Видкун Квислинг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Видкун Квислинг во 1919 година.

Видкун Абрахам Лауриц Јонсон Квислинг (Фиресдал 18 јули 1887Осло 24 октомври 1945), норвешки политичар и државник.

Видкун Квислинг бил роден во 1887 година во местото Фиресдал. Својата воена кариера ја започнал многу рано, на 18 години. Воена воздухопловна школа посетувал од 1905 до 1908 година и бил најдобар во својата класа. Во 1917 година бил унапреден во чин капетан. Во периодот 1922 до 1925 година година учествувал во хуманитерни мисии во Советскиот Сојуз и Ерменија, а подоцна бил службеник во норвешката амбасада во Москва. По враќањето во Норвешка влегол во политиката како страствен антикомунист. Бил министер за одбрана (1931—1933), а подоцна формирал и своја партија Народен сојуз. Таа била минорна политичка партија со мал број на следбеници. Народниот сојуз, како политички сродна партија, била помагана од германските нацисти. Квислинг подоцна ќе им се оддолжи при инвазијата на Норвешка бидејќи неговата партија ќе биде петта колона при нападот на Германија на Норвешка.

Со почетокот на Втората светска војна Квислинг одржал бројни состаноци со Хитлер и неговите соработници како би ги уверил во нужноста од освојување на Норвешка. Во април 1940 Германија извршила инвазија на Норвешка, а веќе во мај Норвешка капитулирала. На 9 априла 1940 кралското семејство и членовите на парламентот биле присилени да го напуштат главниот град на Норвешка и се повлекле во местото Елверум. Квислинг по неколку саати од германската инвазија се прогласил за премиер, а Народниот сојуз за единствена легална политичка партија.

До 1942 година Германците официјално не го признавале Квислинг за премиер, се додека тоа не го направи норвешкиот крал Хокон VII, но бидејќи тој упорно одбивал да го направи тоа, Германија таа година ја признала владата на Квислинг. За возврат Квислинг се трудел во норвешкото општество да всади нацистички принципи и пракса, и исто така организирал прогони на Евреите. Покрај тоа спроведувал и терористички методи против оние кои искажувале лојалност спрема кралот и легално избраната влада, а кои после инвазијата престојувале во Лондон. По завршувањето на Втората светска војна Видкун Квислинг бил фатен и осуден на смрт со стрелање. Смртната казна била извршена на 24 октомври 1945 година. Квислинговото име станало синоним за предавство и соработка со непријателот ширум светот, не само во Норвешка.