Прејди на содржината

Друштво на физичарите на Република Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Друштво на физичарите на Република Македонија
КратенкаДФРМ
Основана1949
Виднаучно здружение
Седиштеул. Архимедова 3
МестоСкопје, Македонија Македонија
Службени јазицимакедонски
ПретседателЛамбе Барандовски
Главно телоУправен одбор
Мреж. местоdfrm.org

Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) — научна и образовна организација основана во 1949 година во Скопје, Македонија. Официјалното нејзино седиште се наоѓа во просториите на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Друштвото е претставителна организација на сите кои се занимаваат со физика, или некоја од сродните науки, во Република Македонија. Истото се појавува како организатор на регионалните (од 1967 година) и републичките (од 1957 година) натпревари по физика за ученици од основното и средното образование. А, од 2013 година на Републичката олимпијада по физика. Секоја година на овие натпревари учествуваат повеќе од 500 ученици, од кои се бираат најдобрите за да ја претставуваат Македонија на Меѓународната олимпијада по физика. Водачот на македонскиот тим на олимпијадата се избира меѓу членовите на Друштвото, а досега оваа функција ја имаат извршувано Проф. д-р Виктор Урумов (1995 - 2011) и г-дин Станиша Вељковиќ (2012 - ). На оваа престижна маѓународна научна олимпијада, македонските претставници досега имаат освоено еден бронзен медал и пет пофалници.

ДФРМ исто така организира и биенална конференција, која често е посетувана од бројни еминентни физичари од разни земји. Конференцијата трае три до пет дена.

Организација

[уреди | уреди извор]

Друштвото го избира своето претседателство и останати функции на двегодишни мандати меѓу сите свои членови. Неговите управни тела се Извршен одбор, Комисија за натпревари и Редакција. Претседателот, секретарот и благајникот на Друштвото се избрираат од членовите на извршниот одбор. Моментален претседател на ДФРМ е проф. д-р Ламбе Барандовски.

Издавачка дејност

[уреди | уреди извор]

ДФРМ издава две списанија: Импулс и Македонски наставник по физика. Има и богата издавачка дејност во вид на книги.