Витешки роман

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Витешки или рицарски роман уште наречени витешки романси — приказна во проза или стихови популарна помеѓу благородничките кругови во доцниот среден век. Станува збор за фантастични приказни исполнети со чудесни авантури најчесто на некој витез, со јуначки карактер, кој заминува на поход. Сепак „нагласокот е на љубовта и дворските манири, за разлика од т.н. шансон де жест и друг вид на епски творби во кои нагласокот е на машкото воено јунаштво.“[1] Романсите главно црпеле од народното творештво, особено од легендите и бајките, приспособени да одговараат на вкусот на тогашните читатели/слушатели, но некаде околу 1600 овие приказни повеќе не биле во мода. Мигел де Сервантес токму во овој период ги исмева овие приказни преку Дон Кихот. Сепак, денешната слика за средниот век е повеќе под влијание на овие романи отколку на која било друга средновековна форма, така што самиот збор средновековно пробудува слики на витези, девојки во опасност, змејови и сл.[2]

Вообичаено, овој тип на книжевност бил пишуван на англо-нормански, старофранцуски, окситански, провансалски, а подоцна и на португалски, шпански, англиски, италијански (особено во склоп на сицилијанската поезија) и германски јазик. Почнувајќи од ХIII век, романсите биле сѐ повеќе пишувани во проза. Тие биле читани од страна на дворјаните, но истовремено некои од нив биле изведувани пред жителите на кралскиот двор. Францускиот поет, Кретјен де Троа е еден од најпознатите творци на овие романи. Приказните за Кралот Артур и витезите на округлата маса се најпознат пример за овој тип на романи. Во современата книжевност мотивите од витешките романси се најприсутни во фантастичните романи, како Господарот на прстените на Џ.Р.Р. Толкин или Песна за мраз и оган на Џорџ Р.Р. Мартин.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Chivalric romance“, кај Chris Baldick, ed., Oxford Dictionary of Literary Terms, 3rd ed. (Oxford University Press, 2008).
  2. C. S. Lewis, The Discarded Image, p. 9 ISBN 0-521-47735-2