Прејди на содржината

Дубровски

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Дубровски“ (руски: Дубровский) — краток роман на рускиот писател Александар Сергеевич Пушкин.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот се состои два дела со вкупно 19 глави.

Прв дел (1-8 глава)

[уреди | уреди извор]

Во селото Покровско живее богатиот и моќен дворјанин, генералот во пензија Кирил Петрович Троекуров, а во соседното село Кистеневка живее сиромашниот офицер во оставка, Андреј Гаврилович Дубровски. Тие се стари другари, но поради банална кавга го прекинуваат пријателството. Тогаш, Троекуров поднесува тужба против Дубровски со намера да му го одземе имотот. Судот ја усвојува неговата тужба, а веднаш по неправедната пресуда Дубровски паѓа болен. По тој повод, од Петроград доаѓа неговиот син, Владимир Дубровски, кој го напуштил домот пред 12 години. По пресудата, Троекуров оди во Кистеневка со намера да се смири со Андреј, но Владимир го брка од имотот, зашто во тој миг умира татко му. По закопот, на имотот на Дубровски пристигаат претставниците на власта за да го преземат имотот, но Владимир ја пали родната куќа и бега во непознат правец. Набрзо, во околината се шират гласовите за разбојниците кои ги предводи Владимир Дубровски. Во тоа време, Троекуров најмува приватен учител за својот вонбрачен син – Французинот Дефорж во кого се заљубува неговата ќерка, Марија (Маша) Троекурова.[1]

Втор дел (9-19 глава)

[уреди | уреди извор]

За време на еден црковен празник, на гозбата што ја приредува Троекуров доаѓа и Спицин, кој на судот лажно сведочел против Андреј Дубровски. Ноќта, него го ограбува Дефорж, кој му се претставува како разбојникот Дубровски. Всушност, некое време претходно, на една станица, Владимир Дубровски го сретнал францускиот учител Дефорж и му дал многу пари во замена на неговите лични документи, а потоа дошол кај Троекуров, лажно претставувајќи се како Дефорж. Три недели по неговото доаѓање, тој ја повикува Маша на тајна средба на која ѝ се разоткрива, искажувајќи ѝ ја својата љубов и соопштувајќи ѝ дека мора веднаш да побегне по исказот на Спицин. Една година подоцна, во блиското село се населува богатиот и стар кнез Верејски, кој ја бара Маша за жена. Тогаш, Дубровски повторно се среќава со Маша и ѝ дава прстен, нудејќи ѝ заштита и канејќи ја да побегне со него. Маша му пишува писмо на кнезот со молба да ја повлече брачната понуда, но татко ѝ дознава за тоа и веднаш ја закажува свадбата, а дотогаш за заклучува во собата. Со помош на братчето Саша, Маша се обидува да го извести Дубровски за својата судбина, но обидот пропаѓа и утредента неа ја венчаваат за кнезот. На патот кон неговиот имот, кочијата со младенците ја пресретнуваат разбојниците. Во борбата, кнезот го ранува Дубровски кому Маша му кажува дека задоцнил и дека таа е веќе омажена, по што тој си заминува без да му наштети на кнезот. По некое време, војската го напаѓа шумското засолниште на разбојниците, кои успеваат да го одбијат нападот. Сепак, подоцна, власта испраќа уште поголема војска, но во меѓувреме Дубровски ја распуштил дружината, а тој пребегал во странство.[2]

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Делото се одликува со занимливата содржина која брзо го освојува читателот, така што книгата се чита во еден здив. Притоа, во врвицата од настани се прикажани бројни исечоци од животот во Русија во тоа време. Иако ова е историско дело, тоа му овозможува на читателот да ги воочи лошите и добрите страни на животот, исполнувајќи го со убави доживувања и со благородни чувства. Особено е интересен ликот на главниот јунак кој, иако е исполнет со омраза кон својот непријател, сепак се одликува со благородна душа, зашто тој во својата суштина не е разбојник, туку само им дели правдина на вистинските разбојници кои го мачат и го ограбуваат народот.[3]

Изданија на македонски јазик

[уреди | уреди извор]

Романот бил објавен на македонски јазик во 1960 година од издавачката куќа „Кочо Рацин“, како деветта книга од библиотеката „Галеб“. Преводот го направил Александар Џукески. Книгата, со обем од 99 страници, била испечатена во печатницата „Гоце Делчев“ во октомври 1960 година, во тираж од три илјади примероци. Таа не е каталогизирана и ја нема ознаката ISBN.[4]

  1. А. С. Пушкин, Дубровски. Скопје: Кочо Рацин, 1960, стр. 5-46.
  2. А. С. Пушкин, Дубровски. Скопје: Кочо Рацин, 1960, стр. 47-92.
  3. А. Џукески, „Александар Сергеевич Пушкин“, во: А. С. Пушкин, Дубровски. Скопје: Кочо Рацин, 1960, стр. 94-95.
  4. А. С. Пушкин, Дубровски. Скопје: Кочо Рацин, 1960, стр. 99.