Википедија:Избрана статија/2020/43

Од Википедија — слободната енциклопедија

Флуорирање на водата — контролирано додавање флуориди во водата за пиење со цел да се намали расипувањето на забите. Флуорираната вода содржи флуориди на ниво, кое ќе биде делотворно за заштита од кариес; таа може да настане по природен пат или со додавање флуориди. Флуорираната вода влијае на површината на забите, односно во устата образува ниски нивоа на флуориди во плунката, со што се намалува степенот со кој глеѓта ги намалува минералните состојки и го зголемува степенот за повторно создавање минерални состојки во раната фаза на кариесот. Најчесто во водата за пиење се додава смеса од флуориди, постапка која во САД просечно чини околу 0,92 долари по човек годишно. Дефлуоридацијата е потребна доколку природното ниво флуориди ги надминува препорачаните граници. Комисија од стручњаци на Светската здравствена организација во 1994 година предложила ниво на флуориди од 0,5 до 1,0 мг/л (милиграм во литар), зависно од климата. Водата во шишиња најчесто има непознато количество флуориди, а некои вградени филтри за вода отстрануваат дел од флуоридите или сите флуориди.

Забниот кариес во повеќето развиени земји претставува најголема грижа за јавното здравје и опфаќа 60-90% од учениците и голем дел од возрасните, а неговото лекување општеството го чини многу повеќе отколку лекувањето на која било друга болест. Флуоридирањето на водата штити од кариес како кај децата така и кај возрасните. Проценките од истражувања покажале дека со флуоридација на водата може да го намали кариесот од 18-40% кај деца кои користат таква вода и кои веќе имаат пристап до паста за заби и други извори на флуориди. Иако флуорирањето на водата може да предизвика флуороза на забите, која може да го промени изгледот на забите во развој, сепак најчесто таа е слаба и не се смета за естетски или здравствен проблем. Не постои јасен доказ за други непосакувани последици. Истражувањата со умерен квалитет ја истражувале делотворноста; најголем дел од истражувањата за несакани последици биле со низок квалитет. (Дознајте повеќе...)