Железна завеса

Од Википедија — слободната енциклопедија
Земјите зад Железната завеса се во црвено. Југославија, и покрај комунистичкиот режим, била независна од Источниот блок, Албанија ги прекинала односите со Советскиот Сојуз во 1960 година, кога се ориентирала кон Кина.

Железна завеса е поим кој бил употребуван за време на Студената војна од западноевропските држави и САД за таканаречената граница помеѓу демократските држави на запад и комунистичките држави на исток во Европа. Изразот железна завеса прв го употребува Винстон Черчил на 5 март 1946 година на предавање на американски универзитет и нагласил дека „од Шчеќин на север, па до Трст на југ, се спушти железната завеса, која тешко ќе биде крената...“. По завршувањето на Втората светска војна, со договорот од Јалта, источноевропските држави како Југославија, Бугарија, Албанија, Романија, Унгарија и Полска потпаѓаат под советско влијание, додека пак Грција и Турција под западноевропско-американско влијание. Но незадоволството на големите сили, како СССР и САД, ескалирало со заострување на односите помеѓу нив и спуштање на тн. железна завеса. Во реалниот свет навистина било така: било речиси навозможно да се влезе на територијата на комунистичките држави (освен во СФРЈ), биле заострени пограничните патроли, дури биле и поставувани ракети и друго тешко оружје и артилерија на границите на државите. Но со распадот на комунизмот во Европа во 90-те години, таа „железна завеса“ повеќе не постои.