Гривест павијан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Гривест павијан[1]
Hamadryas baboon.jpg
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Цицачи
Ред: Примати
Семејство: Старосветски мајмуни
Племе: Павијани
Род: Павијан
Вид: Гривест павијан
Биномен назив
Papio hamadryas
(Linnaeus, 1758)[3]
Распространетост на гривестиот павијан

Гривест павијан или гривест бабун (науч. Papio hamadryas) — вид бабун од семејството на старосветските мајмуни (Cercopithecidae). Може да се најде најсеверно од сите бабуни. Домородец е на Африканскиот Рог и југозападниот крај на арапскиот полуостров. Овие области обезбедуваат живеалишта со помалку грабливци од централниот и јужниот дел на Африка, каде живеат другите видови на бабуни. Гривестиот бабун бил свето животно за античките Египќани и се појавува во различни улоги во религијата на древен Египет, па затоа понекогаш може и да се сретне под името „свет бабун“.

Физички опис[уреди | уреди извор]

Мажјаците и женките се распознаваат по разликите во бојата и големината.

Освен очигледната разлика во големината помеѓу половите (мажјаците се обично два пати поголеми од женките), што е карактеристично за сите бабуни, кај овој вид исто така се појавува полов диморфизам во бојата. Крзното на мажјаците е сребрено-бело и имаат изразена грива која ја развиваат на возраст од околу десет години, додека женките се кафени и ја немаат споменатата грива. Нивните лица може да бидат во различни нијанси на црвена и кафена.

Мажјаците имаат должина до 80 сентиметри и тежина од 20-30 килограми; женките должина до 40-45 сентиметри и тежина од 10-15 килограми.[4] Опашката додава дополнителни 40-60 сентиметри на должината. Опашката завршува со мало перче. Бебињата се темна боја, која се осветлува по околу една година. Женките на гривестите бабуни достигнуваат полова зрелост на возраст од околу 51 месец, а мажјаците на возраст од помеѓу 57 до 81 месец .

Екологија[уреди | уреди извор]

Гривестиот бабун јаде овошје во заробеништво и покрај тоа што не е вообичаен дел од неговата исхрана во дивината.

Распространетоста на бабунот се протега од Црвеното Море во Еритреја до Етиопија, Џибути и Сомалија. Бабуните се исто така домородци во југоисточниот дел на Арапскиот Полуостров, во Јемен и Саудиска Арабија.[2] Гривестиот бабун живее во полу-пустински услови, савани и карпести предели, поради потребата од карпи за спиење и снабдување со вода. Гривестиот бабун е сештојад и е прилагоден на релативно сувото живеалиште. За време на влажните периоди од годината, бабунот се храни со најразлични видови храна, вклучувајќи цветови, семиња, треви, диви корења и листови од дрвата Акација.[5] За време на сушните периоди, бабуните се хранат со листови од растението Dolbera glabra и листови од растението сизал (науч. Agave sisalana). Гривестите бабуни исто така се хранат со инсекти, рептили и мали цицачи. Дури е виден бабун кој носел мртов дик-дик. [6]

Пиењето вода на бабуните исто така зависи од периодот од годината. За време на влажниот период, бабуните лесно доаѓаат до вода. За време на сушниот период, тие се снабдуваат од најмногу три бунари.[6] Бабуните ја прават попладневната дремка покрај бунарите. Гривестите бабуни исто така копаат бунари на кратко растојание од природните бунари.[6]

Поведение[уреди | уреди извор]

Организација на група [уреди | уреди извор]

Заеднички харем на гривестите бабуни

Бабунот има необичен друштвен систем од четири степени, наречен општество со повеќе степени. Најголемиот дел од меѓусебните односи се случуваат во мали групи наречени единици на еден мажјак или хареми, кои содржат еден мажјак и до десет женки кои мажјакот ги води и заштитува. Харемот обично вклучува еден т.н. „следбеник“ (мажјак) кој може да биде во сродство со водачот.[6][7][8] Два или повеќе хареми формираат кланови.[9] Во клановите, доминантните мажјаци на харемите се веројатно во блиски роднински врски и имаат хиерархија базирана на возраста.[10][11] Следниот степен се дружините. Два или четири кланови формираат дружини кои можат да бројат до 200 единки, кои обично патуваат и спијат во група.[6][7][11] И мажјаците и женките ретко ги напуштаат нивните дружини. Доминантните мажјаци ги спречуваат бебињата и младите да комуницираат со бебиња и млади од другите дружини. Дружините може да се тепаат меѓусебно за храна и сл., при што возрасните мажјаци водичи на харемите се обично оние кои се тепаат.[6][8] Дружините во својот состав содржат и мажјаци кои се самци и не се ниту водачи на харем, ниту следбеници, туку слободно се движат низ дружината. Неколку дружини може да се соединат за да оформат трупа. Неколку дружини во една трупа обично делат површина од карпа каде спијат.[6][7][11]

Групно поведение[уреди | уреди извор]

Требење на крзното

Гривестиот бабун е различен од останатите бабуни и макаки по тоа што општественото уредување му е строго патријархално.[12] Мажјаците ја ограничуваат слободата на движење на женките, групирајќи ги со визуелни закани и влечејќи или гризејќи ги оние кои ќе залутаат .[13] Мажјаците понекогаш прават хајки по другите хареми со цел да им ги грабнат женките, при што се случуваат насилни пресметки. Многу од мажјаците успеваат да земат женка од другиот харем, нешто што се нарекува „превземање“.[7][13][14] Обично овие насилни пресметки се придружени со визуелни закани. Визуелните закани може да бидат во вид на превртување на очните капаци и подигнување на усните со цел да се покажат забите. Како и кај многу други видови, бебињата на бабуните се земаат како заложници од страна на мажјаците во овие пресметки.[8] Дополнително, женките претпочитаат одредени мажјаци, а противниците на тие мажјаци го почитуваат изборот на женките .[15] Колку помалку женката покажува дека ги сака мажјаците од харемот каде припаѓа, толку е полесно противниците да ја грабнат при хајките.[15] Млади мажјаци, најчесто следбеници, можат да почнат сопствени хареми убедувајќи ги понезрелите женки да ги следат.[15] Мажјакот, исто така, може да ја грабне незрелата женка сосила.[15] Како и да е, мажјакот ќе се пари со женката само кога ќе созрее полово. Старите мажјаци често ги губат женките, кои преминуваат кај следбениците, па штом се случи тоа истите почнуваат да губат килограми и нивното крзно почнува да ја менува бојата во кафена, како кај женките.[15] Иако мажјаците кај другите видови бабуни преминуваат во други трупи подалеку од своите роднини мажјаци, мажјаците на гривестиот бабун остануваат во клановите во кои се родиле (или во дружините каде се родиле) одржувајќи ги врските со своите роднини.

Мажјаци со женка и млади

Се сметало дека гривестите бабуни ги отстрануваат женките од групите каде имаат роднини од ист пол.[10] Сепак, подоцнежните истражувања покажале дека женките ги одржуваат блиските врски со нивните роднини од ист пол во времетраењето на нивниот живот.[12] Женките можат да потрошат исто толку време во друштво на други женки колку и со мажјаци од нивниот харем, а некои дури и контактираат со женки од други хареми.[12] Дополнително, не е чудно за женки кои се роднински поврзани да завршат во ист харем.[12]  Женките можат да останат поврзани и да помагаат на нивните проширени семејства и покрај тоа што меѓусебните односи се контролирани од страна на мажјаците од харемот.[12]

Женките во еден харем не покажуваат никаква доминација во меѓусебните врски слично на другите видови бабуни и макаки. Мажјаците од харемите, потиснуваат било какво насилство меѓу женките и спречуваат појава на било каква хиерархија.[6][8] И покрај тоа, се појавиле друштвени разлики меѓу женките. Некои женки се поактивни друштвено и имаат посилни друштвени врски со водачот на харемот. Овие женки, познати како „централни женки“, остануваат во поголема близина на водачот на харемот од останатите женки.[8] Женките кои поминуваат повеќе време подалеку од водачот на харемот се наречени „периферни женки“.[8]

Размножување[уреди | уреди извор]

Мажјак, женка и бебе

Како и другите бабуни, гривестиот бабун се размножува несезонски. Најголемиот дел од парењето го извршува доминантниот мажјак во друштвена единица која има еден мажјак, иако останатите мажјаци можат да успеат да се спарат со некои од женките.[6][8][10][16] Обврските за одгледување на младите во најголем дел припаѓаат на женките. Тие ги дојат и негуваат младите, а една женка во дружтвена единица може да негува и бебе кое не е нејзино. Како и сите бабуни, гривестите бабуни се интересираат за нивните млади и им даваат многу внимание. Доминантните мажјаци ги спречуваат другите мажјаци да дојдат во близок контакт со нивните млади. Тие исто така ги заштитуваат младите од грабливци. Дополнително, ги поднесуваат младите, ги пренесуваат од едно место на друго и си играат со нив.[6] Кога нов мажјак ја грабнува женката, кај неа се појавуваат отоци на половите органи кои може да претставуваат прилагодување со цел да се спречи новиот мажјак да го убие потомството на претходниот мажјак.[17] Кога мажјаците достигнуваат пубертет, тие развиваат интерес да ги одгледуваат младите во групата.[6] Тие ги киднапираат бебињата намамувајќи ги подалеку од нивните хареми и канејќи ги да се качат на нивните грбови. Ова е честа појава кај мажјаците следбеници. Ова киднапирање може да доведе до дехидрирање или гладување кај младите.[14] Водачот на харемот ги спасува младите од нивните грабнувачи, најчесто за да го заштитат нивното потомство.

[14]

Односи со луѓе[уреди | уреди извор]

Приказ на гривест бабун како богот Тот (околу 1400 година ПНЕ), во Британскиот Музеј

Прикази во културата[уреди | уреди извор]

Гривестите бабуни често се појавуваат уметноста на древен Египет, бидејќи биле сметани за свети од страна на Тот,[18] големо и моќно божество со многу улоги вклучувајќи ја и онаа како писарот на боговите. Астену, помошник на Тот, е прикажан како гривест бабун во неговата улога на записничар на резултатот од мерењето на срцето и како еден од четирите гривести бабуни кои го чуваат езерото на огнот во Дуат, подземјето на древниот Египет. Претходник на Астену од праисториски Египет бил Баби, или „Бикот на бабуните“, крвожеден бог кој се сметало дека ги јаде внатрешните органи на мртвите кои биле неправедни во текот на својот живот. Баби се сметало дека на мртвите кои воделе праведен живот им давал дополнителна сила и им помагал да стигнат до египетскиот рај.

Понекогаш дури и Тот се појавувал во облик на гривест бабун (често прикажан како ја носи месечината на својата глава), како варијација на неговото најчесто прикажување како силуета со глава во облик на ибис. Хапи, еден од четирите хорови синови кој ги чувал органите на починатите во религијата на древен Египет, исто така е прикажан со глава на гривест бабун: Хапи ги заштитувал белите дробови, од каде доаѓа обликувањето на капакот на теглата за чување белите дробови на починатите во вид на глава на гривест мајмун. Гривестите мајмуни биле почитувани бидејќи голем дел од нивните навики биле сметани за обожување на сонцето.[18]

Статус и зачувување[уреди | уреди извор]

Изменувањето на средината каде живеат е главната закана за опстанокот на гривестите бабуни. Единствените грабливци кои се закана за гривестиот бабун се пругастата хиена, точкастата хиена и африканскиот леопард кои се уште живеат во областите каде живее и гривестиот бабун. МСЗП го вброил овој вид во списокот за „низок ризик“ во 2008.[2] Нема поголеми закани за преживување на овој вид во моментот, иако локално може да е под ризик поради големото прожирување на земјоделието и губењето на живеалиштата.[2] Видот може да се најде во националниот парк Јангуди Раса, прибежиштето за див свет Харар и одреден број резервати во долината Аваш и северна Еритреја.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Groves, C. (2005). Wilson, D. E., & Reeder, D. M (уред.). уред. Mammal Species of the World (III издание). Baltimore: Johns Hopkins University Press. стр. 166-167. ISBN 0-801-88221-4. http://www.bucknell.edu/msw3/browse.asp?id=12100586. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Gippoliti, S. & Ehardt, T. (2008). „Papio hamadryas“. Црвен список на МСЗП - загрозени видови во 2008 година. МСЗП 2008. Вчитано на 4 January 2009. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „iucn“ е зададен повеќепати со различна содржина. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „iucn“ е зададен повеќепати со различна содржина. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „iucn“ е зададен повеќепати со различна содржина. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „iucn“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  3. Linnaeus, Carl (1758). Systema naturæ. Regnum animale. (10 издание). стр. 27. http://www.biodiversitylibrary.org/item/80764#page/37/mode/1up. посет. 19 ноември 2012 г. 
  4. "Sacred Baboon (Papio hamadryas)".
  5. Swedell 2002:b
  6. 6,00 6,01 6,02 6,03 6,04 6,05 6,06 6,07 6,08 6,09 6,10 6,11 Kummer, 1968
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Swedell 2006
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 8,6 8,7 Stammbach, 1987
  9. Schreier and Swedell 2009
  10. 10,0 10,1 10,2 Sigg and Stolba et al. 1982
  11. 11,0 11,1 11,2 Abegglen, 1984
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 12,4 Swedell 2002
  13. 13,0 13,1 Swedell and Schreier 2009
  14. 14,0 14,1 14,2 Swedell and Tesfaye
  15. 15,0 15,1 15,2 15,3 15,4 Kummer 2001
  16. Swedell and Saunders 2006
  17. Zinner, D., T. Deschner, 2000.
  18. 18,0 18,1 The Baboons and Monkeys of Ancient Egypt Royce Hiller, Tour Egypt.net

Литература[уреди | уреди извор]

  • Kummer, H. (1968) Social Organisation of Hamdryas Baboons. A Field Study. Basel and Chicago: Karger, and University Press.
  • Sigg, H, Stolba, A, Abegglen, J. -J. and Dasser, V. (1982) "Life history of hamadryas baboons: Physical development, infant mortality, reproductive parameters and family relationships". Primates, 23(4): 473-487.
  • Abegglen J. J. (1984) On Socialization in Hamadryas Baboons. Blackwell University Press.
  • Stammbach, E. (1987) "Desert, forest, and mountain baboons: Multilevel societies". pp. 112–120 in Primate societies. B. Smuts, D. Cheney, R. Seyfarth, R. Wrangham. University of Chicago Press.
  • Zinner, D., T. Deschner. (2000) "Sexual swellings in female hamadryas baboons after male take-overs: 'Deceptive' swellings as a possible female counter-strategy against infanticideticide". American Journal of Primatology, 52(4): 157-168.
  • Kummer, H. "A Male Dominated Society: The Hamadryas Baboon of Cone Rock, Ethiopia.", pg 376-377 of The Encyclopedia of Mammals, 2nd edition (2001) MacDonald, D. (ed) Oxford University Press.
  • Swedell L (2002) "Affiliation among females in wild hamadryas baboons (Papio hamadryas hamadryas)". International Journal of Primatology 23(6): 1205-1226.
  • Swedell, L.(2002):b "Ranging Behavior, Group Size and Behavioral Flexibility in Ethiopian Hamadryas Baboons (Papio hamadryas hamadryas)". Folia Primotal., 73:95-103.
  • Swedell L, Tesfaye T (2003) "Infant Mortality After Takeovers in Wild Ethiopian Hamadryas Baboons". American Journal of Primatology 60(3): 113-118.
  • Swedell, L. 2006. Strategies of Sex and Survival in Hamadryas Baboons: Through a Female Lens. Pearson Prentice Hall.
  • Swedell L, Saunders J (2006) "Infant Mortality, Paternity Certainty, and Female Reproductive Strategies in Hamadryas Baboons". In Reproduction and Fitness in Baboons: Behavioral, Ecological, and Life History Perspectives (Swedell L, Leigh SR, eds), pp 19–51. New York, Springer.
  • Schreier A, Swedell L (2009) "The Fourth Level of Social Structure in a Multi-Level Society: Ecological and Social Functions of Clans in Hamadryas Baboons", American Journal of Primatology 71(11): 1-8.
  • Swedell L, Schreier A (2009) "Male aggression towards females in hamadryas baboons: Conditioning, coercion, and control". In: Sexual Coercion in Primates and Humans: An Evolutionary Perspective on Male Aggression Against Females (Muller MN, Wrangham RW, eds), pp 244–268. Cambridge, MA, Harvard University Press.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]