена, но сепак планира да го напушти сиропиталиштето. Виктор ѝ кажува на Елена дека планот за одмазда му бил да стане најдобриот љубовник на светот, да води љубов со неа цела вечер, а потоа да ја остави сама, но сѐ уште ја сака за да го стори тоа. Елена се препушта на една ноќ страст под услов потоа Виктор да ја остави на мира.

Елена му кажува на Давид дека го изневерила, но, и покрај тоа што таа планира да остане покрај него, тој подготвува негова одмазда. Виктор ѝ раскинува на Клара, која не може да го поднесе насилниот ѝ сопруг. По жешка расправа, таа сака да го напушти Санчо. Давид доаѓа кај Санчо со фотографии кои покажуваат дека Клара и Виктор биле љубовници. Санчо и Давид одат кај Виктор, каде Санчо пука и ја убива Клара, која пак го ранува Санчо и тој на крај се самоубива.

На крај, Давид пишува писмо на сопругата извинувајќи се за настаните. Во сиропиталиштето е Божиќ, а на Елена ја фаќаат породилни болки. На патот кон болницата е ужасна гужва, па Виктор му зборува на нероденото бебе дека и тој е роден на сличен начин, но дека веќе стравот од режимот на Франко е исчезнат.

Награди[уреди | уреди извор]

• 1998 – Гоја награда за најдобра споредна улога (Хосе Санчо).